Македонија
Законот за СЈО не може да стигне на седница на Владата поради блокадата на ДУИ

СЈО да биде надлежно за истрагите отворени по рокот од 30 јуни 2017 година. Ова е предвидено во преодните и завршни одредби на преработениот закон за специјалното јавно обвинителство на Министерството за правда, кој, поради неусогласенота од ДУИ, требало, но не бил разгледуван на синоќешната владина седница, дознава „Макфакс“.
Оваа најнова законска верзија пред неколку недели поминала и под лупата на меѓународни експерти кои дале согласност за законските одредби за статусот на СЈО. Предлог-законот предвидува СЈО да биде автономно, но хиерархиски подредено под државното Јавно обвинителство и да се застапува самото во прв и втор степен пред судовите, а во трет степен пред Врховниот суд тоа да го прави обвинител од ЈОРМ.
Нацрт-законот предвидува предметите што се во фаза на судење, обвиненијата и истрагите отворени по 30 јуни 2017 година, да ги застапува СЈО пред судовите. Мандатот на шефот на СЈО и на обвинителите ќе биде идентичен како и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Предистражните постапки што ги почнало СЈО може да ги преземе и Обвинитеслтвото за гонење организиран криминал и корупција во согласност со надлежноста.
Мандатот на сегашните обвинители во СЈО би бил најмалку една и најмногу до 2 години. По една третина од обвинителите ќе бидат избирани етапно на една година, на една им пол година и на две години, а изборот ќе го прави Советот на јавните обвинители.
Сите желби на СЈО во поглед на тоа што за што да биде надлежно во законот што самите го подготвија не се усвоени. Освен за бомбите, СЈО би било надлежно за кривичното дело попречување на правдата, за дела против изборите и гласањето, за кривични дела што ги сториле функционери преку злоупотреба на службената положба и овластувањето и сл.
Законот, меѓу другото, пропишува прислушуваните материјали да се користат заклучно со 15 септември 2020 година, а бомбите да се уништат една година по правосилната судска пресуда.
Според нашите сознанија, од коалицискиот партнер во власта, ДУИ, засега нема повратна инфромација дали ќе дадат согласност да помине овој закон на владина седница, иако повеќе од една недела текстот на предлог-законот е утврден и им е доставен.
За да помине предлог-законот треба „за“ да гласаат 80 пратеници, кои власта тешко дека ќе може да ги обезбеди. Една од причините поради кои ДУИ се колеба да го поддржи новиот закон за специјалното јавно обвинителство е фактот дека за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е отворена истрага со кодно име „Попис“, како и за вицепремиерот Бујар Османи, истрагата „Пациент“. Неофицијално, дел од осумте пратеници би дале согласност за овој предлог-закон, но тоа не би било доволно без поддршка на сите осуммина.
Координаторот на ДУИ, Артан Груби, за „Макфакс“ рече дека ДУИ ја поддржува работата на СЈО. „Ги усогласуваме ставовите во рамките на коалицијата, но и со сите други парламентарни партии“, рече Груби. Тој вели дека предлогот имал неуставни одредби во однос на хиерархијата на СЈО, а потсети и на начелното правно мислење на Врховниот суд, кој пресече дека по рокот од 18 месеци, ова обвинителство не може да отвора истраги и да поведува обвиненија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Милков: Најважен чекор за заштита на правата на Бугарите во Македонија е вклучувањето во Уставот

„Сакаме во Северна Македонија да бидат заштитени правата на Бугарите. Ние се стремиме кон таква деескалација, која ќе доведе до подобра заштита на правата на Бугарите. Очекуваме практични чекори. Најважниот практичен чекор, секако, е вклучувањето на Бугарите во Уставот“. Ова го изјави во интервју за БТВ бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, за заладените односи со Македонија.
Шефот на дипломатијата одговори и на македонскиот претседател Стево Пендаровски кој рече дека случајот со насилството во Охрид го политизираат одредени политички субјекти во Бугарија.
„Прашањето за почитување на правата на луѓето со бугарска самосвест, како и на бугарските граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и политичко прашање. Тоа е содржано во различни документи. Тоа е вградено во Декларацијата на Националното собрание од октомври 2019 година и не сме должни да реагираме соодветно“, рече Милков.
Според него, односите со Северна Македонија во Бугарија многу поретко се прашање на внатрешна политика отколку во самата Северна Македонија, а во случајот со нападот на Пендиков, несомнено станува збор за злосторство од омраза.
„Мислам дека можам да се повикам на она што македонскиот обвинител го кажа првично. Во првите часови по инцидентот имам чувство дека имало одреден притисок и веднаш морал да признае дека се работи за злосторство од омраза. Самиот обвинител рече дека бил нападнат конкретно како Бугарин и затоа што е Бугарин, што несомнено е злосторство од омраза. Во оваа смисла, мислам дека беа и изјавите на Бујар Османи, кој дојде во посета на Софија и му благодарам на мојот колега министер за овој гест“, рече Милков.
Нагласи дека нападите против Пендиков продолжиле и откако бил пренесен на во Софија – телефонски добивал навреди и закани. Поради заканите, во оваа фаза, Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб во Охрид, нема да се врати во Македонија, туку ќе остане во Бугарија, рече тој.
Македонија
Николовски за Таравари: Тој сака во влада не поради уставните измени, туку поради математика или уцена

