Македонија
Заглави обвинението за незаконската градба на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ

Кривичниот суд во Скопје три и пол месеци го нема оценето вториот обвинителен акт за случајот на СЈО со кодно име „Талир“. Од судот за „Макфакс“ потврдија дека обвинителниот акт сè уште не е оценет.
Правните познавачи што ги консултиравме посочија дека ова одолжување на оценувањето на обвинението е, меѓу другото, поради начелното правно мислење на Врховниот суд, според кое, СЈО е неовластен тужител во предметот „Талир“ бидејќи обвинeнието е поднесено по рокот определен со законот.
Истрагата за овој предмет беше отворена во рокот од 18 месеци што го имаше СЈО, но обвинението е поднесено по истекување на рокот, поточно на 22 ноември 2018 година. Првото обвинение за „Талир“ беше оценето на 11 јануари.
Обвинението за изградбата на партиското седиште се однесува на начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, а е поднесено против бегалецот Никола Груевски и ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.
СЈО тврди дека „Бетон“ не смеела да влезе во партнерство со ВМРО-ДПМНЕ за изградба на белата палата бидејќи во 2011 и во 2012 година, кога почнал да се гради објектот, градежната компанија, дури 75 отсто од приходите ги добила од државни тендери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градоначалникот Герасимовски го потпиша зголемувањето на платите во Општина Центар

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, и претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, го потпишаа анексот на Колективниот договор, со кој на вработените службеници во Општина Центар им се зголемуваат платите за 2.806 денари.
„Со ова покачување сакаме дополнително да ги мотивираме вработените, особено во ова време кога се наоѓаме во светска економска криза, која секако не ја одминува ни нашата општина. По преговорите со синдикатот во општината, обезбедивме средства и веќе од следниот месец вработените ќе земаат поголема плата, што ќе им донесе поголема финансиска сигурност на нашите во време кога цените на сите производи од ден во ден растат“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Анексот на Колективниот договор предвидува линеарно зголемување на платата на сите вработени во општинската администрација, освен на лицата чии плати беа претходно зголемени со самото донесување на Законот за минимална плата.
Македонија
Вилма Русковска е суспендирана, дисциплинска за уште две обвинителки

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска добила решение за суспензија. Според информации на „Макфакс“, одлуката е донесена откако против Русковска, но и Ивана Трајчева, како и Елизабета Јосифовска е покрената дисциплинска постапка, поради претресот во финансиската полиција.
Постапката ја поведе републичкиот обвинител Љубомир Јовески, а по претресот во финансиската полиција за кој беше утврдено дека е незаконски направен. Дисциплинската комисија ќе треба да утврди кои повреди се направени.
Од Обвинителството попладнево потврдија дека за обвинителите постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.
„Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“, додаваат од Обвинителството.
Македонија
МНР ги поздрави препораките на историската комисија

Министерството за надворешни работи соопшти дека во целост ја поддржува работата на Комисијата за историски и образовни прашања со Република Бугарија и ја поздравува вечерашната објава на препораките кои се дел од Протоколот потпишан меѓу двете земји во 2019 година.
Оттука велат дека работата на Комисијата, содржината на којашто таа работа, е целосно автономна, суштински експертска и професионална, заштитена од какви било политички влијанија. Овој предуслов е содржан и во принципите на Протоколот потпишан меѓу двете министерства за надворешни работи и претставува еден од клучните принципи кои обезбедуваат стручност и автентична експертиза во работата на Комисијата.
Понатаму, како што велат од МНР, претставените резултати од работата на Комисијата го задржуваат принципот на реципроцитет за двете земји, што претставува еден од суштинските елементи за градење на меѓусебната доверба и меѓусебна почит, принцип кој исто така е нотиран во содржината на Протоколот потпишан меѓу двете земји.
Трето, со објавените резултати Комисијата покажа дека со храбар, но стручен и искрен пристап, историчарите можат да се изнајдат пристојни и автентични решенија, базирани на историските вистини кои почиваат на факти, а кои нудат можност за заедничко чествување на одредени историски настани, надминување на разликите и создавање основа за изградба на стабилна заедничка иднина меѓу двете земји, смета МНР.
Министерството додава дека Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија и натаму ќе ја има нивната целосна поддршка, особено во насока на поддршка за автономијата во нивната работа.
„Сакаме и да ја охрабриме Комисијата да продолжи и понатаму со својата работа, ослободени од политичките притисоци кои се создаваат во јавноста, потпирајќи се на својата стручност, совесност и експертиза“, се додава во соопштението на МНР.