Македонија
Запаленото „ауди“ во рацете на обвинител: ќе проверува дали сопственик е Груби и кога е купено
Обвинителството ќе испитува чие е „аудито“ кое беше опожарено, а за кое вицепремиерот Артан Груби јавно се извинуваше бидејќи го сметаше за напад врз него. Возилото според МВР е сопственост на 35-годишен скопјанец. Според неофицијалните медиуми написи, Груби го управувал истото.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје веднаш по опожарувањето на возилото даде наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Меѓу преземените дејствија, издадена е наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото“, вели Обвинителство.
Тие додаваат: „Надлежен орган да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица, како и да врши проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е Државната комисија за спречување на корупцијата. Доколку проверките упатуваат на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“.
Фамозното луксузно „ауди“ беше запалено вчера, во текот на ноќта. МВР излезе со информации, но не го поврзува со Груби. Подоцна, вицепремиерот излезе со статус во кој се извини на комшиите и пријателот кој е сопственик на возилото.
Крешник Бектеши во објава на својот Фејсбук профил изрази жалење за, како што вели, обидот за напад врз првиот вицепремиер Артан Груби, а во врска со палењето на автомобил на негов сосед за кој медиуми шпекулираат дека всушност е на Груби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Личните асистенти се веќе во училиштата, продолжуваме со инклузивниот пристап
Општина Центар обезбеди лични асистенти за 23 ученика со посебни образовни потреби, со што во целост им одговори на барањата на основните општински училишта за овој вид инклузивна поддршка. Од општинските служби најавуваат дека по адаптацијата на првачињата, можно е да се јави потреба од зголемување на бројката на лични асистенти за што локалната самоуправа има обезбедено средства во буџетот. Потенцираат дека повеќето ангажирани асистенти имаат долгогодишно искуство во оваа проблематика, а меѓу нив има лиценцирани и стручни лица.
„Запознат сум со профилот на личните асистенти со кои ги потпишавме договорите за работно ангажирање во проектот „Образование за сите”. Можам да кажам дека и годинава имаме квалитетен кадар. Асистентите се од голема помош за севкупниот наставен процес. Со нивна поддршка на учениците им се обезбедува полесен пристап и движење низ училишните простории, совладување на образовните содржини и адаптација и прифаќање во средината“, посочува градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Личните асистенти се ангажирани со скратено време од 20 работни часа неделно, во период од 9 месеци.
За нивниот ангажман добиваат паричен надоместок во висина од 15.000,00 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.
Општина Центар е една од ретките општини во државата која години наназад доследно и со свои сопствени сили го финансира проектот „Образование за сите“.
Македонија
Мицкоски: Повеќе од 18 милиони евра ќе бидат вложени за реконструкција на студентските домови
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање во врска со реконструкцијата на државниот студентскиот дом „Стив Наумов“, изјави:
„Повеќе од 18 милиони евра ќе бидат вложени за реконструкција на студентските домови, но не само во Скопје туку и во другите градови, каде што имаме универзитетски кампуси и центри. 18 милиони евра ќе бидат вложени за двата студентски дома во Скопје, тоа се ‘Кузман Јосифовски-Питу’ и ‘Стив Наумов’“.
Премиерот информира дека ќе следува реконструкција и на другите студентски домови во државата како еден од главните приоритети на Владата. Реконструкцијата на државните студентски домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ е во тек, се очекува таа да биде завршена во следниот период.
„Тие два студентски дома ќе бидат реконструирани и таму е почната реконструкцијата. Во периодот што следува очекуваме таа да биде завршена. Мислам дека во моментот се изведуваат електричните инсталации, но тоа ќе биде проектирано и во другите универзитетски центри во државата, така што тоа е и едно од оние ветувања што го ветивме за студентите и за младите“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Многу бргу од денеска почнува изградбата на спортската сала во Воената академија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека многу бргу од денес почнува изградбата на спортската сала во Воената академија.
„Преку Министерството за спорт, во склоп на Воената академија, ќе почне реализацијата и на таа спортска сала, и тоа многу бргу. Тоа е еден од оние проекти што се дел од капиталните инвестиции, ние мораме да имаме повеќе капитални инвестиции, со што ќе ја зголемиме економската активност на компаниите кај нас, а со тие капитални инвестиции ќе го зголемуваме домашниот бруто-производ, така што и тоа е едно од оние ветувања што ќе почне со реализација бидејќи го помина владиниот филтер во текот на вчерашната владина седница“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.