Македонија
(Видео)Законските измени предвидуваат помал број часови за основците

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, го објави на јавна расправа законот за основно образование што се очекува да биде донесен пред почетокот на новата учебна година.
Предлог-законот за основно образование содржи измени во наставниот процес и во статусот и правата на наставниците во основните училишта, преземање обврски за непречено остварување на правото на образование на децата со посебни потреби, надворешна евалуација на училиштето, нивно рангирање според постигнувањата и финансиска помош за талентираните ученици.
Со измените во овој закон се утврдува максималниот број часови на учениците. За учениците од прво до трето одделение се предвидува најмногу 20 часа неделно, за учениците од четврто до шесто одделение најмногу до 25 наставни часа неделно, а за учениците од седмо до деветто одделение најмногу до 30 часа неделно.
Паралелно со ова се намалува и неделниот фонд на наставни часови за одделенските наставници, и тоа од 18 до 23 наставни часови во кој влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата. Со новите измени се предвидува и намалување на бројот на ученици по паралелка. Наместо досегашниот минимален број од 24 ученици, како минимален праг се предвидуваат 20 ученици во една паралелка.
„Според предлогот на законот, бројот на ученици во паралелка може да се движи во распон од 20 до 30 ученици, но тенденцијата бројот да биде до 24 ученици максимум, поради пребукирани училишта во Скопје, каде што има многу ученици а нема просторни можности за помали одделенија од 30 ученици“, рече министерката Дескоска.
Со измените кои ги предвидува МОН исто така се утврдува и бројот на ученици со посебни образовни потреби да не може да биде повеќе од два во едно одделение. Како што кажа министерката, оваа мерка се поставува со цел да се избегне нивно групирање и изолирање во една паралелка, како и овозможување нивна инклузија со можност за непречено одвивање на образовниот процес.
Во основните училишта ќе бидат воведени и програми за спречување дискриминација, насилство и секакви облици на девијантно однесување.
„Доколку ученикот користи говор на омраза, неговиот родител или старател ќе биде упатен на советување. Свесни сме дека кај овие ученици покрај нивната свест, треба да се менува и свеста на нивните родители“, рече Дескоска.
Заради остварување на правото на образование на сите деца, со новиот закон ќе се воведе можност за организирање и остварување на основното образование во здравствени и домашни услови за ученици кои се на домашно или болничко лекување подолго од три недели.
Министерката за образование рече дека коментарите по јавната расправа се добредојдени и дека доколку Министерството забележи дека има пропусти, измените на законот ќе бидат дополнети пред неговото донесување.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни врнежи во Прилеп, патот Охрид-Свети Наум во целосен прекин поради одрон

Обилни врнежи од дожд попладнево го зафатија Прилеп, Охрид и југозападниот регион.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп.
Од страна на раководителот на РЦУК- Прилеп побарано е од ТППЕ Прилеп и ЈП Водовод да има дополнителна дежурна екипа доколку има потреба од дополнителни сили.
Во охридско пак, поради одрон на коловозот по невремето во целосен прекин е патниот правец Охрид-Свети Наум кај селото Љубаништа. Силното невреме во Охрид и охридскиот регион проследено со град предизвика и прекин на струјата во Љубаништа.
Македонија
Петкоски: Градоначалникот Коњановски нема да дозволи поради личните суети и политички игри на СДС да се загрозат интересите на граѓаните на Битола

Лицемерие, дрскост, импровизација и максимална деструктивност, почитувани граѓани, е она што најблаго може да се каже за СДС. За криминал и недомаќинско работење си дозволуваат да зборуваат оние што се уништија, продадоа и разграбаа, ни го уништија достоинството, дури го доведоа во прашање и најосновното – секојдневното обично преживување, вели Зоран Петкоски, советник во Советот на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тотално неспособни да се справат со економската и енергетската криза, државата ја доведоа до услови во кои секој нејзин граѓанин, води борба од ден во ден како да преживее или како да замине од овде, да обезбеди леб и основна егзистенција. Конечно сами признаа дека повеќе од шест години бесрамно лажат и ја пустошат и Битола и Македонија. Како не се срамат, не еднаш, ами два пати да го промовираат проектот за автопатот, односно дрско пред очите на сите се фалат со капитални инвестиции, кои не се ништо друго туку обезбедување личен капитал за Груби и Ковачевски – намесникот премиер, вели тој.
Според Петкоски, тоа е криминал, тоа е корупција, тоа е лично богатење, за кое набрзо ќе има и одговорност.
Ова што СДС го прави на локално ниво, во ништо не се разликува од нивната распадната централна врхушка во заложништво на ДУИ. Само овде има уште повеќе аматеризам и ситно партиско профитерство. Градоначалникот Тони Коњановски и ВМРО ДПМНЕ, секогаш ќе работат според позитивните законски прописи и ниту милиметар нема да отстапат од она што во заеднички сојуз со Вас, почитувани граѓани го зедоа како своја обврска вели Петкоски.
Градоначалникот Коњановски, нема да дозволи, како градоначалник на сите жители на општина Битола, политичките игри и личните суети, партиската дрскост на СДС, да ги загрози интересите на граѓаните и функционирањето на локалната самоуправа, уште повеќе кога тоа се прави на штета на сите граѓани и неодговорно и незаконски! Градоначалникот Коњановски, максимално ги прави и ќе продолжи да ги прави сите напори, во услови на страшна економска криза, во услови на ужасни состојби во државата, општина Битола да функционира и да реализира проекти од севкупен заеднички интерес.
Јавните претпријатија и натаму ќе продолжат континуирано да бидат вистински сервис и со заеднички усилби да ги надминуваат предизвиците, вели Петкоски.
Македонија
(Галерија) Мртви риби во езерцата во Градски парк

Поранешното место за уживање во Градски парк е оставено на милост и немилост на природата и несовесните граѓани.
Минувачите се револтирани од глетката на мртви риби на површината на езерцата.
Наместо да се ужива во убавината на водата и зеленилото, грда е глетката на валкана вода, ќеси, пластика кои пловат по езерцата.
Граѓани кои се секојдневно тука велат одамна не се исчистени езерцата и бараат од градоначалничката Данела Арсовска да се фати за работа.