Македонија
Почна пријавувањето за традиционалната дедомразовска трка на Скопје

В недела, 25 декември, во Скопје ќе се одржи традиционалната дедомразовска трка, во која повеќе стотици учесници во дедомразовски костими ќе трчаат во главниот град.
Трката, покрај натпреварувачки, има и забавен карактер, па во неа се добредојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е само 2 километра и може да ја истрчаат и деца во придружба на родители.
Пријавувањето се одвива преку веб-страницата www.prvdovrv.mk. Со пријавувањето секој учесник добива целосен дедомразовски костим, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.
За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби, без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката, предвидени се музичка програма, загревање со фитнес-инструктор и церемонија на прогласување на победниците.
Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 10 часот на денот на трката.
Трката ја организира здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Падна системот на Фондот за здравство, но пациентите можат да подигнуваат лекови од аптека

Падна дел од системот на Фондот за здравствено осигурување во кој ги има личните податоци на сите здравствено осигурани лица во земјава.
Испадот на системот се случил вчера и од тогаш се бара решение. За “Макфакс” од Фондот велат дека и покрај проблемите со кои се соочени, пациентите не се засегнати.
„Прегледите кај матичните лекари се одвиваат нормално, исто е и со издавањето на рецепти и со подигнување на лекови во аптеките. Во моментов има технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на Фондот за здравство и тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Ќе информираме кога ќе утврдиме повеќе факти”, велат од Фондот.
Не е во функција ниту официјалната веб-страница на Фондот. Проблемот со системот е видлив и на официјалната веб-страница на Фондот на која не може да се отвори делот “мое осугуривање”.
Македонија
Ковачевски: Ја зацврстуваме соработката со САД, ги промовираме нашите стратешки интереси и на глобален план

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, одржаа прес-конференција, на која информираа за активностите во врска со Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и САД.
Премиерот Ковачевски информираше дека Владата, на денешната седница го прифати текстот на Планот за активности во рамките на Стратешкиот дијалог на Македонија со САД.
„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност. Сега од кога било, со дијалогот ја надградуваме нашата досегашната соработка, партнерство и заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, почитување на правото, борба со корупција и криминал и другите закани по мирот ширум светот“, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот Османи.
Премиерот потсети дека нашата држава годинава обележува 15 години како одржуваме стратешко партнерство со САД, период во кој континуирано добиваме поддршка во демократскиот и економскиот развој на земјата.
„Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржа Стратешки дијалог со САД. Тоа е само надградба на досегашното долгогодишно стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво. Владата предводена од СДСМ, постави стратегиски определби за Северна Македонија и истите ги остваруваме со инцијативи и конкретни чекори, независно дали се работи за внатрешна или надворешна политика. Тоа е единствениот начин да ја развиваме земјата, единствено така можеме да придонесеме за промоција на нашите стратешки интереси и на глобален план“, нагласи премиерот.
Ковачевски потенцираше дека целта е што побрзо членство на Македонија во Европската Унија, бидејќи, како што истакна, на граѓаните им се потребни европски институции, европски стандард, европска иднина.
„За да го оствариме тоа потребни ни се структурни реформи, за тоа ни е потребно единство, одлучност, сега не е време за партиски калкулации. Цврсто сум убеден дека местото на Северна Македонија е во кругот на земјите-членки на Европската унија, затоа треба да ги искористиме сите можности и врз основа на поставени принципи на заштита на интересите на граѓаните да го оствариме тоа“, смета премиерот.
Македонија
Мицкоски на средба со Липавски: ВМРО-ДПМНЕ го црпи суверенитетот исклучиво од народот и затоа се потребни предвремени избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, членовите на ИК Антонио Милошоски и Марија Митева, како и меѓународниот секретар Стефан Андоновски, денеска се сретнаа со висока делегација на Чешката Република предводена од Јан Липавски, министер за надворешни работи, на која присуствуваше и амбасадорот на Чешката Република во Македонија, Јарослав Лудва.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во Македонија, како и прашањето за пристапување на Македонија кон Европската Унија, за кое што уште еднаш недвосмислено ги истакнавме нашите ставови и позиции за непромена на Уставот под бугарски диктат.
Од страна на претседателот Мицкоски беше исто така потенцирано дека единствениот виновник за ситуацијата во која се наоѓа Македонија во моментов е владата на СДС, која ги прифати сите штетни договори и ја остави државата во чекалната на ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ даде уверување дека како партија, но и идна влада суверенитетот го црпиме исклучиво од народот и затоа се потребни предвремени избори на кои граѓаните ќе ни ја дадат довербата за која ќе работиме чесно и посветено, за да ја видиме Македонија напредна и просперитетна, вистински на патот кон ЕУ.