Македонија
(Видео) Економско-социјалниот совет: Да се зачува секое работно место и да се унапредат работничките права

Економско-социјалниот совет одржа свечена седница во Владата по повод 1 Мај – Денот на трудот. На седницата беше кажано дека најважно е да се зачува секое работно место и да се унапредат работничките права.
Премиерот Зоран Заев рече дека освен здравјето на луѓето, кризата се заканила да загрози илјадници работни места. Токму затоа, нагласи тој, на прво место на економските приоритети на Владата, уште од почетокот на пандемијата беше, преку трипартитниот дијалог, на работниците да им се обезбеди поддршка за да се зачуваат стотици илјади работни места, а на работодавците да им се обезбедат програми за поддршка на работниот процес и за континуитет во нивното работење.
„Успеавме да ги задржиме работните ангажмани на многу наши граѓани и со тоа да ја држиме економијата жива и динамична, па дури и да забележиме закрепнување и напредок во повеќе дејности“, рече премиерот Заев.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека изминатата година беше голем предизвик за сите, пандемијата предизвикана од Ковид-19 направи сериозни поместувања во светот и сето тоа се одрази на нормалното функционирање на животот, а со тоа и на економијата. Тој додаде дека само сплотени и со заеднички сили може да се надминат и најголемите предизвици и даде кус осврт на преземените активности за поддршка на работниците и унапредување на работничките права во изминатиот период.
„Кога на граѓаните им е најтешко, државата мора да застане зад нив. Со мерките го направивме токму тоа. Финансиската поддршка за исплата на плати, за која од буџетот се одвоени вкупно 138,1 милиони евра, за плати на нашите граѓани во периодот април-јуни, кога беа поддржани просечно 118.834 плати и во периодот од октомври-декември кога помогнавме просечно да се исплаќаат плати на 68.500 работници. Оваа поддршка е во текот и за месеците февруари-март 2021 година, а аплицирањето сеуште трае. Воедно на компаниите им овозможивме и ликвидни средства за нивно функционирање. Успеавме да го ублажиме негативниот ефект и падот на домашниот бруто-производ да го донесеме до 4,5 %“, посочи вицепремиерот Битиќи и дека во однос на зголемувањето на минималната плата направени се силни исчекори напред.
Министерката Шахпаска посочи дека заедно со претставниците на работниците и работодавците, Министерството за труд и социјална политика интензивно работи и на новиот системски закон за работни односи за кој ќе биде отворена широка општествена дебата.
„Новиот закон за работни односи ќе биде квалитетно и применливо законско решение, кое ќе одговори на предизвиците на денешницата и на потребите на работниците и работодавците. Работиме на модерни и ефикасни решенија за договорите за вработување, работата од дома и од далечина, сезонската работа, прецизирање на договорите на определено време, како и доуредување на прашањето за работното време, како и ноќната работа. Ќе понудиме целосно ново решение за мајчинското и родителското отсуство“, истакна министерката Шахпаска и додаде дека решението ќе биде во интерес на новороденчињата, во интерес на семејството, на родовата еднаквост и целосно во согласност со директивите на ЕУ и меѓународните стандарди на трудот.
„Потребни се похрабри, поинтензивни и побрзи реакции за надминување на проблемите и за креирање нови визии и перспективи“, истакна секретарот на Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Златко Цветковски.
Претседателот на Организација на работодавците, Ангел Димитров, посочи дека во согласност со Уставот, Законот за работните односи, општите колективни договори и ратификуваните меѓународни конвенции, Македонија обезбедува висока заштита на работничките права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети: Заедно во НАТО, заедно и во ЕУ

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети заедно со соработниците вечерва се сретна со жени од Тетово во организација на Унијататa на жени на ДУИ од тој град.
Покрај Ахмети, обраќање имаа и потпретседателката на ДУИ, Арбана Пашоли, генералниот секретар Фатон Ахмети, пратеничките Рина Ајдари и Фиснике Бектеши-Шаќири, како и претседателката на Унијата на жени во Тетово, Мерита Мустафаи.
„Јас сум на мислење дека мажите и жените заедно се избориле за да има мир, затоа застапеноста на жените треба да биде што поголема и да не се базира само на тие пропорционални поделби што се напишани. Многу теории се напишани и кажани, како нпр. на Чубриловиќ, кои велеа дека треба да се убиваат мајки Албанки, а не само синови и сопрузи, затоа што овие мајки родиле херои кои биле причина за неуспехот на нашите освојувачи. Поминавме низ различни режими, од она што албанската жена останува во темница, многу зборови од типот: Не ги воспитувајте оти излегува од иманот(вербата), убивајте жени и многу слични работи, па нашата нација доживеа безмилосни режими на нејзините раменици. Значи, мажите и жените рамо до рамо, имаме обврска да работиме и да се бориме за жените со еднакви права како што ви одговара. Не водиме кампања, но немањето средби е забележано уште од времето на пандемијата, па се враќаме на традиционалните средби“ рече Ахмети.
Тој напомена дека „се наоѓаме во ситуација кога се бара решение, како што имавме проблем со името, сега имаме и со уставните измени, така и општеството на нашите сограѓани стана многу политизирано. Македонските публицисти пишуваат писма како да не сум за поддршка на моите сограѓани“.
„Грешат, затоа што јас ги поддржував и ги поддржувам, затоа што во НАТО не сме поделени туку заедно, во ЕУ ќе бидеме заедно, затоа мора заедно да ги решаваме проблемите. Имам разговарано и за историските проблеми со нашите политички партии, кажав да размислите и да направите научна проценка на состојбите, бидејќи ништо не се изгуби ниту од Охридскиот договор, ниту од Договорот од Преспа, напротив, добивме членство во НАТО, значи со договорот со Бугарија ништо не губиме, напротив го легитимираме идентитетот на нашите сограѓани. Со членството во ЕУ победуваме, бидејќи создаваме услови да ја запреме миграцијата и да ги вратиме нашите луѓе кои заминаа. Досега одржавме многу средби во рамките на оваа агенда, дадовме и добивме мислења од многу луѓе, но можам да кажам дека направивме многу голема работа, бидејќи денес имате Албанци на водечки позиции, на позиции со целосна одговорност“ рече лидерот на ДУИ.
Потпретседателка на партијата, Пашоли напомена дека „професионалното усовршување бара максимална посветеност, ние сме жени, сестри и пријатели, но сме и глава на семејства и професионалци во нашите професии. Ние сме во состојба да им дадеме пример на помладите генерации. Првите модели од кои се школува една девојка се најблиските жени во семејството, соработничките и пријателите, затоа верувам дека секој наш успех не е случаен, бидејќи тоа е влијанието на секоја жена во нашите животи“.
Македонија
Димитриевски со српскиот министер за одбрана Вучевиќ на одбележување на Свети Сава во училиште во Кумановско

