Македонија
Заев- Ердоган: Вложуваме во поинтензивна соработка за да отвориме повеќе врати за турските инвеститори

Премиерот Зоран Заев за време на еднодневната работна посета се сретна со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
На работната вечера во Истанбул, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Заев и претседателот на Турција, Ердоган разговараа за взаемните пријателски односи исполнети со динамична соработка во повеќе области.
Премиерот Заев за време на средбата ја потенцираше исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турските компании да инвестираат во Северна Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски.
Економската и трговската соработка се витални, рече за време на работната вечера премиерот Заев и додаде дека во таа насока се очекува поинтензивна динамика со новиот договор за слободна трговија кој е во подготовка, кој има за цел да отвори повеќе врати за турските инвеститори.
Премиерот Заев и претседателот Ердоган се согласиле дека Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, се поврзани и со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка, како и во борбата против тероризмот согласно со домашното право на двете земји, како и со меѓународното право.
Претседателот Ердоган во делот на своето добредојде до гостите истакна дека во срцата на граѓаните на Турција, Северна Македонија има посебно место како земји кои имаат одлични односи и длабоки историски врски.
Ердоган потенцираше дека и покрај пандемијата двете земји имаа одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија.
На средбата во Истанбул беше истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството.
Премиерот Заев изрази надеж дека претседателот Ердоган наскоро ќе ја посети Северна Македонија, како континуитет на взаемните посети на највисоко политичко ниво и како видлив придонес за унапредување на односите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.