Македонија
Заев побара парламентот да гласа за доверба на Владата

Премиерот Зоран Заев побара од пратениците да гласаат за доверба на Владата. Тој посочи дека во последниот период кружат лажни вести оти власта немала мнозинство во Собранието. Како што образложи Заев, барањето е за да се види дали тие вести се точни или не.
„Да побарам од вас пратениците да гласате за доверба на Владата. Ред е да се соочиме и расчистиме. Да го видиме на дело толку долго време најавуваното наводно мнозинство на опозицијата. Ова е момент кога ќе покажеме колку има вистина во најавата за мнозинство на опозицијата. Мора да е едно од двете, ако не и двете заедно. Покрај сите обиди за опструкции и блокади, граѓаните секој ден се изложени на лажни вести за некое ново и непостојно мнозинство, нова нестабилност. Тоа е само поради внатрепартиските цели на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел да се претстави поинаква перцепција на граѓаните. Вистината е најсилното оружје. Парламентарното мнозинство, јас, Владата и коалицијата, нема да дозволиме неизвесност, сопки, блокади и опструкции“, рече Заев на собраниска седница.
Заев објасни дека без дебата, бара да се гласа за доверба на Владата.
„Во име на сето претходно кажано, во име на вистината, ја преземам обврската кон граѓаните, во согласност со член 93 став 1 од Уставот и член од 217 став 2 од Деловниот на Собранието, да побарам изјаснување на Собранието за доверба на Владата“, додаде Заев.
Инаку, Уставот предвидува дека доколку на биде изгласана доверба на Владата, тоа прашање не може повторно да биде поставено на дневен ред во наредните 90 дена. Во спротивен случај, доколку ѝ биде изгласана недоверба, тогаш Владата треба да поднесе оставка.
Собранискиот Деловник, пак, предвидува Собранието да гласа за доверба на Владата на истата седница доколку предлогот доаѓа од претседателот на Владата усно на собраниска седница, како што е случај сега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Приведен Драги Рашковски, Обвинителството бара притвор

Полицијата го приведе поранешниот секретар во кабинетот на премиерот и поранешен генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, во рамки на истрагата во случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Приведен е и Даниел Станчев, сопственик на фирмата „Инвока груп“ од која е набавен софтверот.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица за злоупотреба на службената положба и овластување.
„Во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот“, соопшти Обвинителството.
На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена.
Летото 2019 година, првоосомничениот донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот иако во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000 денари со вклучен 18% ДДВ и од 4.605.021,00 денари со вклучен ДДВ.
„Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321 денари“, се наведува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци за двајцата првоосомничени до судот достави предлог за определување на мерка притвор.
За останатите осомничени даде предлог на судот да им определи мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено кај определено службено лице или определен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана за учество во спроведување на постапки за јавни набавки.
Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот, обвинителството на 18 март годинава отвори предистражна постапка.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре ќе протестира пред Министерството за здравство

ВМРО-ДПМНЕ утре во 11 и 30 часот ќе протестира пред Министерството за здравство. Од партијата најавија дека на протестот ќе побараат оставка на министерот Венко Филипче.
„Филипче и Заев се одговорни за 4.357 жртви од корона. Додека целиот свет беше во потрага по вакцини, Заев и Филипче беа во потрага по провизии за кинески вакцини. Денес овие луѓе што умираат немаше да починат, доколку Заев и Филипче не возеа мотори туку обезбедеа вакцини“, се вели во најавата за протестот.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ако власта го подготвела здравствениот систем по појавата на коронавирусот ситуацијата ќе била поинаква.
Македонија
Физичката неактивност е поврзана со многу потешки симптоми на коронавирусот

Физичката неактивност е поврзана со многу потешки симптоми на коронавирусот и го зголемува ризикот од смрт, покажа студија во која биле опфатени скоро 50.000 испитаници заразени со вирусот.
Луѓето кои не биле физички активни најмалку две години пред пандемијата, имале поголема веројатност да бидат хоспитализирани, третирани на одделот за интензивна нега или да починат, објавија истражувачите во магазинот „Бритиш журнал оф спортс медисин“.
Како ризици за тешка форма на Ковид-19, пред физичката неактивност биле само возраста и ако некое лице имало трансплантација на орган, открива студијата.
Во споредба со другите фактори на ризик врз кои испитаниците можат да влијаат како пушење, дебелина или висок крвен притисок, физичката неактивност е највисок фактор на ризик, заклучуваат авторите на студијата.
Иако врската е статистички убедлива, студијата не е спроведена како клиничко испитување и не може да се смета за директен доказ дека недостатокот на физичка активност директно предизвикува различни исходи кај пациентите, истакнуваат истражувачите.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија2 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш