Македонија
Заев од Струга: Покажавме резултати и успеси на сите полиња

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на денешната трибина „Најдоброто за мојата општина“ посочи за важноста на концептот на едно општество за сите и дека тоа е клучот за напредок.
„Сето ова го зборувам од името на авангардните чекори кои што заедно сите ние, нашиот народ ги презедовме последните 4 години. Решивме историски прашања, ќе ве потсетам овде има и повозрасни од мене, но има и помлади. Се сеќаваат сите. 30 години славиме независност, 30 години на сите избори, НАТО – ЕУ, ЕУ – НАТО, единствено или слично. И успеавме, сите позади нас не успеаја. Денеска најголемото богатство го имаме, сите дома сме обединети, во едно општество за сите. Каде што секој граѓанин е еднаков и со своите права и со своите обврски. И тоа треба да продолжиме да го негуваме”, рече Заев.
Тој се наврати и на дел од досега сработеното, на инвестициите и на економијата.
„Покажавме мултиетнички и меѓународни успеси кои што никој не може да ни ги земе. И додека ги решававме сите овие крупни прашања, работевме дома, 7000 проекти поддржавме на локално ниво на државата. Изградивме 60 детски градинки, реконструиравме, изградивме нови 80 училишта, 34 болници, 20 домови на култура, театри, општински згради, изградивме објекти и проекти вредни повеќе од 500 милиони евра. Општините беа во долгови до гуша, ги раздолживме со 50 милиони евра и тоа се огромни пари на државата. Успеавме паралелно да го јакнеме економскиот стандард на нашиот народ“, рече Заев.
„На најсиромашните поделивме не 3%, не 30%, 300% повисока социјална помош, ги покачивме платите на сите во државата“, додаде тој.
Од Струга, Заев испрати порака на единство и повика на обединување на сите етнички заедници кои живеат во Струга да го изберат најдоброто.
Заев повика на 17 октомври да се избере патот кој води кон просперитет и подобар животен стандард за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Намалена видливост поради магла на Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла 50-60 метри има на Попова Шапка, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За влез во Влада Алијанса нека ги спречи автобусите со млади од Тетово и Гостивар кои ја напуштаат Македонија, побара Мицкоски

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара Алијанса за Албанците да покаже програма за да може да се разбере нивната желба за влез во Владата. Нагласи дека програма за влез во Влада со реформи за подобар живот на граѓаните не слушнал од ниту една политичка партија ниту пак од политичарите од Алијанса за Албанците.
„Во ред, еве го смениле мислењето, не сакаат повеќе да бидат опозиција, сакаат да бидат власт. Не можам да ги оправдам, но ги разбирам. Ќе ги разберам до крај ако видам платформа со која ќе ги спречат автобусите од Гостивар и од Тетово на млади луѓе да ја напуштаат Македонија и да кажат ние со оваа политика ќе ги спречиме тие луѓе. Ќе ги повикаме да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Од Алијанса за Албанците, како политичка партија со многу лекари, Мицкоски вели дека очекувал да понуди платформа во здравството со која ќе понудат услуги кои пациентите ги заслужуваат.
„Не нудат програма, а велат ќе влеземе во Влада. Се поставува прашањето за што ако не за фактот да им се придружат на овие кои го крадат македонскиот народ. Еве нека ми каже некој со кој друг аргумент тие може да го оправдаат нивниот влез во Владата ако не е ова. Не гледам програма“, рече лидерот Мицкоски.
Тој и денес повика час поскоро да се организираат предвремени парламентарни избори оти во спротивно вели дека ќе се зголеми бројот на автобуси кои ја напуштаат Македонија.
Македонија
Место да ја плукате и мразите Македонија, подобрете го стандардот, за 30 отсто е намален бројот на жители во Бугарија, порача Мицкоски

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ги повика македонските власти да престанат со аматеризмот кога се работи за македонско – бугарските односи и понуди помош и поддршка со застанување во прв ред, доколку одлучат да донесат одлука за заштита на македонските национални интереси.
Мицкоски вели дека и покрај сите отстапки, „свитканата кичма“ и се што оваа Влада попушти против интересите на народот, политичкиот аналфабетизам не довел до тоа да трпиме лавина критики и навреди од политичарите од северниот сосед со кои како некој намерно да сака да ја втурне државата во процес во кој ќе се политизира европската интеграција. Тој смета дека е крајно време да се престане од политички маргиналци да се создаваат политички херои па јавно упати пораки и до македонските власти до бугарските политичари.
„Мојата порака до македонските власти е да престанат со овој тип на аматеризам аналфабетизам и егзебиционизам и се што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да поддржи, да застане во првите редови. Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија наспроти тоа да градат кампања на тој кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците. Затоа што изминативе 30 години за 30 % е намален бројот на жители во Бугарија. Не случајно тие бегаат од Бугарија и покрај тоа што е земја членка на ЕУ, тие немаат доверба во политичарите што се таму. Гледаат дека наместо да работат за интересите на Бугарија работат за лични интереси и се богатат, нешто слично како што се случува и овдека, она што го работи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој смета дека политичарите треба да разберат дека треба да бидат слуги на народот, а не да работат само за своите лични потреби и да ги задоволуваат своите хедонистички потреби.