Македонија
Единствена Македонија: НАТО и ЕУ се само параван за пљачката на буџетот од пучистичката власт во Скопје

Од Единствена Македонија сооштија дека народот не сака членство во НАТО и ЕУ, туку тоа го сакаат само купените и корумпирани лица од пучистичката власт во Скопје.
„Неколку дена јавноста е сведок на пљачката на буџетски пари од министри, пратеници, владини советници, кои добивале грантови по неколку стотици илјади евра, како и буџетски тендер од 35 милиони евра за фантомска фирма, меѓутоа од НАТО и ЕУ целосен молк за функционирањето на правната држава.
Сега е јасно и зошто. НАТО и ЕУ го гарантираат криминалот на инсталираната власт во Скопје, а која за возврат послушно ги спроведува нивните погубни политики за рушење на Македонија и Македонците. НАТО и ЕУ се само параван за пучистичката власт во нејзиниот поход за бесмилосен грабеж на буџетски пари и економска диверзија врз сопствениот народ.
Една од првите задачи на новата легална власт на Единствена Македонија ќе биде одговорност и конфискација на стекнатото богатство од позиција на власт“, се вели во соопштението на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ловци ја бараат исчезнатата Вања и на непристапни места: МВР ја бара во градот, ние надвор од него

Исчезнатото девојче од Скопје, Вања Ѓорчевска, од вчера го бараат и ловците откако претседателот на Ловечката федерација, Влатко Алексовски, синоќа ги повика да се вклучат во потрагата. Алексовски вели дека не е првпат ловци да се вклучат во вакви потраги, тие ќе ја бараат на непристапни места, каде што полицијата засега не ја бара.
„МВР го бара исчезнатото девојче во градот, но еве веќе трет ден нема резултати оваа потрага. Девојчето можело секаде да заврши, на периферијата на Скопје, на Водно, на Скопска Црна Гора, па дури и многу подалеку. Ловците стапнуваат онаму каде што ниедна друга нога не стапнува, на непристапни места, на планини, во села. Ги повикав затоа што сметам дека може да придонесат во потрагата. И, претходно, како Ловечка федерација, сме биле вклучени во потрага по исчезнати лица, особено кога се работи за непристапен терен. Во контакт сме и со ловечките федерации од околните земји, па можеме, ако ништо повеќе, да помогнеме веста за исчезнатото девојче да стигне што подалеку. Јас сум оптимист, сметам дека сите заедно ќе успееме да го најдеме девојчето“, вели претседателот на Ловечката федерација, Алексовски, за „Макфакс“.
Тој нагласи дека секојдневно на лов на места, каде што полицијата не оди, се излезени по 25.000-30.000 ловци, а целата Федерација, во согласност со издадените дозволи за оружје од МВР, брои 100.000 члена. Алексовски вели дека нивната бројка е многу поголема од бројот на полицајци во земјата, па од тука надежите дека ќе помогнат се големи. Тој апелира скопските ловни друштва да го зголемат бројот на ловни денови за да може ловците подолго да се на терен.
14-годишната Вања исчезна во понеделникот утрото. Излегла од дома за училиште. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата. Освен полицијата, по Вања тргаат и нејзините соученици од училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, кои лепат нејзини фотографии во градот, а во потрагата се вклучени и семејството, роднини и пријатели и голем број граѓани.
Македонија
Тренчевска: Работиме на менталното здравје со младите за младите

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчавска, се сретна со претседателот на младинскиот совет на Македонија, Филип Ивковски, и со програмската менаџерка Александра Филипова. На средбата беше претставена стратегијата за ментално здравје кај млади изработена од страна на НМСМ.
За време на средбата, претставниците на НМСМ ги претставија своите намери и уверувања за важноста на менталното здравје кај младите, особено по ковид-кризата, со која се соочуваше светот во изминатите години. Од страна на претставниците беше посочено дека стратегијата веќе била на расправа во Собранието на Република Северна Македонија со Клубот на младите пратеници.
Стратегијата се фокусира на поактивни мерки за спречување проблеми со менталното здравје кај младите и стратегии за рана интервенција за идентификување и решавање на проблемите во рана фаза. Таа ја нагласува потребата да се подигне свеста за менталното здравје на младите, да се намали стигмата и да се промовира писменоста за менталното здравје кај младите, родителите, образовниот кадар и пошироката заедница.
Министерката Тренчевска на средбата истакна дека оваа средба соодветствува со моменните заложби и интереси на Министерството за труд и социјална политика. Таа истакна дека менталното здравје е фокус на работата на Министерството и дека тоа се потврдува со кампањата Walk and Talk, која се спроведува и во која младите активно се вклучуваат во разбивање на стигмата за менталното здравје. Таа ја искажа својата поддршка за усвојување ваква стратегија затоа што тоа ќе доведе до исполнување на заедничката цел – благосостојба на младите.
Македонија
ЛДП за симнатото знаме: Доста е со намерни провокации и варварски чинови

Либерално-демократската партија најостро го осудува вандалскиот чин на симнување на знамето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија од јарболот пред храмот „Свети Наум Охридски“ по што веднаш е поставено знаме на Албанија.
Ова е директен напад кон верниците, но и кон свештенството на МПЦ-ОА и претставува сериозен аларм во државата, особено кога некој се охрабрува да си игра со верските и националните чувства на граѓаните, велат од ЛДП.
Според нив, намерните провокации не придонесуваат кон соживот, толеранција и разбирање на различностите. Оценуваат дека како наближуваат изборите, најголем број од партиите ќе играат на својата најсигурна карта, картата на национализмот и презирот кон сите и сѐ што е поинакво од нив.
„Ваквите немили настани се само еден дел од валкана игра, која одредени политички субјекти се подготвени да ја играат само за да се задржат или да дојдат на власт. Веруваме дека мнозинството Албанци го осудуваат овој варварски чин на сквернавење на црковното знаме и бараме од албанските политички субјекти да го осудат овој варварски чин и со тоа да ги обесхрабрат идните потенцијални провокатори. ЛДП како политичка партија, каде што членуваат и се застапени припадници на сите етнички заедници и религии, смета дека во едно мултиетничко општество треба да се дискутира како да се подобри состојбата во сите сектори на државата и таа да се издигне на рамниште на западноевропските земји“, се истакнува во реакцијата.