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во рамки на одбележувањето на Денот на Свети Сава, националниот празник на Србите кои живеат во Македонија, денеска во ООУ „Карпош“ – с. Умин Дол, беше домаќин на високи државни претставници од Република Србија, потпретседателот на Влада и министер за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ со неговата делегација и амбасадор на Република Србија, Н.Е. Невена Јовановиќ.
Учениците заедно со своите наставници приредија пригодна културно – уметничка програма во духот на православниот просветител и закрилник на српскиот народ, Св.Сава, пред гостите од соседна Србија.
На задоволство на учениците и нивните наставници гостите присуствуваа на наставен час, каде низ дружење и разговор се запознаа со начинот на изведување на наставата на српски јазик и условите во училиштето кое што беше целосно реконструирано.
Македонија
(Видео) Премиерот на Апасиев му читаше дефиниција за параноја, лидерот на Левица возврати со цитат од филозоф

Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање од пратеникот Димитар Апасиев му цитираше дефиниција од „Википедија“ за тоа што е паранонија.
Апасиев пак му возврати со цитат од антички филозоф и му се заблагодари за дијагнозата која му ја дал. Ова дојде откако Апасиев упати прашање до премиерот:
„Дали Македонија односно безбедносните служби го користат шпионскиот софтвер ‘пегасус’ кој од неодамна има извештај во ЕУ дека го користеле 14 земји членки и кој што се користи за компромитирање на политички неистомисленици – се влегува во нивните мобилни телефони, лаптопи, се вадат материјали, потоа се следат новинари, судии, обвинители, се компормитираат за да преземат или непреземат одредени дејствија?“.
На ова, одговор даде премиерот Ковачевски кој рече:
„Лично нешто што сакам да ви кажам, во ваш стил, а тоа е дека: Паранојa е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Параноичното размислување вообичаено подразбира страв од прогон или убеденост дека има некаква завера против самиот себеси“, кажа Ковачевски по што додаде: „Изнесувањето лажни обвинувања и општата недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. На пример, параноична личност може да се убеди себеси дека некоја случка била намерна кога според повеќето луѓе станува збор за несреќа или случајност. Ви благодарам“.
Возврати пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.
„Премиере Ви благодарам на дијагнозата. Епиктет (антички филозоф) во еден свој прирачник вели: „Кога за Вас кажуваат лоши работи, немојте да се обидувате да се браните туку речете им на вашите непријатели дека само толку ли знаете, па уште кога ќе дознаете уште повеќе кај ќе ви биде крајот“. Јас ги разбирам вашите напишани панаѓирици во одбрана на безбедносните служби кои ги злоупотребувате за пресметка со вашите политички непријатели – но не се надевав дека на прашање кое не го знаете вие ќе излезете со напишан говор во кој ќе ми дадете дијагноза. Веројатно вие сте го виделе спикерскиот лист на говорница, па сте рекле: „Аа па ќе си спремам една дијагноза“. Јас предавам историја на право, па знаете Атињаните кога отишле кај Спартанците и такви благоглаголиви со напишани говори како Вас, Спартанците биле практични луѓе и рекле: „Абе ние крајот не го разбравме оти почетокот го заборавивме“. Па така и вие. Јас за едно Ве прашувам, вие за десетто ми одговарате. Прашањето беше за „Пегасус“, дали користите шпиунски софтвер, Вие ми мешате молотови коктели, дијагнози, баби и жаби“.
Апасиев не беше задоволен од одговорот, па допраша: „Како тогаш нѐ прислушувате, со кои софтвери, преку кои структури, преку комбиња ли, како?“.
„АНБ не користи ‘Пегасус спај веар’ софтвер. За целата работа на АНБ како пратеник, можете да се информирате преку комисијата за надзор на безбедносните служби која ја води пратеник од опозицијата и ги има на располагање сите директори на безбедносните служби. И да повторам уште еднаш: „Паранојa е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Параноичното размислување вообичаено подразбира страв од прогон или убеденост дека има некаква завера против самиот себеси. Изнесувањето лажни обвинувања и општата недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. На пример, параноична личност може да се убеди себеси дека некоја случка била намерна кога според повеќето луѓе станува збор за несреќа или случајност“, повторно одговори Ковачевски.