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на денешна прес конференција одговарајќи на новинарско прашање за изјавите и постапките на претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, истакна дека за жал од изјавите на Таравари не може да се извлечи заклучок и дека тезата дека АА влегува во владата за да се обезбеди уставно мнозинство од 80 пратеници е смешна, бидејќи сите се свесни дека такво мнозинство нема.
„Јас овој Арбен Таравари не го препознавам, познавам еден друг Арбен Таавари и навистина ми е жал што го гледам во вакво издание. Прво не можеме да извлечеме заклучок од изјавите. Не само што ги менува секој ден, туку и во едно исто интервју или изјава она што ќе го каже во првата минута, самиот го демантира во втората или третата. Една од најсмешните тези е дека влегувал во владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во владата заради математика. Е сега математиката дали е бурек или нешто друго, треба самиот да одговори и да каже, но јасно е дека сакаат да влезат во владата заради математика. На крај тоа е нивна одлука или негова одлука. Можеби е уценет, има и такви работи кои што се слушаат во политичката чаршија, но јас не би сакал да шпекулирам повеќе од ова“ истакна Николоски.
Тој исто така додаде дека во една ваква ситуација на девастирачка економија, криминал и корупција кои цветаат во секој сегмент и дополнително национално понижување, оваа влада нема легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори.
„Според нас во ваква ситуација која сега само е надополнета со случувањата со Бугарија, во ситуација на девастирана економија, на криминал и корупција кои што цветаат во секој сегмент и на дополнително национално понижување, оваа влада нема никаков легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори. Свесни сме дека во рамките на Собранието има пратеници кои што размислуваат различно од оваа влада, а формално се дел од владејачкото мнозинство. Тие пратеници очекувам во следниот период да се охрабрат и Македонија да оди на предвремени парламентарни избори. Така што опцијата е сѐ уште отворена“, заклучи Николоски.
Македонија
Николоски: Новата декларација од Бугарија е најдобар доказ дека бугарските барања немаат крај

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес конференција одговорајќи на новинарско прашање дали смета дека новата Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското собрание значи нова провокација, вели дека таа е најдобриот доказ дека бугарските барања немаат крај, а клучниот проблем е што владата на СДСМ и ДУИ не ја почитува Декларацијата изгласана во македонскиот парламент каде се исцртуваат македонските црвени линии.
Прво со овој предлог на Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското народно собрание уште еднаш се потврдува тезата дека барањата на Бугарија немаат крај. Тоа е најдобар демант на сите оние изјави кои што беа давани во текот на 2017та година дека прашањата со Бугарија се затворени кога се потпиша таканаречениот Договор за пријателство и добрососедство кој што не е ниту за пријателство, ниту за добрососедство и во кој што Македонија беше понижена, особено македонскиот народ со тоа што се прифати дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка односно споделена историја. Така што овие најнови активности на Бугарското народно собрание одат токму во потврда во оваа теза дека бугарските барања немаат крај. Тоа е прво, изјави Николоски.
Второ она кое што многу загрижува е што, да ја потсетам јавноста македонското собрание донесе Декларација во која што беа испишани таканаречените црвени линии кои што владата треба да ги почитува во односите помеѓу Македонија и Бугарија. Ништо од овие црвени линии не е испочитувано. И клучното прашање не е зошто Бугарија носи декларации, тие може какви декларации да си носат, клучното прашање е зошто тие документи кои што македонското собрание ги усвојува и се обврзни, не се почитуваат од владата на СДСМ и ДУИ, нагласи Николоски.