Македонија
Екосвест: Изградбата на ски-центри на Јабланица е во спротивност со заштитата на природата

По изјавата на директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески, за планираната изградба на луксузни ски-центри на Јабланица, Светската организација за заштита на природата – WWF и „Екосвест“ реагираат дека овие планови се во спротивност со заштитата на природата и со меѓународните стандарди.
Од „Екосвест“ наведуваат дека само пред две години, Споменикот на природа „Вечански извори“, кој се протега на 1.370 хектари на планината Јабланица, го доби својот План за управување кој овозможува активна заштита, како резултат на напорите на Општина Вевчани и „Екосвест“.
„Важноста на ова подрачје ја потврди и одлуката на Владата да ја прогласи планината Јабланица за национален парк. Потсетуваме дека во Планот за управување, пределот над Вевчани не е предвиден за изградба на ски центри и хотелски комплекси, а генерално, изградба на инфраструктура за масовен туризам не е дозволена“, велат од Еко – свест.
Од таму наведуваат дека согласно Планот за управување, во подрачјето над Вевчани, нема место за ски центри и хотелски комплекси.
„Една од препораките во последниот експертски извештај од Бернската конвенција за нашата земја е дека е потребно усогласување на просторните и секторските планови, особено за туризмот и урбаните населби со цел да се спречи понатамошна урбанизација и деградација во националните паркови и заштитените подрачја. Воедно, извештајот вели дека е потребно да се поттикнат одржливи, еколошки форми на туризам, кои се засноваат на стандардите на IUCN за туризмот во заштитените подрачја. Не смееме постојано да си дозволуваме непочитување на меѓународната заедница и ратификуваните конвенции и да одиме спротивно на овие препораки. Сите наши институции имаат еднаква одговорност да ги почитуваат овие препораки, а ваквите изјави се показател на некоординираност и неинформираност во системот“, изјави Ана Чоловиќ-Лешоска, координаторка за политики за WWF Adria во Македонија.
„Според извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Македонија, земјата ќе се соочи со потопла и посушна клима. Ова значи зачестени и продолжени сушни периоди во земјава, како и значително поместување/ скратување на есенската и зимска сезона. Многу држави во светот кои имаат развиени скијачки центри во изминативе три години претрпеа огромни финансиски загуби токму поради покачување на температурите и недостиг на снег. Изградбата на нови ски-центри во земјава ќе биде скапа и финансиски неисплатлива инвестиција“- вели Елена Николовска, програмски координатор за клима во „Екосвест“.
Дополнително, велат од „Екосвест“, секоја инвестиција за масовен туризам за жал не носи придобивки на локално ниво и за локалното население, иако така честопати се претставува од страна на властите и инвеститорите. Ваквите проекти, додаваат од таму, носат приходи за големите компании кои профитираат на сметка на уништување на природата и локалните ресурси.
WWF и „Екосвест“ ја упатуваат својата реакција јавно и до Агенцијата за странски ивестиции и бараат ревизија на предложените проекти кои се однесуваат на ски-центри во идни национални паркови и заштитени подрачја. Бараат да се направат алтернативни планови за одржлив туризам за што стојат на располање на надлежните институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Левица“: Природна и социјална катастрофа – Експлоатација на песок на реката Пчиња

Жителите на селата долж текот на реката Пчиња цела деценија се соочуваат со еколошка катастрофа. Како и на повеќето реки низ Република Македонија, така и овде бизнис интересите задираат во квалитетот на животот на жителите и условите кои го одредуваат, соопштија од „Левица“.
„ Речните корита во минатото, пред да почне расчеречувањето кое го предводат СДСМ-ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, им служеле на селаните кои живееле околу нив. Поради негувањето на односот помеѓу човекот и природата, изобилното плодно земјиште било организирано во задруги и им користело како на жителите така и на државата. Сега, кога богатењето на поединци е далеку поважно од добробитта на луѓето и зачувувањето на државните ресурси, правилата на игра се различни.
Партиите на милионерите кои владеат изминатите децении, го впрегнаа државниот апарат директно на штета на чесниот народ. Така, коритата на реките на чии пространства се наоѓаат селата, нивите и пасиштата кои се во сопственост на АД Водостопанство, свирепо и систематски се уништуваат.
И во случај на селата Горно, Средно и Долно Коњари, под превезот на уредување на речните корита се врши предаторска експлоатација на песок која ја уништува плодната почва и ги контаминира подземните води кои селаните ги користат за пиење“ додаваат од партијата.
На средба со селаните од овие села разговараа пратеникот Борислав Крмов, членот на Президиумот Реџеп Исмаил и портпаролот Амар Мециновиќ, на кои им беа посочени сите препреки со кои се имаат соочено во нивната борба. За сите повеќегодишни притисоци кои кулминираат со минатогодишниот протест и блокирањето на патиштата околу селата.
„ Просторот помеѓу селата е потполно уништен а самото корито е поместено од прекумерното ископување. Живиот свет во реката е речиси пред исчезнување.
„Левица“ е секогаш на страната на селаните, работниците и обесправените, и во отсуство на слух од централната власт, како и од градоначалниците на општините во ова подрачје, се залагаме за крајно решение, реставрација и одговорност за стореното“ велат од „Левица“.
Македонија
Повик до единиците на локална самоуправа за Лигата на шампиони за локален развој

