Македонија
Експертите од Националната конвенција бараат да се формализира работата од дома
Да се формализира во законски рамки работата од дома, која се наметна како потреба за нов начин на организирање на работата во време на пандемија е една од главните препораки на експертите што учествуваа на денешната онлајн осма сесија на Националната конвенција за ЕУ од вториот циклус на Работната група 2 – Социјална политика и вработување (Поглавје 19) на тема „Правните механизми за регулирање на работните односи во услови на пандемија предизвикана од Ковид-19: лекции што ги научивме и лекции што треба да се научат.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, нагласи дека темата е од суштинско значење за утврдување на правните механизми за регулирање на оваа материја.
„Пандемијата не е само здравствена туку, и економска и социолошка криза што ги погоди и многу моќните економии, бидејќи вирусот е бескомпромисен. Во кризниот период приоритет беше да се зачуваат работните места и помошта на ранливите категории, со цел да им помогнеме и на компаниите и на работниците. Работата од дома, која се наметна како нов концепт и како нов начин на работа, стана сериозно искуство и ова ќе биде вградено во новата законска регулатива понатаму. Социјалната реформа беше ставена на тест. Одговорно тврдам дека таа овозможи да ја пребродиме кризата“, изјави Шахпаска.
„Работата од дома како начин на организирање на работниот процес ќе продолжи и по завршување на пандемијата што бара системско регулирање на оваа материја“, изјави професорот на Филозофскиот факултет од Скопје, Јован Пејковски.
Притоа, како што додаде тој, ќе биде потребно да се прецизираат и други детали, како максималниот и минималниот број на работни часови, минималниот надомест, начинот на кој ќе се напредува во кариерата, под кои услови може да се прекине договорот за работа, користењето боледување и одмор, заштита при работа од дома, заштита на мајчинстовто, период на исплата на платата, работа од дома на определено и на неопределено време, каква е обврската за известување на работодавачот во поглед на промени на обврските и условите, плаќање на прекувремена работа во случај кога е зголемен обемот на работа, кои се обврските на работодавачот, одржување на опремата, инсталациите, зајакнување на интернет-врската, дигитализација, инвестирање во информатичка технологија, заштита на податоци и слично.
На ова барање се надоврзаа и професорите Лазар Јовевски, од Правниот факултет и Зоран Михајлоски од Американ колеџ, кои нагласија дека начинот на работа од дома треба да се уреди со реформата на Законот за работни односи која е во тек.
Дел од експертите се согласија дека кризата се одрази и врз балансот на родовата рамноправност.
„Кризата има и родова димензија, покрај правниот механизам за кој денеска дискутираме. Здравствената криза отвори многу предизвици. Ги погоди сите земји во светот и од родов аспект и ја засили постојната нерамноправност“, изјави Габриела Маџовска од МТСП.
На тоа се надоврза и универзитетската професорка Македонка Радуловиќ, која зборуваше за ранливоста на вработените жени на пазарот на трудот и која препорача да се воведе и контрола на имплементацијата на новата регулатива, како и тоа дека треба да се отворат детски градинки што ќе работат 24 часа за родители што работат на смена, како и обезбедување семејни асистенти.
На дебатата се вклучија и словачките експерти Даниел Шкобра и Томаш Стражај, кој се заблагодари за организацијата на вебинарот и покрај пандемијата со коронавирусот и посочи дека целта на ваквите сесии, како и на самата Национална конвенција е да се споделуваат искуства и да се помагаат и поддржуваат експертите меѓусебно.
„Во планот на ЕУ за заздравување од пандемијата се вклучени не само 27-те членки, туку и неколку други држави, меѓу кои и Северна Македонија. Сакам да нагласам дека Словачка целосно ги поддржува заложбите за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија“, рече Стражај.
Во тој контекст дебатата ја заклучи координаторката на Националната конвенција, проф. д-р Милева Ѓуровска, која изјави дека тригодишното искуство на Националната конвенција покажа дека не само што функционира новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, туку и го зголеми интересот меѓу повеќето чинители од општествениот живот во нашата држава, особено во делот на трудовите односи што беше тема на денешната дебата и што спаѓа токму во кластерот на економската сфера.
„Економијата беше посебна ударна точка на пандемијата и може да се мери со најголемите кризи во светот. Затоа, регулацијата на начинот на работата од дома бара мерки на долг рок“, заклучи Ѓуровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.