Македонија
ДУИ: Тоа не беше обичен локал, туку неформалното собиралиште на целата политичка, криминална и бизнис-елита на Кочани, сите сѐ гледале, но цела година никој ништо не видел

„Изминаа седум дена болка, молк и солидарност – денови кога целото општество се поклони пред споменот на 59 млади животи што згаснаа трагично, меѓу кои и деца, а стотици други беа повредени. Како Демократска Унија за Интеграција, одбравме да молчиме – од почит“, велат од ДУИ.
„Почит кон жртвите, кон семејствата, кон една национална рана што треба да не обедини, а не да нè подели. Но молкот заврши. И сега мора да се зборува. Од првиот момент на трагедијата, додека пожарот сè уште не беше изгаснат, додека граѓаните во шок бараа одговори и надеж, гледавме како врвот на власта – наместо да сочувствува – започна политичка хајка. Наместо со информации, излегоа со обвинувања.
Наместо со смиреност, со закани. Се впери прстот кон другиот, кон минатото, кон тие што не се дел од нив.
Без да почекаат фактите, ја активираа машинеријата за префрлање вина. Се конструираше приказна според која лиценцата на дискотеката, дадена години претходно за кабаре, стануваше основа за апсење на поранешен министер – со лисици, камери и насловни страници.
Иако сите знаат дека лиценците не се трајни, не се автоматски продолжени, сите знаат дека се минати години откако се истечени, а дури И конкретната – фалсификуваната – завршила 3 дена пред трагедијата.
Сите знаат дека објектот бил запечатен од УЈП пред неколку месеци, а многу наскоро потоа незаконски отворен.
Сите знаат дека во објектот редовно имало недозволиво прекубројна публика, а и самата вечер преку 650 луѓе во објект со капацитет од 300.
Сите знаат дека објектот редовно бил посетуван од малолетници, исто како и кобната вечер дури и до 3 часот по полноќ.
Сите знаат дека на овие забави редовно се користеле пиротехнички средства, и на сите им било јасно дека тоа се прави без дозвола од полицијата, исто како што пиротениката била користена и кобната вечер.
И најважно – сите локални институции, од полиција до инспекторати, го знаеле тоа, го гледале тоа, но не смееле да реагираат.
Сите сѐ гледале – но цела година – никој ништо не видел.
Прашуваме зошто? Зошто навреме не видоа и зошто не спречија? Бидејќи тоа место не беше обичен локал. Тоа беше неформалното собиралиште на целата политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и поширокиот регион.
Од градоначалници, пратеници и партиски претседатели на ограноци, па се до инспектори, командири и функционери – сите биле редовни гости, во блиски релации со сопственикот и неговата екипа; на сите им било јасно дека зад овој објект стојат моќници кои го штитат, и затоа никој ништо не треба да прашува“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.