Македонија
За два дена казнети 216 лица кои на плажа во Охрид биле без маска
Во периодот од 28 до 30 јули, по плажите на охридското крајбрежје, во полициските контроли констатирани се 216 лица кои не носеле заштитна маска.
Како што информираат од полицијата, ним им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По овој основ, во Охрид во текот на јуни и јули изречени се вкупно 672 барања за поведување прекршочна постапка.
Според статистичките податоци на МВР, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 94 прекршоци за неносење лична заштита на лицето (Охрид – 53 Струга – 16, Кичево – 19, Дебар – 6). Воедно, полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 12 контроли врз угостителски и други објекти.
Во текот на јуни и јули 2020 година, во областа на јавниот ред и мир, во Охрид регистрирани се 34 прекршоци (јуни – 24, јули – 10) во кои, против 32 сторители, се поднесени 28 соодветни пријави.
Во областа на сообраќајот, во текот на јуни и јули 2020 година, во Охрид, регистрирани се вкупно 66 сообраќајни незгоди (јуни – 30, јули – 36) во кои, 41 лице (јуни – 17, јули – 24), се здобиле со лесни телесни повреди а 15 со тешки телесни повреди (јуни – 7, јули – 8). Притоа, значајно е што во двата месеца, нема сообраќајни незгоди со жртви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожарникари дежураа кај манастирот над село Смолари, пожарот на Беласица е се уште активен
Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека пожарот на планината Беласица помеѓу село Смолари и село Мокрино беше локализиран. Во интервенцијата учествувале ТППЕ Струмица со 7 пожарникари и две противпожарни возила, и 2 од ПШС Беласица Струмица. Но, сношти, во 22.30 часот пожарот се активирал повторно. На лице место извршено е увид од страна на директорот на ЈП ПШС „Беласица“ и од МВР ПС Струмица, по што се побарало ПП возило од ТППЕ Струмица да дежура ноќта поради опасност кон викендица и манастирче.
Пожарот бил на околу 200 метри од објект и според проценка на пожарникарите од ТППЕ Струмица немало опасност кон објекти или кон село. На лице место биле првите луѓе од Полицијата од Струмица и од ЈП ПШС „Беласица“ и 4 полицајци кои ке патролираат. Екипа од ТППЕ Струмица, со 1 пп возило и 3 пожарникари и 1 ПП возила и 1 пожарникар од Ново Село дежураа кај манастирот над село Смолари. Направен бил заштитен појас од околу 500 метри. Пожарот е сопрен на околу 100 метри од манастирот. Инаку, синоќа од безбедносни причини беа евакуирани луѓето од манастирот. На терен дежураа и 4 полицајци од ПС Струмица, извести ЦУК.
РЦУК Струмица извести дека пожарот на Беласица е се уште активен и дека на терен се интервенира.
Македонија
Скопје најзагаден град а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух, велат од СДСМ
„Скопје утрово е повторно меѓу најзагадените градови во Европа а ниту градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ниту владата на Мицкоски не преземаат нешто за загадениот воздух“, соопшти СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ е централна власт и локална власт во Скопје, има градоначалници и мнозинство во советите во Скопје, во Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и никој ништо не презема.
Ветуваа многу, а не реализираат ништо, досега нема ниту една мерка за подобрување на квалитетот на воздухот.
Каде се новите зелени површини кои ги ветуваа? Нема ниту нови дрвја ниту зеленило. Не се чистат депониите, не се чистат улиците, ѓубре на секој чекор, не гледаме ниту еден еколошки проект ниту пак има долгорочни мерки за намалување на загадувањето во Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ не смее да го игнорира ова важно прашање за здравјето на граѓаните и мора веднаш да преземе мерки против загадувањето“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
На Водно падна снег
Првиот снег падна утрово на Водно.
Од камерите на Водно се забележува дека на врвот осамна снежна покривка.
Снег има и на туристичките центри Попова Шапка и Пониква.
На патниот правец Кратово-Пробиштип, сообраќајот е во прекин за камиони.