Македонија
„Зборна за Жутиве?“ – СМС-порака меѓу Јанакиески и Кирил Божиновски

На продолжението од судското рочиште за предметот на СЈО со кодно име „Траекторија“, обвинителката Лиле Стефанова презентира 156 пораки меѓу Миле Јанакиески и Елена Кузманоска од 2012 и 2013 година за договорот со Кинезите за изградбата на автопатиштата во Македонија.
Во СМС-порака меѓу нив двајцата од 6 декември 2013 година, Јанакиески на Кузманоска ѝ пишува: „Многу е сериозен проектот да работиме како муви без глави. Досега така го работевме“.
Во следна СМС-порака од истиот ден пишува: „Нема да ги пишува таа црната, туку Данче и уште еден што беа убедени дека договорот е спротивен на Законот за јавните набавки“.
Во 29 СМС-пораки меѓу Миле Јанакиески и Кирил Божиновски има комуникација за договорот со Кинезите за автопатиштата.
Во порака од 3 март 2013 година пишува: „ПС. Зборна за Жутиве?“ Во друга порака пишува: „На Кинезиве очиве почнаа да им се отвораат од чекање“.
На 26 октомври продолжува изведувањето на СМС-пораките.
Во предметот „Траекторија“, Груевски, Јанакиески, Пешевски и поранешниот директор за државни патишта, Љупчо Георгиевски, се обвинети дека во текот 2012 и 2013 година презеле дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци- Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања, со што, според СЈО, на државниот буџет му нанеле штета од најмалку 155 милиони евра и за овој износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заев и Димитров нема да одговараат за велепредавство

Скопското обвинитeлство ја отфрли кривичната пријава на Светскиот македонски конгрес поднесена против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за велепредавство.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесел решение со кое се за отфрла кривичната пријава што беше поднесена од Светскиот македонски конгрес на 14 септември минатата година против Зав и Димитров за повеќе кривични дела – повреда на угледот на државата, излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците, велепредавство, загрозување на независноста, здружување заради непријателска дејност, несовесно вршење на службата и самовластие.
Пријавата беше поднесена против лицата во својство на министер за надворешни работи и претседател на Владата и во неа се наведува дека тие сториле и кривични дела – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и злоупотреба на службена положба и овластување за кои, согласно законската надлежност, претходно се произнесе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Според СМК, тие делата ги извршиле склучувајќи ја Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации. Притоа пријавените постапиле спротивно на уставната обврска да го штитат уставниот поредок и суверенитетот, а со промена на идентитетот на нацијата ја загрозиле унитарноста и независноста и државата ја довеле во положба на потчинетост или зависност кон странска држава.
„По проучување на наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавените не се содржани битни елементи на наведените кривични дела.
Имено, за да може водењето на преговорите за промена на името на државата во кривично-правна смисла да се смета за повреда на угледот на државата и излагање на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците, потребно е кај пријавените да постои јасно утврдена намера насочена кон потсмев, омаловажување и обезвреднување на Републиката.
Во преамбулата на спогодбата двете страни потписнички се обврзуваат на почитување на начела, принципи и стандарди кои се меѓународно прифатени, а со цел решавање на разликите околу името и зацврстување на добрососедските односи. Притоа, намерата за исмејување, како посебен субјективен елемент на противправноста не е содржана во дејствата на пријавените.
Кривичното дело ‘велепредавство’ може да му се стави на товар на некое лице единствено ако со употреба на сила или сериозна закана се обиде да го измени уставниот поредок на државата или да ги собори највисоките државни органи. Во дејствијата на пријавените нема примена на сила, ниту сериозна закана како средство за изнудување определена одлука или поведение.
Кога станува збор за кривичното дело ‘загрозување на независноста’, пријавените при потпишувањето на Спогодбата, не биле ниту под влијание, ниту, пак, имале помош од државата кон која нашата земја би се довела во потчинетост или зависност, што се клучни елементи на битието на ова кривично дело”, соопшти Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител констатирал дека во дејствијата на пријавените при потпишување на спогодбата не постои заговор за вршење велепредавство или други кривични дела, па со самото тоа не постојат ниту елементите на кривичното дело „здружување заради непријателска дејност“.
,,Во однос на кривичното дело ‘несовесно работење во службата’, потребно е од страна на службено лице да бидат преземени дејствија кои претставуваат повреда на законските прописи за судир на интереси или за совесно постапување при вршење дискреционо овластување, со пропуштање должен надзор, со што се прибавува корист за себе или друг или, пак, на друг ќе му биде нанесена штета. Во овој случај не може да стане збор за постоење намера за прибавување корист или нанесување штета, односно ваквите наводи во пријавата се базираат на претпоставки на пријавителот за кои нема можност за докажување.
Кривичното дело ‘самовластие’ од член 392 став 1 од Кривичниот законик, пак, се гони по приватна тужба и за ова дело јавниот обвинител не е овластен тужител. Имајќи ги предвид наведените факти, надлежниот јавен обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност”, наведува скопското обвинителство.
Македонија
Собраниска делегација на Зимската сесија на ПС ОБСЕ

