Македонија
ДУИ: Патиките на Артан Груби чинат 138 евра на попуст

Се огласија од ДУИ по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека првиот потпретседател на Владата, Артан Груби, носел скапи патики, кои чинеле колку една македонска просечна плата.
Од партијата велат дека патики чинат 138 евра, симнати на попуст од 212 евра.
„Денешната ВМРО-ДПМНЕ е непрепознатлива, која го пушти низ вода сето свое претходно раководство и се служи со омаловажување на другите преку Гебелска пропаганда. Затоа, Никола Груевски има четирипати поголем рејтинг од Христијан Мицкоски и повеќе од една третина на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат Мицкоски, туку сè уште го сметаат Груевски за свој лидер.
ВМРО-ДПМНЕ треба да се извини за клеветите и за личните навреди упатени кон првиот потпретседател на Владата, г. Груби. Во прилог ви испраќаме доказ за цената на патиките за кои, замислете, се состануваше Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и донесе стратешка одлука да креира уште една лажна вест по наредба на нивниот претседател во својата секојдневна колекција“, велат од владејачката партија.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ го обвини Артан Груби дека носел патики што чинат колку една просечна македонска плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Груевски до членството: Тргнете се од ботовите и платените пропагатори

Експремиерот Никола Груевски порача до членството да се оддалечат од ботовите и платените пропагатори, коментирајќи дека има многу начини да се изрази лојалноста кон партијата.
Груевски го обвини актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека сурово, жестоко и неочекувано го нападнале и обвиниле, а од денес, како што вели, е јасно дека водат однапред подготвена кампања против него, дека наводно подготвувал соработка со власта на штета на партијата и нацијата.
„Тоа го направија во време кога континуирано и без исклучок речиси секојдневно жестоко ја напаѓам власта со сите сили и аргументи, и ги бранам националните позиции со аргументи и со историски факти како ниту еден од раководството на партијата, на чело со Мицковски. И во време кога Мицковски и Заев повеќе од половина година не ги негираа објавите на медиумите за нивна блиска соработка и заеднички планови. А националните позиции на Заев добро ни се познати…не сум изненаден Заев да не ме посакува во ист табор со него.
Со оглед дека нивните напади не се вистина, заради што не можат да ги поткрепат ниту со најмал доказ, зборуваат дека некои други луѓе нешто зборувале и планирале, се договарале, се фалеле или слично, но никаде ме нема мене, па така останува дека тие, пред се водени од Мицковски кој се обидува да ги инволвира сите други, свесно, со намера, подолго подготвувано, со план и стратегија, маркетинг кампања и однапред програмирани чекори започнаа не само напад, туку и валкана кампања против мене, токму со цел да ме направат нивни противник и да ни направат штета. Многу долго време сум бил на таа позиција на која е Мицковски сега, за да не сфатам кои му се намерите и мотивите.
Има повеќе можни причини за тоа, тргнувајки од страв заради крајно нечовечкото однесување кон мене на Мицковски и на овие поединци во раководството на партијата во последните 6-7 години, кои дел ги донесов а дел растеа покрај мене во политиката, па до влијанија од надвор, докажувања некаде, скриени агенди, тајни планови за важни прашања, не чесни планови и нечесен однос, нервоза и незадоволство од некои анкети, лични амбиции и длабоки комплекси на поединци итн.
Со оглед дека од денес ми е јасно дека планот е да водат кампања против мене, ќе морам подетално да ги анализирам овие работи.
На членовите на партијата, активистите и сите во раководството им порачувам да не наседнуваат на вакви погубни стратегии, да размислуваат со своја глава, да бараат цврсти докази кога ги тераат некого да осудат на невидено, за да не се еден ден во ситиација да се извинуваат и да се правдаат, дека биле прелажани, дека слепо некому верувале, дека сега им е криво, не ги знаеле добро работите или слично.
Ова очигледно е голема игра во која сакаат да ве повлечат сите. Да не речете потоа: па што не ни кажа? Па одкаде ние да знаеме сѐ? Тргнете се од ботовите и платените пропагатори. Имате многу начини да ја изразите лојаноста кон партијата без да станете дел од нечесни игри. Толку од постот“, напиша Груевски на социјалните мрежи.
Македонија
(Видео) Кузеска: Мицкоски е бледа копија на Груевски, ДПМНЕ се распаѓа, внатрешниот раскол Мицкоски да не му го товари на СДСМ

ДПМНЕ се распаѓа. Очигледно големи се внатрепартиските проблеми во белата палата и анти-ЕУ кампусот. Јавноста е сведок дека повторно внатрешниот раздор, кавгите и поделбите во ДПМНЕ, кои кулминираат овие денови, Мицкоски се обидува да му ги натовари на СДСМ, истакна на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Обидите за создавање конфузија во јавноста и очајната потреба да ја вмеша и СДСМ во внатрешните поделби и кавги во ДПМНЕ нема да му помогнат на Мицкоски. Очајниот Мицкоски воопшто да не ја меша СДСМ во меѓусебната пресметка и сам да си ги решава кавгите. Впрочем јавноста се уште чека одговори од Мицкоски за диловите со Груевски. Дали со тоа ги прикрива барањата за амнестија на негови сопартијци, заради незадоволство токму од него внатре во неговата партија?“, прашува Кузеска.
Мицкоски, додава таа, е бледа копија на Груевски. Оценува дека политиката на блокада на Мицковски е исто така само копија на оригиналот и очигледно дека има структури во ДПМНЕ што не се задоволни од него.
„СДСМ ќе направи се и нема да дозволи Мицковски или кој било повторно да ни ја земе државата како заложник.
Заедно со граѓаните и со проевропските политички партии ќе продолжиме да се бориме за европска Македонија додека не ја достигнеме државната цел за членство во ЕУ“, нагласи Кузеска.
Македонија
Единствен што се распаѓа е СДС, двајца пратеници не им гласаа за уставни измени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Единствен што се распаѓа е СДС, двајца пратеници не им гласаа за уставни измени, и ДУИ, од која се отцепи фракција, реагираат од опозициската партија на прес-конференцијата на Богданка Кузеска од СДСМ.
„СДС тоне секој ден. Нема анкета на која СДС не губи со разлика од 3:1. ДУИ е пред распаѓање, сите видоа дека се криминално здружение, каде што тендерите се, пред сè. И во СДС и во ДУИ сите знаат дека крајот им се ближи, па бегаат и го напуштаат бродот што тоне“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Власта, како што додаваат, знае дека уставни измени нема да има, па дури и нивни пратеници нема да ги поддржат, затоа креираат вештачки раскол во ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се стопи како мајски снег.