Македонија
ЕУ е во заложништво, Македонија има шанса која нема да постои во наредните години, Османи со критики до Бугарија

„Во заложништво е најуспешната политика на Европската Унија, а тоа е политиката на проширување“. Ова е ставот на министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Според него, не треба да се подлегнува на провокации кои доаѓаат од Бугарија, а со цел Македонија да биде крива ако не добие датум за отпочнување на преговорите. Османи додава: „Ова не е наша битка за во ЕУ, туку битка и на ЕУ“. Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Радев, кој кажа дека нема да дозволи легитимација на македонизмот во Европа, Османи кажа дека кај соседите има поединци кои сакаат блокадата да продолжи.
„Ваквите изјави се провокации. Реков и во друга пригода, има чинители во Бугарија, не можам да го апострофирам претседателот Радев, кои не само што сакаат блокадата да продолжи, туку и вината пред светот да биде наша. Затоа има обиди за провокација и блокада. За да наседнеме и да направиме грешки во последните недели од процесот. Досега С Македонија нема од никого забелешки за овој процес. Мислам дека овие недели и денови е важно да не наседнеме на провокациите кои се со цел да бидеме виновни и блокирани“, додаде Османи.
Прашан што доколку Македонија одново не добие датум за преговори, Османи вели дека одговор на ова дал и високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
„Борел тоа го кажа јасно како никогаш досега, дека ќе претстои сериозна криза меѓу ЕУ и Западниот Балкан. Овој процес ги губи принципите врз кои е заснован. И кога се рушат принципите тогаш имате криза. Тоа го кажа Борел, не јас. Сепак, сметам дека фокусот треба да ни е да работиме со француското претседателство. Политичкиот капитал се разретчува за да се истурка тежок процес. ЕУ никогаш нема да изгуби од нашата стратешка аспирација да станеме членка. Вакви кризи имавме во НАТО. Изгубивме доверба, но станавме НАТО. Ќе станеме дел од ЕУ, па ќе се потсетиме на овие тешки моменти. Треба да знаеме дека имаме шанса која тешко ќе ја имаме наредните години“, кажа Османи.
Тој посочи дека Македонија не се двоуми дали ќе добие поддршка од другите членки на Унијата.
„Немаме дилеми со кого било освен со Бугарија. Така што, тој став не може да се наметне како европски и во тој дел нема ризик. Сметам дека треба да сме активни во тој дел за да ги објасниме позициите. Вархеј не најави доаѓање, тој го знае нашиот став, така што мислам дека и тој знае дека топката е кај Бугарија“
Во однос на побараните уставни измени и додавање на Бугарите во македонскиот Устав, Османи посочи: „Мислам дека и тие знаат дека тој процес не може да се врзе директно, односно да се поврзе со уставни измени. Мислам дека има компромиси да се заврши тоа пред нашето членство. Мислам дека е добро решение, дека се свесни за тоа“.
„Сè уште останува на констатацијата дека топката е кај Бугарија и дека таму треба да се консолидираат ставовите за тоа што понатаму. Ние кажавме што имавме и го формализираме во различни документи. Ние не работиме на нешто ново од тоа што досега го разговараме. Очекуваме Бугарија да има консолидиран став од Владата. За жал, комуникација има, но конкретни разговори, сè додека не го чуеме консолидираниот став на Бугарија – нема“, додаде Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Насилството на антиевропската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја покажува нивната вистинска цел

Вечерва граѓаните беа сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и проруската инсталација Русија пред Собранието; соопшти СДСМ.
„ Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи.
Првичните информации се дека има и повредени неколку припадници на полицијата. СДСМ најостро го осудува насилството, овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице.
Протестот е загарантирано право но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани. ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица сакаат да ја дестабилизираат државата, да и наштетат и со тоа да одработат на центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја и на нашиот народ и не сакаат земјата да биде дел од Европската уника.
СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволиме насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрози државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме“ порачаа од владејачката партија.
Македонија
Секуловски: На овие собири заеднички именител е гневот кон ненародната власт

На вечерашниот протест против францускиот предлог кој вечерва се одржа на неколку локации во Скопје, пред Собранието на присутните се обрати и Бранко Секуловски, поранешен професор и поранешен судија.
Тој посочи дека на ваквите протести, заеднички именител е гневот од ненародната политика на извршната власт и помеѓу другото, предлогот во врска со спорот со Бугарија.
„ Како правник, кој целиот свој живот го изучувал и спроведувал правото и правдата, дозволете ми да се осврнам на некои правни аспекти од тој договор и од францускиот предлог. Да ве потсетам, се започна уште пред повеќе од две децении со потпишувањето на првиот договор за добрососедски односи со Бугарија. Со тоа сценарио, бугарската страна требаше да испорача одредени барања, меѓутоа преовлада сервилноста нашата страна, на преговарачите од Република Македонија така што, како се одвиваше времето, бугарските барања беа се поголеми а сервилноста на македонските политичари се поголема.
Така дојде до продолжување на оваа Одисеја за да се финализира со капитулантскиот Договор од 2017 година, потпишан од нобеловецот од село Муртино. На сегашните преговарачи од извршната власт им остана само тоа дисциплинирано да го извршат. Ако ја погледнеме генезата на настаните, ќе видиме дека политичките гарнитури во Бугарија се менуваа, а во Македонија останаа истите.
Почитувани граѓани, како течеше времето, овие договори се помалку личат на договори а се повеќе беа еднострани. Правно договорите се двострани и теретни, ова нема никаква врска со тој договор затоа што нивните се се поголеми, а нашите барања помали“ додаде Секуловски.
Македонија
Весна Петрушевска: Македонскиот јазик е нашата тврдина, со него ние војуваме

Прво, општествена одговорност е секој културен работник, актери, музичар да дојде и да говори дека имаме само еден јазик, а тоа е македонскиот, вели актерката Весна Петрушевска на денешниот протест „Ултиматум – НЕ, благодарам“ пред Собранието.
Петрушевска нагласи дека никој нема право да преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик бидејќи, како што рече таа, тоа е нашата тврдина.
„Не може никој да преговара за нашиот идентитет, македонскиот јазик е нашата тврдина. Со македонскиот јазик ние војуваме. Ние сме супер народ, ние сме само обесправени“, изјави таа.
Петрушевска истакна дека овој протест е за борба за Македонците и за македонскиот јазик.
„Затоа денеска сум тука и не ме спречи ниту дождот, ниту времето ниту грмотевиците. Ова е борба за нас, за Македонците и за нашиот јазик“, порача Петрушевска.