Македонија
Економија ќе дели ваучери од 25.000 денари за клима-уреди, граѓаните може да се пријават од утре

Министерството за економија ќе подели 4 милиони евра на домаќинствата за клим-уреди за да ги намалат сметките за струја и да придонесат за енергетска ефикасност. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека програмата годинава е изменета и проширена во согласност со барањата на граѓаните.
„Од утре ќе биде објавен јавен повик преку кој Министерството за економија ќе дели ваучери со вредност од 25.000 денари за домаќинство за оние што живеат на територијата на Пелагонискиот Регион и во Југозападниот Регион, во кој влегуваат општините Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци и Долнени, Вевчани, Дебар, Дебарца, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга и Центар Жупа. За овие општини во програмата се определени вкупно 100 милиони денари. Освен овие, другите средства се предвидени за другите градови“, најави министерот Бектеши.
Тој ги повика сите граѓани што ги исполнуваат условите од утре да се пријават во Министерството за економија. Услов за добивање ваучер од 25.000 денари е домаќинствата во изминатите три години да не користеле средства од кој било извор за надоместок на трошоци за грејни уреди, печки на пелети или високоефикасни инвертер клима-уреди, да немаат приклучок на централно градско греење, уредот да го купат во текот на 2024 година, но и купениот уред, за да се избегнат манипулации, задолжително да грее на надворешна температура од минус 15 степени.
Предвидено е да се поделат 7.000 ваучери, но министерот Бектеши рече дека има можност да се зголемат средствата доколку се случи граѓаните да се пријават, а да се исцрпат предвидените 4 милиони евра.
Ваучер од 25.000 денари за домаќинство е предвиден за општините од Пелагонскиот и од Југозападниот Регион, а за домаќинствата од другите региони предвиден е ваучер од 23.000 денари.
За ранливите категории, ваучерот ќе изнесува од 27ж до 30 илјади денари во зависност од примањата и членовите во семејството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дојава за бомба и евакуација на концерт на српски пејач во Јане Сандански

Драма во салата Јане Сандански во Скопје, каде за вечерва беше закажан музички концерт на Пеџа Јовановиќ.
Како што информираа од МВР, непознато лице телефонски се јавило во СВР Скопје околу еден час пред почетокот на концертот и рекло дека во салата има поставено бомба.
Од страна на МВР, веднаш биле преземени соодветни мерки. Веќе имало присутни во салата кои биле евакуирани, додека на другите им било кажано воопшто да не влегуваат внатре.
Според последните информации на полицијата, се работело за лажна дојава, а концертот, сепак, ќе продолжи вечерва.
Македонија
Мицкоски за „Еуроњуз“: Нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, жал ми е што корумпирани политичари за да останат на власт прифаќаа се и сешто

Премиерот, Христијан Мицкоски во интервју за „Директно со Миња Милетиќ“ на „Еуроњуз Србија“ истакна дека нема аргументи за прифаќање на бугарските барања, и изрази жалење што корумпирани политичари претходно за да останат на власт прифаќаа се и сешто.
„Ако ние го прошириме ние нашиот Устав со повеќе делови од народи, бидејќи таму се наоѓаат и албанскиот, српскиот, турскиот, ромскиот, бошњачкиот и така натаму, тогаш се поставува прашањето што со Македонците од другата страна на границата кои живеат во западна Бугарија? Ако вие од една страна барате да бидете конститутивен народ поради некаков предлог којшто корумпирани политичари во минатото го прифатиле мислејќи дека на тој начин ќе останат во владата, дека ќе им се простат сите криминални скандали кои ги правеле, а од друга страна имате 14 пресуди на Судот за човекови права кој вели дека таму постои македонска заедница која има свои права да организира во клубови во организации и вие не ја почитувате Резолуцијата која што сте ја потпишале за заштита на човековите права, таква Резолуција има потпишано Бугарија, тогаш се поставува прашањето кој е аргументот контра“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека лицемерие и двојни стандарди е да се излезе и да се рече дека мора тоа да се направи бидејќи тие се таму каде што сакаме ние да бидеме, а тие да не мора тоа да го направат.
„Ако се прашање човековите права тогаш сакам да ги информирам и вашите гледачи дека единствена институција во Европа којашто оценува дали нечии човекови права се нарушени или ограничени е Судот за човекови права во Стразбур и таму има 14 пресуди коишто се однесуваат на нарушување или ограничување на човековите права на Македонците во Бугарија и нула за бугарската заедница во Македонија. Сега ако имате вакви аргументи како можете да излезете пред граѓаните и да дадете логични аргументи имајќи претстава дека претходно сте го промениле знамето, сте го користеле она времено име, сте го промениле уставното име, во неколку наврати сте го менувале Уставот и секогаш некој од Брисел ви велел „уште само ова и тоа е тоа“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека ветил дека ќе се бори и аргументите кои ги имаме ќе се обиде да ги пренесе секаде во светот.
„Да се научиме да победуваме и во Вашингтон и во Лондон, Брисел, Берлин Рим, Париз и насекаде во светот, не само дома. Само на тој начин може да ја убедите светската јавност во исправноста на вашите аргументи. Ова се историски процеси“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
Нема причина за вознемиреност по хаваријата во Пинтија, вели градоначалникот кој го повика Град Скопје да преземе мерки

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски вели дека граѓаните немаат причина за вознемиреност по хавријата во Пинтија, бидејќи од нивна страна биле преземени сите мерки за заштита.
Инспекторите од Кисела Вода на терен констатирале протекување на хемикалии од вентил при дефект, во објект за производството на стиропор во Пинтија. Ѓоргиевски вели дека елаборатот за заштита на животната средина бил издаден и одобрен од страна на Градот Скопје на 31.12.2021 година со број 08-10300/4.
„Од наша страна, иако не е во рамки на нашите надлежности, а во соработка со екипите на Противпожарната бригада од Скопје, обезбедивме пилевина и песок како најдобра солуција против пролизгување во вакви случаи на хаварија“, вели Ѓоргиевски кој апелира до Град Скопје кој го издал елаборатот за работа и до сите надлежни институции да преземат мерки согласно Законот, во рамки на своите надлежности.
За хаваријата со протекувањето на хемикалии претходно се огласија и од Град Скопје. Оттука пак, велат, дека објектот е под надлежност на општина Кисела Вода, и апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.