Македонија
Еуроњуз: Македонија има најмногу смртни случаи во Европа како последица на загадувањето

Најпогодена држава од загадувањето на воздухот е Македонија, а по неа следи Србија, објави „Еуроњуз“ повикувајќи се на извештај на Европската комисија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Соседните држави Албанија и Бугарија, како и Црна Гора исто така се наведуваат како земји со високо ниво на загаден воздух.
Според извештаите на Европската агенција за животна средина, изложеноста на PM2.5 честичките предизвикало околу 239.000 предвремени смртни случаи во Европа во 2021 година, додека уште 48.000 луѓе починале како резултат на изложеност на азот диоксид.
Институтот за јавно здравје лани објави извештај според кој речиси 18% од вкупната смртност во Македонија може да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Претходно УНИЦЕФ објави алармантна статистика дека секој деветти смртен случај кај новороденчиња во земјава е поврзан со загаден воздух.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши со честитка до Курти: Овој резултат ја претставува довербата на граѓаните во однос на визијата за развојот и безбедноста на Косово

Претседателот на Собранието, Африм Гаши упати честитка до Албин Курти, за изборите во Косово.
„Изборите во Косово сведочат за зрелоста на народот на Косово, а изборниот процес ја покажува сериозната заложба на институциите за транспарентност и демократија.
Искрени честитки до мојот пријател, Албин Курти, за достоинствената победа на Движењето Самоопределување на парламентарните избори во Косово! Овој резултат ја претставува довербата на граѓаните во однос на неговата визија за развојот и безбедноста на Косово, како и нивната благодарност за неговиот успешен мандат на чело на владата.
Исто така, честитки за граѓаните на Косово! Се надевам дека нивниот глас ќе придонесе за унапредување на социјалната заштита, како и за европската иднина на државата. Северна Македонија останува посветена на продлабочување на соработката, а нашите пријателски односи остануваат непоколебливи“, се вели во честитката на Гаши.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека елитата на СДС се богатеше, над пола милион граѓани донесоа на прагот на сиромаштија со по 150 денари на ден

„СДС изгубени во времето и просторот. Тешката економска состојба и пустошот којшто го оставија за седумгодишното владеење, не се средува за осум месеци. Но тоа што можеше да се поправи за толку кратко време е веќе средено. Како на пример запрен е слободниот пад на економијата која што беше вртоглав како последица на лошите економски политики на СДС. Откако се запре слободниот пад се премина на заживување на економијата, така што во третиот квартал се забележа раст на БДП од 3%, а исто таков раст или дури повисок се очекува и во четвртиот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Развојот на економијата и растот на БДП ќе продолжи и годинава а тоа го потврдува и Народна банка која предвидува раст од 3,3 отсто. Благодарение на соодветните економски политики коишто Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги презема успеа да ја намали и инфлацијата на ниво од 3.5%, која што во време на владеење на СДС беше двоцифрена. Посветеноста и напорната работа на владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од премиерот Мицкоски веќе дава резултати и со самото преземање на одговорноста да ја води државата премина на реализирање на стратегиите осмислени за време на опозиција. Како никогаш до сега минатата година ја завршивме со историски најмногу странски инвестиции кои се очекува да бидат околу милијарда евра кои ќе го зголемат бројот на вработени“, посочуваат од партијата.
Како што велат, за само некој месец на чело на Владата, ВМРО-ДПМНЕ зголеми плати и пензии кои ќе продолжат да растат и во текот на годинава, па се до крај на четири годишниот мандат.
„Активно се преземаа мерки за намалување на цените на прехранбените производи, така што, само за време на последната новогодишна мерка, се намалија цените на над 1000 производи. А, СДС се тие коишто ги зголемија цените зголемувајќи го ДДВ на прехранбените производи од 5% на 10%. СДС исто така не треба да заборави на сиромаштијата која ја предизвика за време на нивното владеење, така што за време на нивното владеење над пола милион граѓани беа на прагот на сиромаштија кои денот го поминуваа со по 150 денари на ден. Додека СДС на власт работеше за богатење на нивната елита, делејќи им тендери во четири очи, ВМРО-ДПМНЕ посветено работи за да овозможи подобар и одржлив животен стандард за сите граѓани преку раст и развој на економијата“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје
Стојкоски: Првата училишна спортска сала во Хром станува реалност

Општина Ѓорче Петров продолжува со успешно реализирање на проектот за изградба на првата училишна спортска сала во населба Хром. Денес, на терен, се поставуваат челичните решетки од кровната конструкција, што претставува еден од клучните чекори во завршувањето на овој долгочекуван објект, велат од општината.
„Ветувањето дадено пред жителите на Хром, денес е во процес на реализација“, изјави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
„За првпат во историјата на оваа населба, учениците ќе добијат услови за спортски активности во модерна и опремена сала, која досега им беше недостапна.
Проектот за изградба на спортската сала ќе обезбеди не само простории за физичко образование, туку и гардеробери, санитарии и хортикултурно уредување на околниот простор. Со вкупна инвестиција од 19.730.131,00 денари со ДДВ“, соопшти општината.
„До сега, околу 40% од работите се успешно реализирани, вклучувајќи завршени темели и армирано-бетонски греди, што овозможи поставување на кровната конструкција. Овој проект е само еден во низата на значајни инвестиции на општина Ѓорче Петров, кои ја потврдуваат посветеноста на градоначалникот Стојкоски во подобрувањето на условите за живот и образование во општината“, се вели во соопштението.
Покрај изградбата на спортската сала, Стојкоски најави дека во подготовка е и проектот за доградба на училиштето, кој ќе обезбеди услови за едносменска настава – уште една важна иницијатива која ќе ја подобри образовната инфраструктура.
„Продолжуваме да работиме за иднината на нашите деца. Секоја инвестиција во образованието е инвестиција во подобра иднина за целата заедница“, додаде тој.
Со оваа инвестиција, Хром не само што добива спортска сала, туку и дополнителни можности за напредок во образованието на децата, се наведува во соопштението на општина Ѓорче Петров.