Македонија
(Видео) Заев: Парите и униформите остануваат на македонски јазик
Парите и униформите на полицијата и војската, се употребуваат на целата територија на Македонија и е спротивно на Уставот да се додава втор јазијк на нив, појасни лидерот на СДСМ, во петок, по јавното обраќање на кое ја објави новата владина програма, без да го добие официјално мандатот од Претседателот Ѓорге Иванов, по предвремените парламентарни избори на 11 декември лани.
Тој воедно го повика Претседателот Иванов да констатира дека СДСМ има владина програма.
Рече дека следната недела ќе седнат со партиите кои му ги дадоа потписите нему, да се договорат за сикување Собрание и избор на претседател на Собранието.
Заев порача дека сега нема повеќе платформи, тукуе динствена владина програма.
Во програмата, која ја најави како програма која ќе донесе подобар живот за македонските граѓани, Заев објасни и како ќе се овозможи унапредување на употребата на јазиците во Македонија, прашање што силно ја разбранува јавноста во државата изминатиов период, кога се стравуваше од тоа дека албанскиот јазик ќе стане втор официјален јазик и државата ќе стане бинационална.
„Ако некој граѓанин има право да го зборува својот мајчин јазик, тоа не значи дека некој друг губи. Напротив, добива Македонија“, рече Заев.
Тој појасни дека граѓаните Албанци во Македонија ќе можат во институците да се обраќаат и да поднесуваат барања на својот мајчин јазик.
Заев рече дека не само Албанците туку и другите малцинства во земјата, Срби, Бошњаци, Роми, Власи, ако се 20 отсто во општината каде живеат ќе можат да се обратат до институциите на својот мајчин јазик.
Тој рече дека е лага дека сите во училиштата ќе мора да го учат албанскиот јазик. Потенцира дека Уставот на никој начин нема да биде погазен со овозможувањето на употреба на јазиците во Македонија. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан договор за електронска размена на податоци меѓу МВР и Јавното обвинителство
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска потпишаа Договор за соработка и размена на податоци во електронска форма меѓу двете институции.
Со Договорот се воспоставува меѓуинституционална размена на податоците во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, при што се уредува формата на поединечните барања врз основа на кои ќе се врши електронската размена и описите на регистрираните сервиси кои можат да бидат предмет на електронска размена.
Врз основа на договорот, обвинителството ќе добие директен електронски пристап до базите на податоци кои ги води МВР за државјанство, за моторни возила, за живеалиште и престојувалиште и за поседување оружје.
По потпишувањето на Договорот, Коцевски и Тошковски разговараа и за повеќе тековни прашања од областа на координацијата меѓу двете институции во насока на ефикасно гонење на сторителите на кривични дела.
Македонија
ВРЕДИ: Пратениците нa Европскиот фронт ги дистанцираат Албанците од западните стратешки партнери
„ДУИ го губи компасот, во забуна не знае што прави, кого напаѓа, а кого го брани. Мијалков им стана помил од меѓународната заедница. ВЛЕН со загриженост ги следи неодамнешните изјави на пратеникот Зејд Реџепи од Европскиот фронт (ЕФ), коалиција на ДУИ, со кои повторно се прави обид да се наруши довербата на Албанците кон нашите стратешки партнери од Западот. Со ваквите ставови, раководството на ДУИ и Европскиот фронт покажува дека не знае што прави, дека е во целосна конфузија и дека ги става своите лични и партиски интереси пред стратешките интереси на Албанците и на државата“ велат денеска од коалицијата ВРЕДИ.
Ја повикаа јавноста и членството на ДУИ „да размислат дали нивните лидери, кои очигледно продолжуваат да ги конфронтираат Албанците со нашите западни партнери, заслужуваат уште да ја водат партијата и да учествуваат во креирањето на иднината на граѓаните. Време е за јасна дистанца од корумпирани политики и антизападна реторика. Албанците и сите граѓани на Северна Македонија заслужуваат искрени лидери, одговорни политики и силно партнерство со ЕУ, НАТО и целата меѓународна заедница“.
„ДУИ и ЕФ ги дистанцираат Албанците од западните сојузници. Настапите со кои се изразува сомнеж во меѓународната заедница укажуваат дека ДУИ и Европскиот фронт намерно настојуваат да ги оддалечат Албанците од Западот. Ваквата реторика е крајно штетна и оди спротивно на децениските определби на граѓаните на Северна Македонија, вклучително и мнозинството Албанци, за зачленување и блиско партнерство со ЕУ и НАТО. Обвинувањето на меѓународната заедница за сопствените криминални афери е неосновано. Неразбирливо е како ДУИ и ЕФ упорно го вперуваат прстот кон амбасадорите и странските институции, наместо да се соочат со сомнежите и фактите за своите корупциски скандали“ велат од ВРЕДИ.
Сметаат дека „Ваквиот обид за префрлање на вината е само уште еден доказ дека раководството на ДУИ е во длабока забуна и дека нема капацитет да ги решава вистинските проблеми. Личната одговорност на Артан Груби сакаат да ја релативизираат. Обидите да се прикаже дека Артан Груби не е виновен за сопствените постапки, туку дека „криви“ се амбасадорите, е врв на манипулација“.
„Ова е класичен пример на избегнување на одговорност, со што се потценува и јавноста и членството на ДУИ. Тврдењето дека „Артан настрадал затоа што ги слушал“ е врв на самобендисаноста на ДУИ и ЕФ. Оваа теза на ДУИ и ЕФ, според која одговорноста им припаѓа на другите (амбасадори, меѓународни претставници итн.), наместо на самите функционери, е уште еден очаен обид за алиби. ДУИ и ЕФ продолжуваат да даваат нелогични и контрадикторни изјави за да ги залажат сопствените членови и целата јавност“ посочуваат од ВРЕДИ.
Македонија
Муцунски-Емери: Македонската дијаспора во Австралија претставува мост за поврзување меѓу граѓаните на двете земји и значаен фактор во билатералната соработка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на проштална средба го прими вонредниот и ополномоштен амбасадор на Комонвелтот Австралија во нашата земја, Даниел Емери.
На средбата Муцунски му се заблагодари на амбасадорот Емери за неговиот значаен придонес во унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји за време на неговиот мандат.
Во текот на разговорот, соговорниците се осврнаа на одбележувањето на јубилејот – 30 години од воспоставувањето на билатерални односи помеѓу двете земји, како и на важната улога што ја има македонската дијаспора во Австралија. Таа претставува вистински мост за поврзување меѓу граѓаните на двете земји и значаен фактор во билатералната соработка.
Посебен акцент беше ставен на можностите за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Министерот Муцунски и амбасадорот Емери разговараа и за продлабочување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, вклучително во сферата на образованието, науката, здравството, културата и туризмот. На средбата беа разменети мислења и за актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот и пошироко.