Македонија
Елизабета Чингаровска ја призна вината за „Талир“ и доби условна казна

Елизабета Чингаровска од ВМРО-ДПМНЕ ја призна вината во случајот „Талир“ и се спогоди со специјалното јавно обвинителство. Судот денеска ја осуди на две годишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните 5 години не стори ново кривично дело.
„Чингаровска беше последнообвинета за случајот и таа не знаела од каде потекнуваат парите кои влегувале во партијата. Од тие причини таа ја призна вината и се спогоди се специјалното јавно обвинителство“, потврди нејзиниот адвокат Дејан Павлоски.
Чингаровска беше обвинета во случајот „Талир“ за перење пари. Во истиот случај, за првпат и ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинето за незаконското финансирање на партијата.
Во овој случај првообвинет е Никола Груевски, потоа Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димоски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска која сега ја призна вината.
Според обвинението, Груевски во периодот од 2009 година до 2015 година обезбедувал пари од анонимни лица и од фирми за да ја финансира политичката партија. Во ова му помагале Божиновски и Јанакиески кои вршеле притисок на претставници од фирми кои добивале тендери од државата, да обезбедат пари во кеш за партијата, како противуслуга за добиените тендери.
Груевски не ги враќал овие пари во буџетот како што предвидува Законот за финансирање на политичките партии. На овој начин, партијата се стекнала со околу 4,6 милиони евра.
„Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Груевски, Божиновски, Јанакиески и Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај“, се вели во обвинението.
Откако вака „испраните“ пари легнувале на сметката на партијата, Илија Димовски, Чингароска, Ристоски и Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, парите ги пуштале во оптек, односно ги подмирувале тековните трошоци на партијата и купувале имот.
За овој предмет притвор се бара за Никола Груевски, кој избега од државата и доби азил во Унгарија. Во понеделник ќе се знае дали и некој од останатите лица ќе се спогоди со СЈО и ќе ја признае вината за да добие пониска казна.
Во меѓувреме, предметот „Талир“ чека на оценка во Кривичниот суд, а потоа ќе биде закажана главна расправа.
Освен за незаконското финансирање на партијата, предметот „Талир“ содржи и второ обвинение, за начинот на кој е купено земјиштето и градено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. И во овој случај, првообвинет е Груевски, а потоа Кирил Божиновски. Судот на барање на СЈО го замрзна сиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и Белата палата, додека трае постапката.
Ова е четврт случај на спогодба со СЈО. Претходно, за случајот Таргет – Тврдина се спогоди Елена Џиланова, поранешна началничка на Единица за телекомуникации при Одделот за оперативно техничка поддршка на операции во УБК, која доби условна 6 месечна казна затвор, која нема да се изврши доколку осудената во наредните две години не стори ново кривично дело. За случајот „Насилство во Општина Центар“, во текот на главната расправа, вина признаа двајца обвинети, Томислав Лазаров и Јордан Ристевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на министерката Петровска со српскиот министер за одбрана, Вучевиќ

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска го пречека на работна средба потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.
За време на средбата беше разговарано за унапредување на соработката во доменот на одбраната, како и за учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.
Министерката Петровска истакна дека одржување на стабилноста во регионот е од приоритетно значење кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање.
Петровска додаде дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.
Македонија
Царината заплени половина тон тутун за наргиле и над 2 илјади електронски цигари

Во заедничка акција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа со Одделот за крим-полиција – Сектор за економски криминал и корупција на МВР и инспектори од Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција, запленети се речиси половина тон тутун за наргиле, електронски цигари и течност за електронски цигари.
Имено, вчера, на 26.1.2023 година, на неколку локации во Скопје во рамките на координираната акција беше извршена контрола во која беа откриени и запленети необележани акцизни производи, без акцизни маркички, од кои 454 кг тутун за наргиле, 2.290 електронски цигари, со содржина од 15.130 милилитри течност за електронски цигари.
Со оваа заплена е спречен обид на пуштање во слободен промет акцизна стока за која е избегнато плаќање давачки од вкупно 2,5 милиона денари.
Запленетата стока во согласност со законските прописи ќе биде предадена во Агенцијата за управување со одземен имот, а против инволвираните правни и физички лица поднесени се соодветни пријави до надлежните институции.
Македонија
Средба Османи – Џејн

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.
Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сè, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ-тројката.
Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ.
Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009 година), нашата земја ги доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.