Македонија
ДУИ: За членови на советот на обвинителите се предлагаат сопартијци на Меџити од „Влен“
„Демократската унија за интеграција остро реагира на обидот за брутална партизација на судството и обвинителството преку партиски интервенции во советот на обвинители. За член на советот на обвинители е предложен Ардијан Демири, член на Демократското движење на Изет Меџити“, соопшти ДУИ.
„Ова е неприфатливо и претставува флагрантно партиско мешање во судските и обвинителските органи.
Пратениците да не прифаќаат партизација на обвинителскиот совет, додека ги повикуваме граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница да реагираат на изборот на партиски кандидати за членови на обвинителскиот совет.
Европската Унија будно ги следи одлуките на Владата и на собранието и овие постапки не оддалечуваат од Европа и европските вредности и не враќаат во заробена држава“, додаваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Измама во Тетово: лекар и адвокати фалсификувале медицински извештаи за да наплатат осигурување
Тетовската полиција поднесе кривична пријава против И.Б.(52) – лекар во Клиничка болница Тетово, поради постоење основи на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување на службена исправа и помагање во врска со измама, против Д.К.(35) и Н.Д.(34), двајцата адвокати, како и против А.Љ.(30), Б.Ф.(25), Н.А.(42), М.Д.(39), Т.Љ.(27), Т.М.(27), Б.Д.(29), С.Д. (21) сите од Тетово.
Првопријавениот, во неколку наврати креирал медицински извештаи со невистинита содржина во корист на други лица, кои биле употребени како доказен материјал во осигурителна компанија и на име на обештетување на нематеријална оштета, исплатиле на жиро сметките на пријавените М.Д., Н.А., С.Д., Т.М. и на Ш.Х., поединечно по 80.000 денари, додека на пријавените Б.Д., Т.Љ. и лицето М.Т. им биле исплатени поединечно по 70.000 денари.
Паричните средства на пријавените Д.М. и лицето Ш.Х. не се лично подигнати, туку од пријавениот Б.Ф., кој претходно зел полномошно за подигање на паричните средства од филијалата на банката и подоцна со полномошно се уплатени на жиро-сметката на пријавениот А.Л..
Пријавените адвокати, го сториле првото кривично дело „злоупотреба на службената положба“ во текот на септември и октомври 2023 година, на начин што полномошното не го добиле лично од странките, туку од пријавениот А.Љ. и извештаите ги доставиле до осигурителната компанија, врз основа на кое била исплатена оштетата на жиро-сметките на пријавените во износ од 610.000 денари.
Останатите пријавени, во текот на септември и октомври 2023 година, свесно ги ставиле на располагање своите лични податоци врз основа на кои било креирано полномошно за подигање на парични средства од филијала на банка во Тетово, врз чија основа биле фалсификувани медицински извештаи.
Македонија
Јанев – Васиљевиќ: Ги дефинираме контурите на идната меѓусебна стратешка и оперативна полициска соработка
Денешната билатерална средба помеѓу Директорот на БЈБ, Александар Јанев и в.д.Директорот на полиција на Република Србија, Драган Васиљевиќ ги дефинираше контурите на идната меѓусебна стратешка и оперативна полициска соработка, која ќе се интензивира континуирано, првенствено во делот на прекуграничната соработка и завршување на финалната фаза за воспоставување на one-stop-shop на граничниот премин Табановце-Прешево, се со цел непречен проток на патници и возила.
Понатаму, иницирана е заедничка соработка за воспоставување на заеднички мото-патролни пунктови долж рутата која поминува низ нашите држави, како и продолжување на упатувањето на полициски службеници за поддршка во текот на летните сезони.
Беше остварена посета на Командно-оперативниот центар кој е организациски поставен во Управата за полиција, со цел размена на искуства за неопходните стандардни оперативни процедури за постапување и 24 часовно присуство на претставници од сите релевантни служби.
Од страна на српските колеги, презентирано е иновативно решение за е-полициска станица, која функционира без присуство на полициски службеници, а нуди одредени услуги за пријава на кривични дела и прекршоци, како и одредени граѓански постапки за издавање на лични документи.
Во рамки на Центарот за обука на полициски службеници, оперативно-тактичкиот тим во рамки на Одделот за борба против организиран криминал прикажа кратка тактичко-показна вежба и капацитетите за лишување од слобода на високо ризични сторители на кривични дела.
На крајот на посетата, донесен е заеднички заклучок за иницирање на редовни средби помеѓу релевантните служби на сите нивоа пред се во заедничка размена на искуства, информации за појави, реални закани, начини на нивно превенирање и сузбивање, спроведување на заеднички обуки за полициските службеници за разни области од полициското постапување.
Работиме интензивно за намалување на бирократските процедури во полза на ефикасната и ефективната секојдневна полициска соработка, бидејќи колективната безбедност на граѓаните е нашата мисија.
Македонија
Битола во последни подготовки за празничната магија: професионално лизгалиште како главна атракција на зимската приказна 2024
„Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“ – фестивалот кој ја претвора Битола во празнична туристичка атракција од 20 декември до 6 јануари, велат од оваа општина.
„Битола оваа зима ќе заблеска во празничен сјај со нова и досега невидена атракција – професионално лизгалиште кое ќе биде поставено на амбиенталниот плоштад Магнолија. Оваа централна атракција ќе го означи и официјалното отворање на годинешната Зимска приказна под слоганот „Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“, која ќе трае од 20 декември до 6 јануари“, најавуваат од таму.
Лизгалиштето ќе биде достапно за сите граѓани и посетители на градот во текот на еден цел месец, нудејќи забава и зимска магија за сите генерации. Според најавите од Општина Битола и ЈП „Паркинзи“, подготовките за поставување на оваа празнична инсталација започнуваат овој викенд. Во овој период, граѓаните се замолуваат за трпение и разбирање, бидејќи просторот околу плоштадот ќе биде привремено адаптиран за техничките подготовки и монтажата на лизгалиштето.
„Со гордост најавуваме дека Битола оваа година добива уште подобра празнична магија која ќе го привлече вниманието на граѓаните и туристите. Лизгалиштето ќе биде отворено за сите генерации, носејќи забава и незаборавни празнични моменти. Ова е само дел од искуството што го нуди Зимска приказна – фестивал кој ја надминува локалната димензија и ја промовира Битола како празнична туристичка атракција,“ изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на заедничката прес конференција со директорот на ЈП „Паркинзи“, Зоран Михајловски.
Покрај лизгалиштето, Зимска приказна ќе понуди богата програма со празнични активности и содржини кои ќе го исполнат духот на празниците. Внимателно осмислените декорации, музиката во живо, креативните работилници и забавните програми за деца и возрасни ќе бидат само дел од магијата која ќе се случува на плоштадот Магнолија.
Посебна благодарност се упатува до битолските компании кои ја поддржаа реализацијата на Зимска приказна 2024. Нивната поддршка е клучна за креирање на овој празничен амбиент кој ги надминува границите на градот, претворајќи ја Битола во вистинска празнична туристичка дестинација, се нагласува во информацијата.
„Ги покануваме сите граѓани и посетители да бидат дел од оваа зимска магија. Од 20 декември, плоштадот Магнолија ќе биде местото каде што радоста и заедништвото ќе го исполнат секој агол. Зимска приказна не е само фестивал – тоа е приказна што ја живееме заедно,“ порачуваат организаторите.