Македонија
(Видео) За премиерот Заев, Кики и Фрики не постојат

Кики и Фрики за мене не постојат, објавете ги со име за да може да ве тужат, рече премиерот Заев на прашање дали тие функционери, кои се поврзуваат со случајот „Рекет“, биле присутни на партискиот состанок вчера.
„Кога ќе ги соопштите јавно, тогаш ќе може да зборувате за нив, па ако ги знаете, кажете ги, па нека ве тужат за клевета. Кики и Фрики за мене не постојат. Кога сте впуштате во истражувачко новинарство, треба да бидете храбри. Повелете, истакнете го секој, истражните органи ќе ви дадат податоци дали има истраги или не и секако секој ќе си ја сноси одговорноста“, рече премиерот.
Тој апелира за сериозно истражувачко новинарство.
„Само така ќе може да ја потсредиме државата од многу аспекти. Како добро информиран, гледате како зборувам отворено, но каде што има шпекулации, може да се нанесат сериозни штети за честа и угледот на одредени луѓе. Јас тоа нема да го дозволам. Не сакам да навлезам во коментари за некои псевдоними. Ќе бидам директен кога ќе се соопштуваат имињата и ако се соопштуваат“, појасни Заев.
Во однос на обвинувањата на дел од бизнисмените дека во „Рекет“ има замешано луѓе од финансиската полиција, рече дека не бил запознаен.
„Апелирам сите, не само бизнисмените, да пријават ако имаат индиции за незаконско однесување“, посочи премиерот.
Повтори дека власта се залага за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и дека вчершаната нова декларација на СДСМ не била поврзана само со случајот „Рекет“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Богојески: „Македонски концепт“ е поинаква платформа, се надеваме дека граѓаните ќе ја прифатат

„Македонски концепт“ е нова политичка платформа, која на граѓаните ќе им понуди длабоки реформи во секој поглед на општеството, концепт за кој ќе се обединиме со заеднички идеи и принципи, рече Петар Богојески, кој ја промовира платформата.
Богојески кажа дека засега ова ќе биде граѓанска платформа, која веќе почнале да ја презентираат на терен меѓу граѓаните, при што не одговори дали идејата е оваа платформа да премине во политичка партија.
„’Македонски концепт’ засега е платформа, не е партија, и засега целта ни е да обединиме повеќе граѓани преку поинаква идеја, кои ќе понудат решенија и излез од состојбата во која се наоѓа државата. Јасно ни е дека на државата не ѝ е потребна онаа реставрација на минатото што ја нуди ‘Обнова за Македонија’ или она што веќе го имаме од програмата ‘Прав пат’ на СДСМ, сметаме дека ни е потребен нов пат, наш пат на вистински реформи. На Македонија ѝ се потребни длабоки суштински реформи, реставрација на системот, кој е во дисконтинуитет во последните 30 години. Отворени сме за соработка и ги повикуваме не само граѓаните туку и организациите и политичките партии да се обединиме заедно, не по хиерархија, туку по понуда на решенија за да изградиме подобра Македонија“, истакна Богојески на претставувањето на платформата.
Тој не одговори конкретно ниту како ќе се позиционираат на изборите, повтори дека тоа зависело како ќе бидат прифатени од граѓаните на терен.
„Тоа зависи од граѓаните. Зависи како идејата ќе помине на терен. Ако имаме добри шанси и прифатеност на терен, ќе видиме какви се шансите за друг облик на политичко дејствување. Но, за тоа дополнително ќе донесеме став“, додаде Богојески.
Во однос на финансирањето на „Македонски концепт“, рече дека платформата се финансирала од пријатели и спонзори, кои препознале успешна идеја за поддршка.
Македонија
Арифи: Со давањето аболиции без правен основ, Иванов стори кривично дело што не застарува

