Македонија
„Зад секоја статистика стои човечка приказна – дете разделено од семејството, постаро лице принудено да го напушти својот дом“, рече Муцунски на министерска конференција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес учествува на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Зеленски од Украина, која се одржува во Монтреал, Канада. Конференцијата е организирана во ко-партнерство од министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина. Фокусот е ставен на третманот на политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца.
Во рамките на обраќањето на пленарната сесија која се одржа при отворањето на конференцијата, министерот Муцунски се заблагодари за поканата и истакна дека суштината на конференцијата допира не само до рамката на меѓународното хуманитарно право, туку и до суштината на нашата заедничка човечност.
„Ние силно ја осудуваме агресивната војна на Русија против Украина, која досега предизвика непоправливи загуби на човечки животи и разурнување. Целосната инвазија на Украина од страна на Русија претставува напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и флагрантно прекршување на основните начела на меѓународното право и, пред сè, вредностите на човештвото,“ истакна Муцунски во своето обраќање.
Тој потенцираше дека нашата држава силно ја осудува и континуираната повреда на меѓународното хуманитарно право и човековите права од страна на Русија во Украина, што истовремено претставува директно кршење на меѓународното право и Женевските конвенции.
„Сите прекршувања и злоупотреби на човековите права и на меѓународното хуманитарно право мора да бидат истражени, а сторителите изведени пред правдата, во согласност со меѓународното право“, подвлече министерот Муцунски во обраќањето.
Тој додаде и дека почитувањето на демократските принципи, човековите права и достоинството, како и владеењето на правото, се единствените универзални вредности што треба да бидат почитувани од сите.
„Секој миг што го поминуваме во оваа просторија нè потсетува дека зад секоја статистика стои човечка приказна – дете разделено од семејството, мајка која го бара своето блиско, постаро лице принудено да го напушти својот дом“, додаде министерот Муцунски во обраќањето.
На крајот од својот говор, министерот Муцунски ја повтори поддршката за напорите на Украина да воспостави праведен и траен мир врз основа на клучните принципи и цели преку Формулата за мир на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје и вечерва меѓу најзагадените градови во светот
Скопје е меѓу десетте најзагадени големи градови во светот според листата на IQAir.
Во текот на денов, главниот град постојано беше на врвот на листата според штетните честички во воздухот.
Со значително загаден воздух се и Кочани, Струмица, Тетово и Гостивар.
Што не смеете да правите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. Не отворајте ги прозорците од домот кога квалитетот на воздухот е оценет како „загаден“ или „многу загаден“, што е во утринските, доцните попладневни и раните вечерни часови.
2. Во оние периоди од денот и воопшто во периоди кога воздухот е претерано загаден, не носете надвор доенчиња, мали деца и деца кои веќе имаат респираторна инфекција.
3. Излегувањето надвор со висока загаденост на воздухот треба да избегнуваат и бремени жени, пациенти со хронична астма и хронична опструктивна белодробна болест.
4. Не вежбајте на отворено и воопшто избегнувајте ги сите спортски или рекреативни активности, од пешачење до трчање, бидејќи за време на вежбањето бројот на вдишувања се зголемува меѓу 40 и 60 во минута, па затоа поголеми количини загаден воздух влегуваат во респираторниот тракт.
5. Не применувајте физичка активност во области со многу сообраќај и во области од секторот за топлинска енергија.
Што да направите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. За почеток, пред да излезете надвор или да планирате да излезете надвор, дознајте го моменталниот квалитет на воздухот. За овие цели, на вашиот телефон можете да инсталирате голем број апликации кои го мерат загадувањето на воздухот во реално време.
2. Проветрувајте ги просториите на домот неколку пати во текот на денот и за тоа изберете ги периодите кога се очекува концентрацијата на загадувачи во воздухот да биде најмала, што е приближно помеѓу 11 и 15 часот.
3. Користете домашни прочистувачи на воздух.
4. Користете климатизери кои имаат соодветни филтри или се дизајнирани да не го вовлекуваат надворешниот воздух во дневната соба.
5. Користете природни средства за прочистување на воздухот во домаќинството, како што се растенијата.
6. Доколку навистина останувате надвор во периодот на зголемено загаденост на воздухот, правете почести паузи во движењето и дишете плитко.
7. Избегнувајте прометни улици и патишта каде што концентрацијата на загадувачи во воздухот е поголема поради издувните гасови од возилата.
8. Користете специјални маски за филтрирање за ПМ честичките, бидејќи обичните хируршки маски не помагаат.
9. Што се однесува до исхраната, лекарската препорака е во областите со прекумерно загадено воздух да се јаде храна богата со витамини Б, витамини Ц и Е и омега-3 масни киселини, што е поврзано со антиоксидантните и антиинфламаторните својства на овие состојки.
Македонија
Директорот на БЈБ Јанев во работна посета на СВР Штип: Создаваме функционална полиција во служба на граѓаните
Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев беше во работна посета во Секторот за внатрешни работи Штип, штипската сообраќајна полиција и полициската станица во Свети Николе.
При посетата директорот Јанев лично имаше можност да се запознае со условите во кои работат полициските службеници и да поразговара за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.
Директорот Јанев во разговорите со колегите потенцираше дека е од приоритетна важност полициските службеници да имаат соодветни услови за работа и дека нивното унапредување е на врвот на приоритетите на БЈБ и МВР.
Од страна на Јанев беше потенцирано дека посетите на сите организациски единици на полицијата ќе стане редовна пракса и активност со цел квалитетен увид во работењето и функционирање на сите служби кои се под надлежност на Бирото за јавна безбедност, подобрување на условите за работа со цел создавање на функционална полиција која ќе биде во служба на граѓаните и целосно спроведување на законот кој еднакво важи за сите.
Македонија
Меџити по речиси тригодишен застој го пушти во функција хидросистемот Ѓавато
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и пратеникот во Собранието на Република Македонија Миле Цеков го пуштија во функција хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ со кој од бунарите на Ѓавато се врши дотур на вода во Дојранското Езеро.
На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, неодамна Владата ја усвои информацијата за ставање во функција на овој хидросистем и после речиси три години застој во работата, водите на Дојранскот Езеро повторно ќе се надополнуваат од бунарите од Ѓавато.
„Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се залагаат да се изнајде решение за финансиските средства, за во блиска идина да се реконструира целосно овој хидросистем“ изјави Меџити, нагласувајќи дека за повторно функционирање на хидросистемот е потребна реконструкција на самиот цевковод и набавка на неколку нови потопни пумпи.
Пратеникот Миле Цеков изјави дека претходната Влада и сегашната општинската власт скоро 3 години не нашле решение за овој проблем, за кој новата Влада најде решение за помалку од половина година.
„Благодарност до министерот Изет Меџити што поднесе предлог одлука до Владата, за решавање на овој наследен предизвик кој не беше решен скоро 3 години“, изјави Цеков.
На Бунарско подрачје Ѓавато моментално има технички исправни три потопни пумпи – пумпите 3, 7 и 8 кои се ставија во функција, а за останатите е потребна реконструкција.
Поради неработењето на хидросистемот во изминатиот период, нивото на водостојот на Дојранското Езеро е 76 сантиметри под дозволениот минимум и доколку продолжи ваквиот тренд нивото може и дополнително да се намали со оглед дека и хидролошка состојба е неповолна.