Македонија
(Видео) Заложници сме на забегана политичка заедница, рече Атанасов на што бурно реагираше ВМРО-ДПМНЕ

Тензично на Комисијата за европски прашања, пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бурно реагираа на коментарите на пратеникот на СДСМ, Петар Атанасов, кој, според нив, ги навредил.
„Доста сме заложници на една политички забегана заедница. Вие го предадовте народот на Македонија. Сами ја навредувате вашата интелигенција зашто веќе втора година блокирате работа. За првпат може да одиме напред. Овој закон треба да го одблокира политичкиот процес, граѓаните да си го кажат своето. Премногу долго сте во институциите”, рече пратеникот на СДСМ Петар Атанасов обраќајќи им се на колегите од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ зборовите на Атанасов ги оценија како навреда, на што жестоко реагираа. Додека Атанасов зборуваше на говорницата, тие дофрлуваа од страна.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невена Стаменковска, побара извинување од Атанасов поради навредата.
Додека пратеничката Жаклина Пешевска зборуваше на говорница, Груби даде втора пауза на комисијата бидејќи поминало времето предвидено со деловникот. И покрај тоа што пратениците од мнозинството ја напуштаа салата, таа продолжи да ги образложува своите ставови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Град Скопје: Преку заеднички часови до подобра меѓуетничка интеграција на младите

Во организација на Град Скопје и Министерството за образование и наука, денеска се одржа промоција на настанот за заеднички ученички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, како и ученици, наставници и претставници од образовните институции.
„Чест ми е што Град Скопје е домаќин на овој свечен настан на којшто ги прославуваме заедничките достигнувања во промовирањето на соживот кај нашите деца и зајакнувањето на меѓуетничката кохезија во училиштата. Денеска сме сведоци на напредокот на овие ученици и наставници, кои се доказ за тоа дека кога се работи со голем ентузијазам, нема недостижна цел! Jа покренавме оваа иницијатива за заеднички часови со ученици кои инаку учат на различни наставни јазици затоа што за жал, се чини дека вообичаено фокусот е на тоа колку сме различни и поделени. Меѓутоа, убедени сме дека само недостигот на позитивна интеракција меѓу младите од различни етнички заедници е тоа што води до недоразбирања, поделби и сегрегација. Кога учат заедно децата, кога се вклучуваат во разновидни активности заедно, можат самите да видат дека сите не сме исти, секој со свои посебни карактеристики, но дека имаме исти интереси и исти цели“, рече Шилегов.
Тој додаде дека верува во направениот прогрес во напорите да се намалат бариерите и да се изградат мостови меѓу младите од различни етнички заедници во средните училишта.
„Идејата на заедничките часови има за цел да ги охрабри младите да ги почитуваат различностите, и тоа не само во рамки на образовниот систем, туку во сите области од животот, бидејќи тоа е вистинскиот пат. Град Скопје неодамна едногласно донесе и Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието, со цел во иднина уште поактивно да продолжиме да работиме во оваа област, бидејќи младите се нашата иднина“, истакна Шилегов.
Шилегов посочи и дека во овој процес, многу важна и благородна улога имаат и наставниците бидејќи тие се во секојдневен контакт со учениците и се нивен модел за меѓусебно почитување, разбирање и соработка.
„Наша улога како општина е да ги поддржуваме наставниците во заложбите, но и да обезбедиме услови за нивно успешно работење. Токму затоа, како градоначалник и домаќин, упатувам срдечна благодарност до наставниците и до директорите на училиштата, како и до УСАИД, ОБСЕ и МЦГО за несебичната поддршка која ја даваат за создавање поволни услови за меѓуетничка кохезија и квалитетно одвивање на образовниот процес во нашите училишта. Оваа иницијатива е наша неизмерна гордост, но исто така и уште поголем стимул да продолжиме активно да го промовираме соживотот и да ги негуваме демократските вредности кај младите генерации“, кажа Шилегов во своето обраќање.
Во учебната 2018/2019 година, заедничките часови се реализира во четири средни стручни училишта во Град Скопје: СЕПУГС „Арсени Јовков“, АСУЦ „Боро Петрушевски“, СУГС „Браќа Миладиновци“ и СГГУГС „Здравко Цветковски“. Оваа учебна година се вклучија и две дополнителни училишта: СУГС „Јосип Броз Тито“ и СУГС „Димитар Влахов“.
Целта на заедничките часови во редовната настава во кои учествуваат млади од различни етнички заедници е да се подобри меѓуетничката соработка и интеграција меѓу нив, како и да се зајакнат нивните граѓански и демократски вредности. Во второто полугодие на учебната 2018/2019 година се реализираа над 700 заеднички часови во кои учествуваа над 450 ученици.
На промоцијата на заеднички ученички часови со ученици кои учат на различни наставни јазици се обратија министерот за образование и наука, Арбер Адеми, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, раководителката на Секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, како и претставници од образовните институции.
Настанот беше организиран во соработка со Проектот на УСАИД, преку Проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, спроведуван од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Македонија
„Еко-Свест“: ТЕЦ Битола ги надминува дозволените вредности за емисии на токсични супстанци