Утре и задутре во Виена, Австрија, ќе се одржи Зимската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на која ќе учествуваат пратениците: Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата; Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
На агендата на ова заседание на трите генерални комитети на ПС на ОБСЕ, ќе се разгледуваат актуелните настани во ОБСЕ, следено со прашања и одговори и ќе биде дебатирано за решавање на долготрајните конфликти: алатки и механизми на ОБСЕ (Прва комисија), добро владеење во областа на борбата против корупцијата, перењето пари и финансирањето на тероризмот во регионот на ОБСЕ (Втора комисија), обемот на легитимните ограничувања на човековите права во време на вонредна состојба (Трета комисија) и за претстојната годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое ќе се одржи од 4 до 8 јули 2019 година во Луксембург.
Пратениците Шахпаска и Исмаили ќе учествуваат и на состанокот на Групата за поддршка на Патот на свилата (Silk Road Support Group) на ПС на ОБСЕ.
На учесниците на оваа сесија со поздравни говори ќе им се обрати Волфганг Соботка, претседател на Националниот совет на Австрија; Георге Церетели, претседател на ПС на ОБСЕ; Мирослав Лајчак, претседавач на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Словачка, и Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ.
Македонија
Османи: Имплементацијата на планот 18, основа за уште еден позитивен извештај од ЕК

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Брисел одржа брифинг пред претставниците на работната група при Советот на ЕУ за Западен Балкан / проширување (КОВЕБ/КОЕЛА) каде што информираше за процесот на европската интеграција на земјата.
На состанокот Османи брифираше за напредокот на земјата во испорачување на предвидените реформи во насока на подготовка на земјата зa почеток на преговорите за членство со Европската Унијата, посочувајќи притоа на динамиката на спроведување на реформите предвидени во план 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
„Имаме исклучително успешна динамика на имплементација на предвидените реформи до планот 18, што верувам дека ќе резултира со уште подобар извештај на Европската комисија од минатогодишниот, заедно со уште една безусловна препорака до Советот на ЕУ“, истакна Османи, изразувајќи недвосмислено очекување дека овој напредок ќе резултира со конфирмација на одлуката на Советот на ЕУ во јуни за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.
За време на работната посета на Брисел, Османи ќе земе учество и на брифингот во влијателниот тинк-тенк Центар за европска политика (ЕРС) на тема „Северна Македонија на патот кон ЕУ: ‘Хоум ран’ во преговорите за пристапување?“. Подоцна Османи ќе учествува и на Конференцијата на тема: „Безбедност во ЈИЕ – безбедност низ Европа” во организација на Фондацијата Ханс Сејдел (Hanns Seidel Foundation), а ќе оствари и средби со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини.
- Истражувања3 месеци
(ВИДЕОИСТРАЖУВАЊЕ) Како Груевски го купуваше имотот на ВМРО-ДПМНЕ
- Истражувања3 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија2 недели
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал