Македонија
Заврши Генералното собрание на Асоцијацијата на уставните судови на франкофонијата во Букурешт: донесени повеќе одлуки
Со одржувањето на работилница на темата „Уставна контрола на уставните измени“ завршија работните сесии од 10. конгрес на Асоцијацијата на уставните судови на франкофонијата во Букурешт по што се одржа Генералното собрание на ACCF.
На Генералното собрание новото претседателство на Уставниот суд на Романија ја презентира програмата за следните три години (2025 – 2028).
Темата „Уставна демократија“ ќе биде во фокусот на новото раководство. Избрано е новото биро на ACCF, усвоени се измени на Статутот и на внатрешните правила на Асоцијацијата и усвоен е Етичкиот кодекс за уставните судии.
Со мнозинство гласови од присутните претставници Генералното собрание ја усвои апликацијата на Уставниот суд на Косово за зачленување во Асоцијацијата на франкофонските уставни судови.
Делегацијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија, кој е член на ACCF, беше предводена од претседателот д-р Дарко Костадиновски.
Тој како еден од говорниците на работните сесии своето обраќање го посвети на темата „Жив конституционализам“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