Aко некој на јавна функција носи одлуки без да има правен основ, тоа е кривично дело за злоупотреба на положбата и тоа е кривично дело што не застарува и нема никакви пречки сега да се побара одговорност од Иванов, порача универзитетската професорка Беса Арифи на трибината „Правда наместо амнестија“, во организација на СДСМ.
Арифи истакна дека предметите отворени од специјалното јавно обвинителство мора да продолжат и да се забрзаат затоа што тоа е важно за правдата.
„СЈО не е еден човек, кој сега можеби е обвинет во кривична постапка и тоа нема да ги избрише или укине делата за кои СЈО поведе обвиненија. Добро е што предметите преминаа во редовните обвинителства и што се работат од обвинители од СЈО. Не треба да се губи ниту ден ниту час за тие процеси да добијат правна разрешница. Бидејќи задоцнета правда е нереализирана правда, гледаме сите дека има случи што застаруваат, обвинети и осудени што бегаат од државата“, порача Арифи.
Професорката смета дека колку повеќе случаите се одолжуваат, толку повеќе ќе се избегнува правдата и затоа, како што рече, обинителите и судовите треба да сторат сè за да има што побрза правна разрешница.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Ви ветувам дека на 12 април ќе го поразиме криминалот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати пред граѓаните на општина Ѓорче Петров во рамките на кампањата „Разговори за обнова на Македонија“ и порача дека за време на посетите на македонските населени места се соочува со луѓе полни со разочарувања од актуелната состојба во државата.
„Луѓето не веруваат дека ќе имаат иднина во оваа држава, разочарани се, а има и такви што практично едвај крај со крај трпат да го поминат месецот“, рече партискиот лидер.
Во продолжение тој рече дека има многу неисполнети ветувања од страна на актуелната власт, а како пример ги наведе загедениот воздух и најавените реформи во образованието.
„Денеска, три години потоа не само што не го дишеме ветениот алпски воздух, не само што не го дочекавме тоа лажливо ветување, туку денеска Скопје соборува рекорди на светската скала на најзагадени градови. Никој од вас не ги тераше да ветуваат студентски градови и реновирани студентски домови, образование што младите луѓе ќе го добиеле како своите врсници во Европа и во развиениот свет, па таа младинска гаранција. Па дополнителни стимулации за младите земјоделци и што ли уште не. Лага до лага. Таква е денеска реалноста, нема ниту студентски град, ниту реновирани студентски домови, а за квалитетно образование не станува ни збор“, порача Мицкоски пред присутните.
Тој посочи и дека денес не само што се празни македонските села туку младите ги напуштаат и градовите.
„Излегуваат статистики на светските листи, 2018 година е рекордна година на иселување граѓани од Македонија, повеќе од 33.000 наши сограѓани трајно ја напуштија Македонија. Зошто? Затоа што нема перспектива, затоа што се разочарани, затоа што се исплашени за иднината на своите семејства, на своите најмили, на своите дечиња, внуци. Тоа е главниот проблем“, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Зорен Заев не избирал зборови и ветувања само за да дојде до фотелјата за да може, како што рече, да го избрише своето криминално минато.
„За случајот ‘Поткуп’ целата држава и меѓународната заедница гледаa како бара мито за работа што како градоначалник мора да ja заврши и што сега ќе ме убедува дека бил невин, дека тоа што сме го гледале – не сме го гледале, тоа што сме го слушале – не сме го слушале. Еднаш криминалец – цел живот криминалец, ама криминалот ќе биде поразен на 12 април 2020, јас ви ветувам“, истакна Мицкоски.
Тој пред присутните граѓани од Ѓорче Петров зборуваше и за иницијативата за проверка на потеклото на имотот на политичарите, но рече дека за ова нема одговор од страна на власта.
„Ајде заедно да донесеме закон во парламентот каде што ќе се испита потеклото на имотот на сите политичари и еве јас се пријавувам како прв доброволец, од мене да почнат. Ајде да почнеме да видиме кој од политичарите и како го стекнал сопствениот имот. Да видиме кои семејства стократно или илјадакратно во рок од неколку години го имаат зголемено својот имот, да видиме врз основа на што го зголемиле својот имот, еве јас и моето семејство да бидеме први како пример. Нормално дека нема одговор затоа што знаат дека не се чисти, затоа што знаат дека толку бргу и толку многу не се стекнува имот со чесна и честита работа, туку со работи што се секакви, само не чесни и честити“, кажа Мицкоски.
На крајот, порача дека како политичар е свесен оти на народот му е преку глава и сака политичките измамници да си заминат и додаде дека затоа е сигурен во огромна победа на 12 aприл.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги1 месец
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци
- Култура4 недели
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“