Македонија
Заврши 16. Школа за млади лидери на претседателот Иванов
Со обраќањето на универзитетскиот професор и економист Џефри Сакс заврши 16-тата Школа за млади лидери на претседателот Иванов. Во онлајн-сесијата тој ги истакна значењето на младинското лидерство, глобалната соработка и одржливиот развој како клучни насоки за идните генерации. Учесниците имаа можност директно да разменат мислења и да постават прашања, со што беше заокружен последниот ден од програмата.
16-тата Школа за млади лидери на претседателот Иванов посветена на темата „Младинска агенда за одржлив свет“, како дел од пошироките глобални напори за унапредување на целите за одржлив развој на Обединетите нации, се одржа од 3 до 16 ноември 2025 година.

На годинешната Школа учествуваа млади лидери од Македонија, како и од Австрија, Азербејџан, Кина, Египет, Гана, Јордан, Кенија, Пакистан, Руанда, Турција и од САД, со што уште еднаш се потврди меѓународниот карактер на програмата. Школата беше реализирана преку повеќедневни тематски блокови, предавања, работилници, интерактивни дискусии, менторски сесии и работа на проекти, во рамките на кои учесниците имаа можност да се следат предавања од повеќе од дваесетина предавачи и говорници од земјата и странство.
На оваа Школа учество како предавачи и говорници зедоа истакнати професори, експерти и лидери, меѓу кои и поранешната претседателка на Унгарија, Каталин Новак, универзитетскиот професор и економист Jeffrey Sachs, ,инистерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, претседателот на „Фридом хаус“, Герардо Бертин, Фелипе Паулиер, помошник-генерален секретар на Обединетите нации за младински прашања, Рита Колумбија, постојана координаторка на Обединетите нации, митрополитот дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј, генерал-потполковник (пен.) Мајкл Дуби, д-р Рашела Мизрахи, проф. д-р Ѓорѓија Петкоски, проф. д-р Роберт Стеркен, Филип Нелковски, Лазар Поп Иванов, Петар Ниновски, проф. д-р Разаман Акташ, Анастасија Илиевска, Зоран Костовски, Ранко Безар, Јакуб Популар, д-р Александар Митов, м-р Ивана Хаџиванова и членовите на „Алумни асоцијацијата“ на Школата, учесници во претходните програми – Ѓорге Божинов, Панче Коцев, Нина Ачераоу, Хепи Гилберт Манго, Илина Пејоска-Затуроски и Даниел Ѓоќески.
Новитет во годинешната програма на Школата беше менторската програма, иницирана и предводена од првиот претседател на ИСЛАА, Даниел Ѓоќески, која беше подготвувана повеќе од шест месеци и беше реализирана во последниот месец.

Поврзувањето на првите генерации алумнисти на Школата со новите учесници беше високо оценета од самите учесници, што претставува поттик за организација на овој сегмент во програмата и за следните изданија на Школата. Оваа година во улога на ментори беа алумнистите и предавачи на Школата, Даниел Ѓоќески, Владимир Арсов, Весна Поповска, Јулија Витанова, Илија Вучков, Никола Николовски, Катерина Вељановска-Блажевска, Вероника Томова, Весна Трајковска и Горан Шибаковски.
Реализацијата на Школата е поддржана од многубројни компании од земјата и странство. Школата за млади лидери е иницијатива почната во 2010 година и претставува една од најпрепознатливите платформи за развој на млади лидери во регионот и која во 2018 година беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа од Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангелите.
Школата за млади лидери претставува уникатна платформа за талентирани и ангажирани млади луѓе од разни средини. Учесниците, внимателно селектирани според нивните академски достигнувања, лидерски потенцијал и општествен ангажман, се идентификувани како идни лидери, кои ќе придонесат во изградбата на мирна, праведна и просперитетна иднина. Досега програмата на Школата ја поминале 625 млади луѓе од земјата и странство, а над 420 реномирани предавачи и говорници од Македонија, Европа и од светот го споделиле своето знаење со учесниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
600 домаќинства во Општина Аеродром ќе добијат специјални канти за селекција на пластика
Општина Аеродром станува прва општина што воведува системска селекција на пластичен отпад директно од домаќинствата. Со овој проект, велат од Општината, секое пластично шише и пластично пакување ќе има своја вредност, а граѓаните ќе придонесуваат за почисто и поодговорно општество.
„Проектот ќе опфати вкупно 600 домаќинства, а во првата фаза 50 домаќинства ќе добијат специјални канти за селекција на пластика. Со Одлука на Советот на Општина Аеродром, ЈП за комунални дејности ќе го спроведува проектот, ќе ја поттикнува селекцијата кај граѓаните и ќе го предава отпадот на овластени компании за понатамошен правилен третман“, велат од Општината.
Овој проект е продолжување на Clean AirDrom, за кој е обезбедено и специјално електрично товарно возило за еколошки транспорт на отпад.
„Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја намалува количината на мешан комунален отпад, ја штити животната средина и го поттикнува развојот на свесни граѓански навики“, се наведува во соопштението.
Македонија
(Видео) Филипче: Опасност од мигранти, проблем е Владата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините тајни разговори
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред повеќе месеци ја најави опасноста која што не очекува со мигрантите и таа опасност е владата на ВМРО-ДПМНЕ со нејзините тајни преговори, разговори и договори, истакна претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека наместо конкретни и јасни одговори, власта ја нападна СДСМ со црна кампања.
„Кога првпат овие тајни преговори и разговори ги спомнавме, а тоа беше потврдено во пишувањата во странските медиуми, веднаш скокнаа против нас така наречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Почнаа со објави дека лажеме, па осмислија цела кампања против мене лично, против други актуелни и поранешни функционери на партијата. Кога тоа не им успеа во следниот период таа кампања само ја засилија“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче укажа дека скандалозно и недозволиво е тоа што македонските граѓани наместо од владата, информациите ги дознаа од британските медиуми кои излегоа со детални информации за тоа што е разговарано околу прашањето мигрантите од Британија.
„И од овие пишувања на британските медиуми дознаваме за разговорите кои што се воделе за мигрантите, дека треба да бидат интегрирани да бидат присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Дури има и детални информации дека Велика Британија ќе и исплаќа на Македонија 20.000 фунти по депортиран мигрант, согласно новиот договор за т.н. повратни центри. И сето ова замислете македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми. Ова е апсолутно недозволиво, ова е скандал од невидени размери“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Муцунски се сретна со министерот за надворешна трговија на ОАЕ: потврдени одличните билатерални односи
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на посетата на Обединетите Арапски Емирати денеска оствари средба со министерот за надворешна трговија, Тани бин Ахмед Ал Зејуди.
Двајцата соговорници ги потврдија одличните билатерални односи и го истакнаа растечкиот потенцијал за продлабочување на соработката. Посебен акцент беше ставен на економијата, трговијата и инвестициите како приоритетни области за идна соработка, известуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министрите ја потврдија подготвеноста на двете држави да ја интензивираат соработката во области од заемен интерес, вклучувајќи инфраструктура, енергетика, туризам и технологија – сектори во кои ОАЕ се препознава како глобален лидер во иновациите.
Тие се согласија дека денешната средба ја отвора вратата за нови инвестиции и заеднички проекти кои значително ќе ја зајакнат економската поврзаност меѓу двете земји, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

