Македонија
Заев – Столтенберг: НАТО е тука за да помогне, секогаш кога тоа ќе биде потребно

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев денеска имаше телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Столтенберг упати честитки до претседателот Заев за победата на СДСМ на предвремените парламентарни избори и изрази задоволство што во Република Северна Македонија е реизбрано политичкото раководство кое со своите храбри и исправни политики ја внесе земјата во НАТО, како 30-та земја членка. Со тоа е потврдена определбата на Република Северна Македонија, како членка на Алијансата, да го продолжи реформскиот пат кој значи напредок, развој и стабилност“, соопштија од СДСМ.
Особено е важно, нагласил Столтенберг, што тоа се случило по решавањето на големи проблеми на меѓународен план и по спроведувањето на значајни реформи дома, што го потврдува демократскиот капацитет на македонскиот народ.
Претседателот Заев изразил благодарност за честитките и нагласил дека на овие избори се покажало дека граѓаните ја поддржале посветеноста и исправниот реформски курс на Владата предводена од СДСМ.
Претседателот Заев нагласил дека Северна Македонија цврсто останува посветена на демократските реформи и евро-атланската ориентација.
„Двајцата соговорници се согласија дека имавме достоинствени, фер и демократски избори, како што доликува на земја членка на НАТО и на земја што почнува преговори за полноправно членство во Европската Унија. Претседателот Заев нагласи дека новата влада, предводена од СДСМ, со уште поголемо темпо ќе продолжи посветено да работи, особено на полето на економски напредок, на реформи во правосудниот систем, како и на политики кои ќе донесат развој и подобар живот за сите граѓани“, се наведува во соопштението.
Генералниот секретар на НАТО порачал дека и во идниот период ќе продолжи соработката меѓу НАТО и Северна Македонија како членка на НАТО, но и соработката и поддршката во однос на надминување на сите предизвици со кои се соочува земјата.
Во тој контекст, тој се интересирал за состојбата со ситуацијата со КОВИД-19 и нагласил дека НАТО е тука за да помогне, секогаш кога тоа ќе биде потребно.
„Претседателот Заев изрази благодарност за поддршката и нагласи дека во однос на коронавирусот земјата реагираше брзо и навремено и не дозволи да се оптовари здравствениот систем, како што тоа се случи во некои други земји“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори, Аеродром се движи по нова траекторија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Изјавата на СДС е уште еден обид за дефокус и манипулација од страна на партија која во претходните 4 години не направи ништо за Аеродром, освен бетон и хаос. Граѓаните добро паметат – од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори и нула транспарентност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од страна на СДСМ изјавија дека Општина Аеродром е жртва на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Дејан Митески.
Денес, според партијата на власт, Аеродром се движи по нова траекторија.
„Со нова инфраструктура, проекти во образованието, социјалната заштита и реални инвестиции. Работиме секојдневно, транспарентно и во интерес на граѓаните. За прв пат во Аеродром во исто време се градат училиште, детска градинка и спортска сала. Паралелно на тоа се реализираат многу инвестиции во патната и водоводна инфраструктура, зеленилото, спортската и детска инфраструктура.
Аеродром повеќе не е бетонска џунгла, напротив, статистички гледано се градат за 80% помалку згради во овој мандат. За првпат спроведовме деурбанизација, односно избришавме маркици за згради и ги пренаменивме во паркови“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тригодишната блокада од владата на СДС, сепак во Аеродром се реализираат проекти како никогаш досега.
Оценуваат дека заврши времето на СДС кога една даска чинеше илјадници евра, еден кош како цела спортска сала.
„Заврши времето на СДС кога со изградба на згради се грижеа за тревата, како онаа кај Мајчин дом.
СДС очигледно не ја научија лекцијата после катастрофалните порази на изборите и пораката дека аеродромци не сакаат празни зборови, туку дела и проекти.
Граѓаните не сакаат враќање на старата неработа“.
Македонија
МЗ: Нормализирано водоснабдувањето во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“

Министерството за здравство информира дека водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.
Од таму додаваат дека хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет.
„Министерството останува посветено на следење на состојбата и обезбедување континуирана здравствена заштита за најмладите пациенти“, соопштија од оваа институција.
Македонија
Македонија е посветена на изградба и модернизација на транспортните коридори, вели Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со заменик амбасадорот на ЕУ, Бен Нупно.
На средбата Николоски ја истакна силната определба на Владата за развој на инфраструктурата, со посебен фокус на европските коридори 8 и 10, како и кракот 10 д.
Потребата од економско зајакнување на Македонија и интеграција во регионот е возможно единствено преку изградба и модернизација на патната и железничката мрежа, потенцира Николоски, истакнувајќи ја потребата од силна подршка од европските партнери во овие процеси.
Тој нагласи дека Македонија се движи во правец на инфраструктурна интеграција во регионот, посочувајќи дека Владата започна интензивни процеси на изградба и модернизација на главните европски рути во земјава, истакнувајќи ги проектите за автопатското и железничкото поврзување на коридор 8, особено проектот за изградба на брза пруга на коридор 10.
Во однос на железничкото поврзување со Бугарија, Николоски ја нагласи определбата на Владата за доизградба на пругата и заедничката реализација на овој проект со Бугарија, особено по средбата што се одржа во Брисел, а во посредство со Европската Унија.
На средбата се потенцира и важноста од зголемување на капацитетите и потребата од искористување на средствата преку ИПА фондовите.
Интегерцијата на Македонија и соработка со ЕУ е стратешка политика на Владата, посочи Николоски, истакнувајќи дека ќе продолжи посветено да се работи на реформските процеси, на борбата против корпуцијата и владееење на правото.