Државите од Западен Балкан ги надминуваат граничните вредности за емисии во воздухот од термоелектраните на јаглен, договорени со Енергетската заедница, и до шест пати за одредени токсични супстанци. Нашатa земја не е исклучок, со ТЕЦ Битола како главен прекршител, се наведува во новиот извештај на CEE Bankwatch Network, објави Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-Свест“.
Според истражувањето, вкупните емисии на сулфур диоксид од термоелектраните во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Северна Македонија го надминуваат плафонот за 2018 година, договорен со Енергетската заедница преку Националните планови за намалување на емисиите, за повеќе од шест пати. Вкупните емисии на прашина се исто така над вкупниот плафон, и тоа над 60 проценти.
„Нашата земја го надминува националниот плафон за сулфур диоксид за пет пати, а плафонот за прашина нешто повеќе од два пати. Во тие плафони се пресметани и придонесите на ТЕЦ Неготино и Рафинерија ОКТА кои што не работат веќе повеќе години.Главните извори на емисии што преостануваат се ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, со тоа што Осломеј има многу малку работни часови и соодветно на тоа и емисиите на загадувачки супстанци му се под договорените граници. ТЕЦ Битола, споредено со индивидуалните плафони за термоелектраната, емитувала 52.823 тони сулфур диоксид што е шест пати повеќе отколку што е максимално дозволено. Во однос на прашината ТЕЦ Битола емитувала 3.470 тони, што е за три пати повеќе прашина од индивидуалниот плафон“, велат од „Еко-Свест“.
Нашата земја, како и другите земји од Западен Балкан, се потписници на Спогодбата за Енергетската заедница. Оваа спогодба вклучува и цели за намалување на емисиите од индустријата кои беше потребно да бидат имплементирани најдоцна до 2018 година. Спротивно на спогодбата земјите ги прекршуваат своите обврски, а во некои случаи како што е тој со ТЕЦ Битола, велат од „Еко-Свест“, количината на емитувани загадувачки супстанци во воздухот постојано се зголемува од година во година.
„Властите, како и менаџментот на ТЕЦ Битола, знаат за оваа обврска уште од 2006 година. Наместо навремени инвестиции во опрема за намалување на емисиите, со цел да се достигнат зададените плафони за 2018 година, доведени сме во ситуација кога ТЕЦ Битола треба значително да ги намали работните часови за да ги исполни обврските. Истовремено, за да се исполнат обврските за следната контролна година, 2023, потребни се огромни инвестиции во краток временски период. Ова може да биде погубно за македонската економија“, изјави Давор Пехчевски, Регионален координатор за аерозагадување во CEE Bankwatch Network и ко-автор на извештајот.
„Инвестициите за доведување на ТЕЦ Битола во линија со најдобрите достапни технологии веќе можеа да бидат вратени како заштеди во здравствениот сектор. Според нашето истражување „Колку чини животот“, направено согласно методологијата на Светската здравствена организација, товарот на македонската економија од здравствените последици од термоелектраните е над 20 милиони евра годишно. Токму таа е проценетата вредност за реконструкција на филтерот на ТЕЦ Битола. Доколку сакаме искрено да се бориме против аерозагадувањето, мора да престанеме да им попуштаме на големите загадувачи. Овие инвестиции не се само правна обврска, тие се пред сѐ обврски за заштита на јавното здравје“, дополни Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест.
Македонија
Оваа сабота работен ден за вработените во здравствените и образовните институции

Владата на својата 167 седница донесе одлука 14 декември, сабота, да биде работен ден за вработените во државните институции. Согласно одлуката, на 14 декември ќе се одработува за 2 јануари 2019 година, којшто беше прогласен за неработен ден за вработените во државните институции.
Овој заклучок не се однесува за вработените во здравствените и образовните институции. Заклучокот се препорачува да го спроведат и единиците на локалните самоуправи, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, за кои 2 јануари беше неработен ден.
Според одлуката на Владата во сабота на 14 декември од страна на јавниот сектор ќе се спроведе акција за чистење на животната средина „Администрацијата чисти со Не биди ѓубре“ со цел подигање на свеста за почиста околина. За распоредот и локациите за спроведување на акцијата вработените во јавниот сектор дополнително ќе бидат известени од страна на раководните лица на институциите.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци