Македонија
(Видео) Заев-Дендијас: Грција е трет најголем инвеститор во Северна Македонија, претендира да биде прв

Премиерот Зоран Заев се сретна со министерот за надворешни работи на Република Грција во рамките на неговата официјална посета на државава. На билатералната средба се разговараше за поддршката што Република Северна Македонија континуирано ја добива од Република Грција на патот на евро-атлантските интеграции и за развојот на трговската размена и инвестициите помеѓу двете држави.
Грција е трет најголем инвеститор во Северна Македонија, а претендира во следниот период да дојде на првото место. Преспанскиот договор е извонредна можност за зајакнување на културните и економските врски помеѓу двете држави.
Министерот за надворешни работи, Никос Дендијас, рече дека, без разлика кој е на власт во Грција, секоја влада принципиелно се залага за имплементирање на заклучоците од солунскиот самит, со кој се поддржува интеграцијата на балканските земји во Европската Унија. Дендијас додаде дека по барање на премиерот Мицотакис, во следниот период ќе ја интензивира својата лоби-агенда во европските центри на моќ, во кој ќе бара начин како Северна Македонија што е можно побргу да го почне процесот на преговори со Европската Унија.
Премиерот Заев се заблагодари за севкупната поддршка што ја добиваме од владата во Атина и се осврна на потребата од зголемување на економската размена, но и подобрување и отворање нови инфраструктурни канали, кои треба да ја поддржат бизнис-заедницата. Премиерот Заев истакна дека кога бизнисот се развива, граѓаните во нашите две држави ќе имаат и подобар животен стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Здруженијата на новинари на Македонија и Косово со заедничка иницијатива за соработка

Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Здружението на новинари на Косово (АГК) одржаа работен состанок на кој се разговараше за состојбата на новинарите како и медиумите во двете земји.
Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ пред дваесетина колешки и колеги од разни медиуми од Косово ги претстави тековните проекти и залагања на ЗНМ во насока на подобрување на солидарноста на фелата но и заштита на правата на новинарите во Македонија кога тие се под закана. Една од формите на подобрување на соработката помеѓу новинарите но и унапредување на нивните знаења е преку активностите на тематските секции на ЗНМ во Скопје но и во другите градови, истакна Секуловски.
Џемаил Реџа, претседател на одборот на Здружението на новинари на Косово, говореше за состојбата со правата на новинарите но и предизвиците кои ги имаат медиумите во нивниот локален контекст. Тој истакна дека ваквите колаборативни посети во соседните земји и размена на искуства и знаења позитивно влијаат на комуникацијата и идната соработка помеѓу новинарите во целиот регион.
На оваа работна средба беше разговарано за можноста да се организираат слични студиски посети на новинарите во земјите од Западен Балкан на теми кои ќе бидат од интерес на новинарите но посебно во насока на заедничко унапредување на професионалните стандарди споделување на информации за успешни примери од работата на новинарите и медиумите. Присутните дебатираа за предизвиците со дезинформациите во регионот, безбедноста на новинарите и за модели за финансирање на медиуми.
Оваа посета на колегите од Косово е дел од активностите на АГК во соработка со Академијата за информативен интегритет на новинарите и предвидува посета на група на млади новинари на неколку медиумски организации, но и медиуми во Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да ја поддржи интерпелацијата што ќе ја поднесат за Талат Џафери

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието на Македонија заради недоличното однесување, сите прекршувања на Деловникот за работа на Собранието, прекршување на Уставот на Македонија, како и за навредите на Џафери кон вработените во Собранието, истакнуваат од партијата.
Оттука ги повикаа сите пратеници во Собранието да ја поддржат интерпелацијата за Талат Џафери.
„Ковачевски треба да излезе од скутот на ДУИ и пратениците на СДСМ да ја поддржат интерпелацијата на Талат Џафери. Автократот Џафери покаже дека не е достоен да биде претседател на Собранието заради неговиот примитивизам, кршење на Деловникот и Уставот и недемократско однесување.
Џафери вулгарно ги навредуваше вработените во Собранието. Џафери контактирал со Чеченски политичар кој е безбедносен ризик за државата заради блискоста со Кремљ. Џафери ги заклучуваше пратениците во Собранието.
Што уште треба да направи Џафери за Ковачевски да се охрабри и како лидер на СДСМ да побара негова оставка?
Постои основан сомнеж дека и Ковачевски и ДУИ намерно провоцираат сценарио во Собранието кое треба да биде дефокус од реалните проблеми, неспособноста и криминалот на власта.
Оставката на Џафери е основан и логичен чин после целото негово поведение и очекуваме СДСМ на Ковачевски да има барем грам доблест“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да одговори каде завршиле украдените пари од „Криминални парцели“

„Последните информации кои излегоа во јавноста покажуваат дека обвинетите и осомничени во аферата „Криминални парцели“ со која се проневерени 1,6 милиони евра се донатори на ВМРО-ДПМНЕ и на кампањата на Данела Арсовска.
Орце Тодоровски, Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски, Мирослав Митрески се на листите на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, а Орце Тодоровски и на листата на донатори на Данела Арсовска.
Мицкоски да не бега туку да одговори каде завршиле украдените пари од „Криминални парцели“?
Дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот ментор и преку својот телохранител ги прикрил трагите за испумпување на пари од ЕВН, како што Никола Груевски правеше со плацовите на Водно?
Мицкоски мора да даде одговори на овие прашања пред јавноста“.
Соопштение на СДСМ