Македонија
(Видео) Заев: Таргетот за референдумот е да излезат над 50 отсто од вкупниот број избирачи
Премиерот Зоран Заев денеска учествуваше на Меѓународната конференција насловена „Македонија гледа напред: Мигот е да се фати возот за ЕУ“, во организација на Прогрес-институтот за социјална демократија (ПИ).
Во својот говор Заев, обраќајќи им се на многубројните учесници, истакна дека оваа конференција доаѓа во клучно време и е одлична можност за да се пренесат силните пораки дека Македонија има многу важни пријатели, кои се посветени на перспективите на нашата земја.
„Драго ми е што можеме да зборуваме за прогресот на една мала земја што е кандидат за членство во Европската Унија и која има аспирации да учи од европските земји, но истовремено има амбиции да сподели свои вредности, кои можат да бидат придонес за реформирана Европа, кон која сите се стремиме, како еден од највлијателните фактори на светско ниво“, подвлече премиерот Заев, нагласувајќи дека со градењето пријателство со соседите и затворањето на сите отворени прашања, Македонија покажува европски манири дека вредностите опстојуваат и во регионот на Западен Балкан.
Тој се осврна на моментот на заокружувањето на одговорот „за“ на гласањето на референдумското прашање на 30 септември, подвлекувајќи дека на референдумот граѓаните ќе донесат одлука со која ќе ги потврдат промените што ќе ја одредат иднината на нашата земја.
Заев укажа дека анкетите покажуваат оти огромното мнозинство граѓани го поддржува референдумот и дека таргетот е да се постигне излезност на повеќе од 50 проценти од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список.
Премиерот истакна дека покрај реформите, во Македонија се имплементираат и сериозни левичарски политики.
„Донесен е Законот за минимална плата, воведена е евтината тарифа за струја, се укина радиодифузната такса“, потсети Заев и најави дека деновиве Владата ќе потврди дека социјалната помош ќе се зголеми за трипати повеќе и дека ќе се зголемат платите на ранливите групи и лекарите и ќе се овозможи бесплатно здравствено лекување.
На прашањето зошто упорно ја кани и очекува партијата ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи на кампусот „за“ во кампањата за референдумот, премиерот рече дека тој не се откажува лесно и верува силно и суштествено дека и опозицијата во Република Македонија е за ЕУ и НАТО.
„Затоа што не постои друга алтернатива за нашата земја од полноправното членство во НАТО и Европската Унија“, истакна Заев потенцирајќи дека е потребно единство, иако може опозицијата и власта да се различни и да не се согласуваат по многу прашања.
На панелот, на кој учествуваше премиерот, се обратија и претседателката на Фондацијата за европски прогресивни студии, Марија Жоао Родригез, Нилс Шмид, пратеникот во германскиот Парламент и известувач за надворешна политика на пратеничката група на СДП во Германија, Кати Пири, пратеничка во Европскиот парламент, СД група и Берт Коендерс, поранешен министер за надворешни работи на Холандија. На конференцијата, чија цел е да се дискутира и да се развијат стратегии за европска и евро-атлантска интеграција, како и за одржлива демократизација на Македонија и државите од Југоисточна Европа, учествуваа и други владини претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Македонија
Променливо време со врнежи до четврток, најобилни на исток
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне и во текот на ноќта во јужните и западните делови се очекуваат локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец, со брзина над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 10 степени, а максималната ќе достигне меѓу 17 и 22 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 21 степен.
Во наредните денови, до четврток, времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток во источните делови, каде ќе има и услови за ретки грмежи.
Во петок ќе преовладува облачно време, додека во сабота ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне ќе биде сончево, а попладне повторно ќе има услови за дожд, особено во западните делови.
