Македонија
Здружението на медицинските сестри повикува масовно да се потпише петицијата за родилката од Дебар

Здружението на медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри (ЗМСТАС) јавно ги осудува, како што велат од таму, сите обиди за манипулација при разрешување на случајот со родилката од Дебар, а воедно и нивна колешка и член на Здружението, сестра Јилдиз Веапоска.
„Унијата на ЗМСТАС ги повикува сите членови и хумани луѓе јавно да ја дадат својата поддршка преку потпишување на петицијата и да побараат решавање на целиот случај“, се наведува во соопштението.
Од Здружението апелираат до надлежните овој случај да го решат што побргу во име на хуманоста, но и во име на здравствените работници, односно медицинските сестри, кои, како што велат, се незаменлива алка во здравствениот систем.
„Сестра Веапоска по траумите што ѝ беа предизвикани при породувањето во струшката болница побара наша поддршка и реакција, која секако ја добива како наш член, наша колешка, но и како жена и мајка што заслужува правдата да излезе на виделина. За жал, предизвиканата штета е непоправлива, но овој случај мора да има транспарентен крај“, реагираат од извршниот одбор на Унијата ЗМСТАС.
Во јавноста деновиве се појави онлајн-петиција, чија цел е како, што се вели, правда за Јилдиз Веапоска и кривична казна за Мухамед Асани.
Гинекологот Мухамед Асани во изјавата за операцијата го згрешил полот на бебето, што со царски рез го родила Веапоска, која, по породувањето, дома си замина без бубрег, јајчник и матка, а Лекарската комора не најде лекарска грешка во нејзиното лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев го откажа учеството на лидерската средба: Треба да биде ден на жалост, а не лидерска за датум за избори

Утре треба да биде ден на жалост заради двојното убиство, а не на лидерска за датум за избори, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Тој го откажа своето учество на планираната средба.
„Апелирам до премиерот истата (средбата) да се помести за посоодветен тајминг, после расчистувањето – преку парламентарна надзорна расправа – на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминативе денови (за време на самитот на ОБСЕ)“, напиша Апасиев на социјалните мрежи.
Македонија
Taткото на Вања во полициска станица, досега не е побаран притвор

Таткото на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, по која се трагаше цела недела, а чиешто тело беше најдено денеска, се’ уште е во полициска станица во рамки на истрагата, информираат од Обвинителството.
Од ОЈО велат дека досега не е побаран притвор за него.
Претходно Обвинителството и МВР објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето во понеделникот, а осомничени се пет лица, од кои за три се бара притвор, едно е во странство и уште едно во станица. Тие се осомничени и за убиство на 74-годишен велешанец, Панче Жежовски, по кој се трагаше од 24 ноември, а чиешто тело било пронајдено во Велес, додека неговиот опожарен автомобил беше најден пред неколку дена во Скопско.
Мотив за убиствата, според Обвинителството е користољубие, а неофицијалните информации сугерираат дека тоа подразбира изнуда на пари, и во двата случаи. Деталите ќе бидат образложени утре, на прес конференција.
Македонија
Во „Песталоци“ ќе биде отворена книга на жалост, психолози ќе комуницираат со соучениците на Вања

Утре од 9 часот, на службениот влез на училиштето Јохан Хајнрих – Песталоци ќе биде отворена книга на жалост.
Општина Центар ги повика блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат.
Во моментот, менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.
Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања.
„Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори“, објави општина Центар.