Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Напредок во преговорите за пругата која се гради еден и пол век: тунелот да биде заеднички проект со Бугарија, а да го плати ЕУ

Вчерашната средба во Брисел за пругата кон Бугарија која се гради повеќе од еден и пол век, премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како исклучително успешна. Од ваквите средби тој очекува не само договор за продолжување на пругата која е дел од Коридорот 8, туку и финансиска поддршка од ЕУ.
„Очекувам ние да ја завршиме пругата од Коридорот 8 од Крива Паланка до влезот во тунелот. Од излезот на тунелот до приклучувањето со постојната пруга, тоа се некои два-три километри, треба да се направи проект и тоа да го реализира Бугарија како држава, вклучително и модернизација на целокупната пруга од Ѓуешево до Софија, а тунелот да биде заеднички проект кој ќе биде финансиран од страна на Европската Унија. Ова се отприлика концептите кон кои треба да конвергира решението. Јас сум задоволен што покажуваме дека можеме да изградиме консензус кога станува збор за заедничкиот интерес“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Владата.
По осуммесечна пауза вчера во Брисел продолжија преговорите за железничкиот Коридор 8, а утрово Министерството за транспорт извести дека ги договориле чекорите за следните месеци и ги идентиикувале приоритетите меѓу кои е и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година.
На состанокот беа државниот секретар во Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП „Железници –инратсруктура“, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов, а состанокот го организираше Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство.
Македонската и бугарската страна се договориле да формираат работни групи кои до крајот на овој месец ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.
Од Министерството за транспорт и врски соопштија дека очекуваат договорот да биде потпишан оваа есен, градежните работи да почнат на почетокот на 2026 година, а тунелот да се гради по техничкиот проект поднесен од нашата земја.
За една година значително се смени ставот на Владата предводена од Христијан Мицкоски за изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Лани, веднаш по доаѓањето на власт премиерот Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ја уверуваа јавноста дека парите наменети за изградба на железничката пруга треба да се пренаменат за реализација на некој друг проект оти „би било лудо да се сложиме како Влада на проект којшто завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милијарда евра народни пари“.
Македонија
Уапсен еден од убијците на припадникот на АРМ во Батинци, обвинителството поведе истрага за двајца соизвршители

Основното јавно обвинителство Скопје денеска поведе истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
На 11 јули во селото Батинци, осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го лишиле од живот сега починатиот Агим Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка.
На наведеното место пристигнале со автомобил “Опел астра” со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две за сега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот „КИА соренто“ во кој биле оштетените.
Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата ќерќа, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство.
Жртвата успеала да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, на што тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле таткото во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди.
„Наредбите издадени од јавниот обвинител до овој момент резултираа со идентификување на лицето сопственик и возач на автомобилот во кој биле сторителите. Тој е лишен од слобода и денеска беше изведен пред судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, каде јавниот обвинител предложи да му биде определена мерка притвор.
Потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите за сега непознати лица инволвирани во настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
СДС и ДУИ ја претворија М-НАВ во партиска филијала за семејни вработувања, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС и ДУИ ја претворија М-НАВ во партиска филијала, напикаа роднини, деца, внуци и коалициски партнери за плати неколкупати поголеми од просечните. За време на СДС и ДУИ само што не настана огромен безбедносен проблем, откако контролорите за летање беа тепани од активисти на ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, СДС и ДУИ скандалозно вработуваа роднини, деца, зетовци, братучеди на пратеници и министри од СДС и ДУИ како на пример како што посочуваат, роднините на министерот Љупчо Николовски, беа менувани и членови на комисијата за прием на работа во МНАВ.
„Дел од партиските вработувања на СДС и ДУИ се: Ветон Кадри, син на пратеничката Шпреса Кадри; Антонио Кочовски зет на тогаш првиот човек на СДС од Охрид, Лазе Танески, роднина на екс-министерот Горан Сугарески.
Партиски вработувања на СДС и ДУИ и нивни блиски роднини се: за претседател на УО на М-НАВ беше поставен Николче Тасески, зет на екс-министерката Рената Дескоска. Таму е вработен и синот на Стевчо Јакимовски, вработена е и братучетка на екс-министерката Јагода Шахпаска од СДС“.
Со СДС и ДУИ, М-НАВ, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, беше претворена во дувло за партиски и роднински вработувања, зад коишто стои партискиот бандитизам.
„Исто така Бујар Османи си ја вработи сестрата Артан Груби- снаата; Ејуп Алими (експратеник на ДУИ) – две снаи и син; Беким Незири (притворен како предводник на групата тепачи) – внук.
СДС и ДУИ се синоним за непотизам“, подвлекуваат од оваа партија.