Македонија
Задоцнета и селективна правда во случајот со „Маѓар телеком“, велат од „Транспаренси интернешнл“

Од „Транспаренси интернешнл“ гледаат задоцнета и селективна правда во случајот со „Маѓар телеком“.
„Транспаренси интернешнл – Македонија“ од 2012 година за предметот што се води во правосудниот систем на Република Северна Македонија укажува на селективност во постапката, со намера да се покаже минимален придонес кон борбата против корупцијата и да се одбегне водење постапка против домашните функционери и поранешни политичари“, се појаснува во официјалната реакција од „Транспаренси интернешнл“.
Основниот Кривичен суд во Скопје пресуди вина за обвинетите Атила Сендреј, Ролф Плат и Золтан Кишјухас во случајот „Маѓар телеком“, на кои им е пресудено во отсуство бидејќи не се достапни за органите на прогонот. Во согласност со пресудата обвинетите се огласени за виновни за кривичното дело несовесно работење во службата од чл. 353 – в. ст. 4 в. в. со ст. 3 в. в. со ст. 1 од КЗ и се осудуваат на казни затвор од 8 години за секој од обвинетите.
Воедно, со пресудата обвинетите се задолжени солидарно да ја надоместат штетата од 67.407.760 денари на оштетената Република Северна Македонија, како и судските трошоци за постапката.
Од „Транспаренси интернешнл – Македонија“ велат дека го следат овој случај уште од 2012 година по објавата на резултатите од истрагата на американската куќа „Вајт и Кејс“ поведена по укажувањата на внатрешната ревизија во „Маѓар телеком“.
„Постоеле сомневања во законитоста на склучени и исплатени договори, од кои би произлегле низа коруптивни кривични дела, предвидени со Законот за странските коруптивни постапки – Foreign Corrupt Practices Act (FCPA) на САД, односно казниви според македонското и законодавствата на други држави.
Анализата на „Транспаренси интернешнл – Македонија“ покажа дека помеѓу 2000 и 2006 година мала група поранешни високи извршни лица на компанијата и на македонски филијали на компанијата одобриле трошење од речиси 24 милиони евра во повеќе од 20 сомнителни договори за консалтинг, лобирање и други договори (вклучувајќи одредени договори помеѓу компанијата и нејзини филијали, од една страна, и филијали на кипарска консалтинг-компанија, од друга).
Јавното обвинителство (ЈО) не повело постапка против организаторите на коруптивната шема и наредбодавците, туку само против извршителите. Органите во САД ги товарат токму овие лица занемарувајќи ги оние што (ако не биле тие, ќе биле некои други), само ја спровеле наредбата и формално ставиле потпис на документите.
Бројот на договори и трансакции што ги третираат органите од САД е поголем од бројот на договорите и трансакциите што ги третираат органите на прогонот во Р. Македонија.
Разлики, како што велат, постојат и во вкупната сума пари. ЈО на Р. Македонија нема поведено обвинение против правното лице, иако кривична одговорност за правните лица во нашето кривично законодавство има од 2004 година. Одговорноста за делата на неговата филијала во Република Македонија, односно „Македонски телеком“ АД Скопје, „Маѓар телеком“ непобитно ја признава во спогодбата со Министерството за правда.
„Прашањето за опфатеност на дејствата според македонското право истакнува околности поврзани со реформата во кривичното законодавство, која мора да се води со уште поголемо внимание отколку до сега:
Дејствата еднаш опишани и санкционирани според еден член од Кривичниот законик во негово подоцнежно изменување и дополнување доживеале своја разработка и биле преточени во друг член од Законикот, при што оригиналниот текст веќе не постои и според начелата на кривичното право понатаму не може успешно да се искористи во постапка против дело сторено претходно. Само за пример, делото предвидено со член 283 – создавање монополска положба и предизвикување растројство на пазарот од 14.9.2009 година се преточи во спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата („Службен весник на РМ“ бр. 114).
Интересот на „Транспаренси интернешнл – Македонија“ произлезе од причини што некои од овие договори се тесно поврзани со филијали на „Маѓар телеком“ во Македонија, како „Македонски телеком“ АД Скопје и „Камени Мост комуникации“ АД Скопје, а „Вајт и Кејс“ истакнуваат основан сомнеж со наводи за корумпирање функционери и челници на политички партии во Македонија од страна на раководни лица во „Македонски телекомуникации“ АД, сѐ заради стекнување погодности на пазарот на телекомуникациските услуги во 2005 и 2006 година.
„’Транспаренси интернешнл – Македонија’ има изработено информација уште во 2012 година заснована врз релевантни и јавни документи следејќи го отворањето на епилогот на истрагата за работењето на ‘Маѓар телеком’ во периодот од 2000 до 2007 година, стои во соопштението од таму“, се истакнува во реакцијата од „Транспаренси интернешнл“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема атмосферска канализација што ќе ги апсорбира врнежите со ваков интензитет, вели градоначалникот на Делчево

Градоначалникот на Делчево Горан Трајковски вели дека се работи за голема елементарна непогода и дека ништо не можело да спречи такво невреме, проследено со интензивни обилни врнежи.
„Ова е елементарна непогода. Екипите се на терен – територијалната противпожарна единица, јавното комунално претпријатие, „Македонија пат“, овде е и полицијата која го регулира сообраќајот да можеме побрзо да го ставиме градот во функција и да им помогнеме на луѓето каде што треба..ги контактиравме околните општини, пумпи за испумпување се на пат, имаме организирано, знаеме каде да ги упатиме овие пумпи“ рече Трајковски и додаде дека мора брзо да интервенираат затоа што има поплавени неколку улици и домови.
Тој апелираше до граѓаните кои имаат потреба од помош да се јават на 193 во противпожарната единица, за да пријават штета.
Рече дека имаат помош од околните општини Берово, Македонска Каменица, Кавадарци, Кочани и дека е во постојана комуникација со нив.
Ги предупреди граѓаните до утре да се воздржат од пиење вода од чешма. Исто така апелираше, луѓето да не излегуваат по улиците со нивните возила, за да не прават гужва во сообраќајот.
Македонија
(Видео) Страотни сцени од Делчево под вода; Жителите: Да не се повтори

Делчево е под вода. Од фотографиите и видеата што се шират на социјалните медиуми може да се види што направило страшното невреме.
Реки течат по улиците на градот. Уништена е и дел од улицата „Вера Јоциќ“. Поплавени автомобили.
Возилата на дел од улиците во Делчево не може да движат и таму сообраќајот е во застој.
Врнежите од град кои биле со големина на лешник предизвикале штети на дел од раноградинарските култури и на дел од овошните насади.
Од Општина Делчево апелираа до граѓаните да пријават евентуални штети.
Македонија
(Видео) ЦУК: Големо невреме во Делчево – врнежи од дожд и град, поплавени десетина објекти

Големо невреме проследено со врнежи од дожд и град попладнево го зафати Делчево.
Според информациите од ЦУК, во невремето има поплавени објекти. Во моментот на информирањето, екипите од Територијалната противпожарна единица ТППЕ Делчево во секој момент очекуваат да престане дождот за да излезат на терен и да интервенираат.
„Моментално интервенираат ТППЕ Делчево со 2 ПП возила и 5 пожарникари, додека Јавно комунално претпријатие во секој момент се очекуваа да излезат на терен и да интервенираат.
До со сега во Делчево се поплавени 10 објекти, но бројот на поплавени објекти, според информациите од терен, се очекуваа да расте“ велат од ЦУК.
Некои од граѓаните споделуваат видеа од невремето.