Локалните самоуправи од целиот регион, од денес, имаат можност да се пријават за учество во Програмата за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (BFC SEE) и со тоа системски да ги унапредат условите за привлекување инвестиции и побрз развој на постоечкото стопанство.
Партнерството за конкурентен регион (CORE Partnership) во соработка со Германската развојна соработка што ја спроведува ГИЗ, објави Јавен повик до лидерите на локалните самоуправи за подобрување на работата и ефикасноста на локалната администрација со следење на критериумите за сертификација на BFC SEE и со тоа да го заслужат епитетот Општина по мерка на бизнисот. Повикот е отворен за вкупно 50 единици на локална самоуправа од регионот, кои досега не учествувале во BFC SEE програмата.
-Почетен чекор во овој процес е локалната самоуправа да ги препознае единствените потенцијали и улога на стопанството во креирање одржлива стратегија за развој. Во тоа, BFC SEE програмата помага давајќи јасни насоки за зачувување на вработеноста и отворање работни места преку јакнење на партнерствата со локалните бизниси. Критериумите ги следат развојните и просторни планови, и помагаат да се унапреди организацискиот капацитет, ефикасноста и нивото на дигитализација на општинските услуги. Стандардот рангира и конкуретност во смисла на локалните давачки и особено ја вреднува поддршката на претприемништвото, иновациите и зелената економија – вели Душица Перишиќ, извршна директорка на Заедницата на единиците на локалната самоупрва (ЗЕЛС).
BFC SEE програмата се спроведува од 2012 година и досега повеќе од 100 градови и општини поминаа низ процесот на сертификација, а во моментов 45 локални самоуправи се носители на сертификат кој претставува печат за квалитет на нивното деловно опкружување. Резултатите од истражувањето спроведено од Партнерството за конкуретен регион покажуваат дека повеќе од три четвртини од локалните самоуправи кои поминале низ овој процес, сметаат дека процесот е корисен и истакнуваат дека најмногу ги мотивирало унапредувањето на ефикасноста во работата на администрацијата, привлекување нови инвестиции и препознатливост на локалните самоуправи. Од нив, 98% би ја препорачале BFC SEE програмата и на други градови и општини.
Процесот на сертификација е во времетраење од 12 месеци и започнува со обука на тим на локалната самоуправа кој е задолжен за исполнување на поставените критериуми. Следи процес на евалуација, во кој се оценува моменталната состојба во градот или општината, по што се доставува извештај до раководството со конкретни препораки за унапредување што е потребно да се применат во зададен период. На крај од процесот, независна верификациска комисија проценува дали локалната самоуправа ги исполнува условите за BFC SEE сертификат.
– Досега BFC SEE сертификат добија Град Скопје, Велес, Струмица, Штип, Илинден, Гази Баба и Богданци, и тие се меѓу најуспешните локални самоуправи кога станува збор за привлекување инвестиции и развој на локалното стопанство. Сакаме и другите да ги мотивираме да се придружат на клубот на најдобрите. Сертификатот BFC SEE на единиците на локална самоуправа им носи препознатливост во однос на другите локални самоуправи, подобра позиција на инвестициската мапа на Југоисточна Европа и поголеми шанси за привлекување вложувања. Добиваат и можност за учество во регионални проекти финансирани од меѓународни донатори и можност за размена на знаење со најуспешните локални самоуправи. Сé ова на крај води до нови работни места и подобар квалитет на живот за граѓаните – истакнува Перишиќ.
За учество во Програмата, заинтересираните единици на локална самоупрва може да достават пријава преку веб страницата www.bfc-see.org или да се обратат до ЗЕЛС како надлежен Технички секретаријат за спроведување на BFC SEE Програмата во С.Македонија. Во периодот што следи ќе биде организирана и инфо-сесија „Како да се достигнат стандардите за меѓународна BFC SEE сертификација“. Во оваа прилика, сите заинтересирани учесници, претставници на единиците на локална самоуправа ќе може дополнително да се информираат за деталите и условите за учество во BFC SEE Програмата.
Партнерството за конкурентен регион (CORE Partnership) е претставен од над 20 институции и организации од Југоисточна Европа. Спроведувањето на BFC SEE програмата го поддржува ГИЗ Отворен регионален фонд за модернизација на општински услуги (GIZ ORF MMS).
Критериуми за стекнување со сертификат
Квалитетот на локалното деловно опкружување се оценува на основа на повеќе од 60 критериуми групирани во 10 категории. Тоа се, пред сé, поседување стратешки план за развој со план за капитални инфраструктурни вложувања, постоење на функционална канцеларија за локален економски развој, како и Економски совет за постојана комуникација и соработка со стопанството со цел креирање подобри услови за бизнис. За секоја модерна локална самоуправа неопходно е и да има ефикасен систем за издавање градежни дозволи, да располага со информации за можности за вложувања и понудени поволности за инвестирање, и да е транспаретна по прашање на деловни трошоци за стопанството. Потребно е да се поседува програми за преквалификација на работна сила согласно потребите на инвеститорот. Посебно се вреднува стимулирање на развојот на претприемништво преку финансиски и нефинансиски бенефиции и олеснувања, посветеност на заштита на животната средина, како и дигитализација на административните процедури и решенија за поефикасно информирање на граѓаните и стопанството.
ПР-текст
Македонија
СДСМ: Три години членство на НАТО, обезбедена безбедност и стабилност

На денешен, пред три години државата, предводена од СДСМ стана полноправна членка на НАТО Алијансата. Три години е обезбедена безбедноста и стабилноста на граѓаните и на државата, македонската армија е рамо до рамо со најсилните во светот, соопшти СДСМ.
„ Реализирана е една од двете национални стратешки цели, исполнет е стремежот за кој сонуваа генерации, во изминатите 30 години.
За жал, трагичните настани со воената агресија на Русија врз Украина, покажаа колку е важно членството во НАТО, особено во услови на безбедносна криза.
Граѓаните можат да бидат спокојни, членството во НАТО значи неповредливост на границите и територијалниот интегритет на државата“ порачаа од владејачката партија.