Македонија
ЕСЧП пресуди во корист на детето со попреченост, кое беше врзувано за кревет – државата системски потфрлила

Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2015 година, во име на малолетниот Л. Р., лице со повеќекратна попреченост, поднесе апликација до Европскиот суд за човекови права за нечовечки и понижувачки третман вршен од страна на вработените во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Европскиот суд за човекови права денеска донесе пресуда со која едногласно утврди прекршување на членот 3 од Европската конвенција за човекови права – забрана за нечовечки или понижувачки третман. Оваа одлука претставува и своевиден преседан на прифаќање на апликација во име на малолетно лице со попреченост, без можност да даде согласност да биде застапувано пред Европскиот суд.
Во случајот се работи за осумгодишно дете, кое при посета од страна на народниот правобранител во 2013 година беше најдено врзано за својот кревет во Заводот за рехабилитација „Бања Банско“. Случајот беше обелоденет во јавноста во 2014 година за веднаш потоа Л. Р. да биде посетен од страна на претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој иницира постапка пред Јавното обвинителство.
„Л. Р. бил напуштен од своите родители по неговото раѓање во 2004 година и за негов старател бил назначен Центарот за социјални работи, кој спровел негово згрижување во неколку државни институции за социјална грижа. На едногодишна возраст му биле утврдени пречки во развојот, а кога Л. Р. наполнил три и пол години, тим на лекари му дијагностицирал интелектуална и физичка попреченост (церебрална парализа) и пречки во говорот. Врз основа на оваа дијагноза, во 2012 детето било сместено во Заводот за рехабилитација, институција од отворен тип, наменета за лица со физичка попреченост, несоодветна да одговори на потребите на малолетниот Л. Р.. Заводот и пред сместувањето на Л. Р., а и за време на неговиот престој таму, во повеќе наврати реагирал до надлежните дека не може да сместува лица со ментална попреченост бидејќи немаат доволно персонал, а дека постојниот не е квалификуван да комуницира со Л. Р., кој е глув и не може да зборува“, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Постапувајќи по случајот, Јавното обвинителство почна истрага врз основа на која било утврдено дека сместувањето на Л. Р. во оваа институција било несоодветно и дека тој повремено бил врзуван за својот кревет со јаже од безбедносни причини, односно за да го спречат да избега и со тоа да се стави себеси во опасност. Но, и покрај утврдените неправилности, Јавното обвинителство не најде основ за кривично обвинение со објаснување дека кај вработените не постоела намера детето да се подложи на нечовечки и понижувачки третман. Ваквата одлука беше обжалена од страна на Хелсиншкиот комитет без позитивен исход и со потврдување на одлуката од страна на Вишото јавно обвинителство.
Европскиот суд одлучи дека во случајот на Л. Р. против Северна Македонија државата потфрлила во спроведувањето соодветна истрага за случајот, системски потфрлила и постапувала спротивно на забраната за нечовечки и нехуман третман. Дополнително, Европскиот суд одлучи дека Северна Македонија треба да му исплати 18.000 евра на апликантот за нематеријална штета и 1.650 евра за трошоци.
„За да можеме да зборуваме за извршување на оваа пресуда, сега од особена важност е државата да му обезбеди соодветна рехабилитација и да осигури дека средствата ќе бидат употребени за негова заштита“, велат од Хелсиншкиот комитет, од каде што велат дека имаат сознанија оти Л. Р. во моментот е сместен во мал групен дом и напоменуваат дека будно ќе го следат извршувањето на пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ потврдува дека стои зад медиумот во кој со години Палевски беше ководител

СДСM потврдува дека стои позади медиумот каде Палевски беше години ководител, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС потврди дека стимулира медиуми да шират говор на омраза против Мицкоски и неговото семејство со што директно го изложуваат на ризик нивниот живот“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ,
Како што посочуваат, СДСМ потврдува дека е подготвена на секакви сценарија со кои ќе се обиде да ја дестабилизира Македонија.
„Нема да им помине, а со новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, истрагата ќе биде проширена и истата ќе ги опфати сите учесници во овој грозоморен настан како и оние со кои Палевски соработуваше со месеци ширејќи говор на омраза“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Весна Петрушевска: Мајката и сестрата на Вања се болни, во целата колективна траума заборавивме на нив

Актерката Весна Петрушевска објави видео на својот „Инстаграм“ профил во кое вели дека сестрата на Вања била подложена на операција на срцето, а мајката има сериозни здравствени проблеми со дишењето.
„По целата оваа колективна траума, заборавивме на мајката на жртвата Вања и нејзината сестричка. Многу зборуваме за злосторниците и да, така треба, но ги заборавивме жртвите на насилство, во овој случај тие се директни жртви на насилство, нејзината мајка и нејзината сестричка. Само сакам да ви укажам дека треба да размислите пред што било да објавите или да коментирате. Да размислите на овие две невини суштества чијашто тага во овој момент е немерлива, нивниот живот е скратен, тие се живи мртовци. Тагата е огромна“, вели Петрушевска.
Додека се зборува за камерите, „цитроенот“, за прес-конференцијата, вели актерката, никој не праша што се случува со мајката на Вања и нејзината сестричка.
„Тоа е поразот наш, и тоа е она што нас ќе нè зафркава во овој животен век. Не сум сигурна дали оставаме добар свет за оние генерации коишто доаѓаат“, вели Весна во видеото.
View this post on Instagram
Денес за првпат се огласи мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, која кажа дека има хронична болест, но се држи, а другата ќерка моментално е болна, но сите се надеваат дека ќе биде добро. Во разговорот, мајката им порача на новинарите да не ја прашуваат ништо за нејзината друга ќерка и за тоа како таа се справува со ситуацијата. Не сака да каже колку години има другото девојче, и во моментов најважно и е да ја заштити.
Мајката на Вања во разговорот рече и дека се уште не може да разбере што се случило, а за поранешниот сопруг кажа дека биле во добри односи поради децата, но не знае што правел тој и со кого комуницирал.
Македонија
Ковачевски за обвинувањата дека доцни истрагата: Мицкоски се поставува како истражител и обвинител, ако има докази нека ги достави

Лоцирани и приведени се извршителите на грозоморниот чин, а на прес – конференции и преку соопштенија јавноста е известена за сите преземени мерки од институциите за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Вака премиерот Димитар Ковачевски одговори на забелешките од опозицијата дека доцни истрагата. Рече дека не сака да навлегува во коментари кои се однесуваат на работата на институциите, но не штедеше зборови за однесувањето на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
„Што се однесува до коментарите на лидерот на опозицијата тој во многу случаи се има поставено и како истражител и како обвинител и така натаму. Нема да навлегувам во тоа со што сака да се бави, меѓутоа прикривање на докази, за кои вели дека ги има, е исто така кривично дело и затоа доколку има докази треба сите да ги достави до Министерството за внатрешни работи или до Обвинителството. Бидејќи се работи за еден грозоморен чин кој што е направен од нелуѓе, кои треба да бидат изведени пред лицето на правдата и согласно законите да бидат најстрого казнети“, рече денес премиерот Ковачевски по презентацијата на нова лабораториска опрема на Фармацевтскиот факултет.
ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски ја обвинија власта дека се направени низа пропусти во истрагата за убиствата на Палевски и побараа објаснување зошто веднаш МВР не тргнала во потрага по возилото на убиениот Панче туку истрагата е водена бавно и со пропусти.
На ваквите обвинувања, денес одговори и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. За него тие се политиканство од најдолен вид, апелираше на одгворно однесување и најави дека ќе се испитуваат коминикациите на осомничените и со лица надвор од групата вмешана во убиствата.