Македонија
Засега нема услови за евакуација на македонските државјани од ОАЕ и Катар, се разгледуваат алтернативи за државјаните во Израел
Повеќе од 400 македонски државјани се обратиле до дипломатско-конзуларните претставништва со барање за информации околу можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да заминат при првата можна прилика, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по ескалациите на Блискиот Исток.
Од Министерството информираат дека со сите пријавени лица се одржува редовна и континуирана комуникација, а во тек се подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, зависно од развојот на состојбата на терен.
Дипломатско-конзуларните претставништва, како што се наведува, ги преземаат сите неопходни мерки за подготовка и безбедна реализација на евакуацијата на граѓаните кои изразиле подготвеност за тоа. Министерството е во постојана комуникација со пријателски земји и меѓународни партнери со цел координирано спроведување на постапката.
Во однос на Обединетите Арапски Емирати и Државата Катар, во моментов не постојат безбедни услови за евакуација. За македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, веќе активно се разгледуваат и координираат потенцијални алтернативи за нивно безбедно извлекување.
Министерството останува целосно на располагање на граѓаните преку дежурниот телефон и дипломатско-конзуларните претставништва, и ги повикува сите македонски државјани во регионот доследно да ги почитуваат упатствата на локалните безбедносни органи.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тешка сообраќајка загина 52-годишен оперативец во РЦУК Битола
Вчера, во тешка сообраќајна несреќа, на 52-годишна возраст, загина Љупчо Бучукоски, оперативен работник во Регионалниот центар за управување со кризи во Битола.
Колективот на Центарот за управување со кризи изразува длабоко жалење за загубата и упати искрено сочувство до семејството Бучукоски.
„Драг Љупчо,
Центарот за управување со кризи ќе те памети по твојата беспрекорна професионалност, посветеност во извршувањето на службените обврски, коректниот однос кон колегите и несебичната поддршка и помош кон граѓаните и градот Битола и Демир Хисар секогаш кога тоа беше потребно.
Денес, кога се простуваме од тебе, со тага но и со гордост за твоите дела, ти благодариме за сè што направи во твојот прерано прекинат животен пат. Ќе останеш запаметен по добрината, човечноста и професионалноста.
Последна почит кон нашиот драг колега Бучукоски ќе се оддаде во Капелата од Црквата Света Петка во селото Жван, Општина Демир Хисар, од 13.00 часот на ден 07.03.2026 година, а погребот ќе се изврши на локалните гробишта во селото Жван во 13.30 часот“, пишуваат од ЦУК.
Македонија
ВЛЕН: Уште еден модерен базен за Чаир, инвестиција од еден милион евра
„ВЛЕН продолжува со добра работа и конкретни проекти што го менуваат животот на граѓаните, додека Чаир се надополнува со уште една важна инвестиција во спортот и младите. Со инвестиција од околу еден милион евра, се гради модерен базен, втор по ред на територијата на општина Чаир, кој ќе им служи на младата генерација и на целата општина. Станува збор за модерни услови за секој ученик што сака да учи да плива, да се натпреварува и да се развива“, велат од ВЛЕН.
„Ова е ВЛЕН. Ова е визијата на Изет Меџити, кој го трансформира Чаир со големи проекти. Базенот со должина од 25 метри, ширина од 8,80 метри и длабочина погодна за учење и тренинг ќе создаде нови можности за развој на спортот и младите таленти. Таму ќе се обучуваат нови тренери и спасувачи, додека ќе се организираат натпревари и спортски активности што го креваат спортот на друго ниво.
Овој објект поставува нов стандард, бидејќи означува изградба на инфраструктура што произведува дисциплина, здравје и успех. Со ВЛЕН, Чаир продолжува со работа, развој и проекти што оставаат белег кај младите луѓе и во целото општество“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Македонија
„Ако Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името, Заев и Филипче да одговорат колку пари земале тие за продажбата на името“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Ако Kиро Глигоров одбил 100 милиони долари за промена на името на државата како што стои во документите на ЦИА, тогаш се поставува прашањето колку пари земале Зоран Заев и неговиот ученик и другар Венко Филипче за промената на името, поточно за завршување на таа работа. Прашањето следи логично по последните објави на документи на ЦИА“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дополнително, има ситуација кога говори дека Зоран Заев и Венко Филипче по седумте години власт енормно и необјасниво многу се збогатиле.
Тоа се гледа од тоа што првиот купува удели во авио компании, а вториот има златна виза во Дубаи.
Ова логично прашање заслужува одговор од неколку аспекти. Прво, станува збор за прашање од важност за државата и граѓаните, второ, ако земале пари тоа се нелегални активности.
Граѓаните заслужуваат одговор на ова логично прашање кое се отвори по објава на документи на ЦИА во кои се вели дека Глигоров одбил понуда да земе пари. Значи ако Глигоров одбил, а истото прашање го затворија Заев и Филипче, тие треба да одговорат за колку пари сториле предавство“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
