Македонија
Земјоделките добиваат платено отсуство за мајчинство, одлучи Владата
На денешната седница Владата донесе одлука со која се усвои предлог-програмата за обезбедување социјална сигурност за жените што вршат земјоделска дејност.
Со оваа програма првпат се решава правото на користење надоместок за мајчинство за жените земјоделки за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање, што не е опфатено со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи на вршителките на земјоделска дејност. Со усвојувањето на оваа програма ќе почне реализацијата на посебна мерка за финансиска поддршка во износ од 81.000,00 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство.
„За да нема злоупотреби, битно е јасно да се разграничи дека целната група која ќе ја имаа оваа поддршка се жените што имаат статус осигуреник индивидуален земјоделец, стекнат во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а кои законите од областа на работните односи не ги препознаваат како лица во работен однос поради што не може да остварат платено породилно отсуство. Жените што статусот индивидуален земјоделец го стекнале во согласност со Законот за вршење на земјоделската дејност се вработени лица и тие го остваруваат правото на платено породилно отсуство. Финансиска поддршка за надоместок за мајчинство ќе се доделува на жена што родила дете во периодот од 1.12.2022 до 1.12.2023 година и ги исполнува следните услови:
– Да е запишана во единствениот регистар на земјоделски стопанства како носител или член на семејно земјоделско стопанство;
– Семејното земјоделско стопанство во кое членува да остварило финансиска поддршка во согласност со Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2021 година во износ од најмалку 100.000 денари или остварен приход од вршење земјоделска дејност во висина од најмалку 300.000 денари;
– Да има непрекинат статус на осигуреник индивидуален земјоделец во согласност со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во времетраење од 12 месеци пред раѓање на детето.
Програмата е изработена на иницијатива и во директна соработка со жените вршителки на земјоделска дејност, кои работат и живеат во рурални средини и остваруваат приход од земјоделска дејност, а досега не примале платено породилно отсуство.
На денешната седница беа усвоени уште неколку програми, од кои со посебно значење за секторот земјоделство е програмата за финансирање на земјоделските производители на храна за 2023 година. Целта на програмата е подобрување на производните капацитети и квалитетот на производство за производителите на храна од примарни земјоделски производи од животинско и неживотинско потекло, со неповратни авансно исплатени финансиски средства за инвестиции во опрема и ангажирање стручно лице. Со програмата ќе се поддржат домашните производителите на храна преку проширување на постојните капацитети, подобрување на технолошките процеси, подобрување на квалитетот на производите и развој на нови производи, како и зголемена економска активност, која ќе продуцира поголеми приходи и можности за развој и нови инвестиции“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот Андоновски на состанокот на Работната група за критична инфраструктура: Се стремиме кон отпорна дигитална иднина за Македонија
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имаше воведно обраќање на осумнаесеттиот состанок на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура (CICWG). Овој состанок е дел од Програмата за дигитализација и отпорност на критичната инфраструктура (CIDR), иницијатива поддржана од УСАИД, фокусирана на зајакнување на сајбер безбедноста во клучните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.
„Во ера на забрзана дигитализација и растечки сајбер закани, министерството за дигитална трансформација презема решителни чекори кон зајакнување на националната сајбер безбедност“, истакна министерот во своето обраќање.
Тој го нагласи успехот на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура во зајакнувањето на сајбер безбедноста во критичните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.
„Оваа програма е извонреден пример за тоа како меѓународната соработка може да донесе конкретни придобивки за нашата земја“, рече Андоновски.
Министерот ги истакна и предизвиците со кои сè уште се соочува земјата во областа на сајбер безбедноста. Тој ја нагласи потребата од поефикасна заштита на критичните информациски системи, подобрување на регулативата и усогласувањето со европските директиви.
„Се уште сме на почетокот во градењето на отпорност кон сајбер нападите на критичните сектори. Но, како што работиме на овие иницијативи, нашата нова Национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучниот документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети“, изјави Андоновски.
Тој ја сподели визијата за создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество во Република Македонија.
Скопје
Ѓорѓиевски: После четири децении, нов асфалт на краците 1, 7, 9 и 11 од улицата ,,Христо Татарчев”
Се реконструираат краците на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода.
Според она што го изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, се работи за улици кои не биле реконтруирани четири децении. Реконструкцијата на овој дел од општината опфаќа 3500м2 површина, а обновата на целата патна инфраструктура продолжува и понатаму.
– Она за кое со доаѓањето на градоначалничката функција дадов збор пред мојот народ, а тоа е дека до крајот на мандатот нема да има неасфалтирани улици во Кисела Вода, се остварува според утврдениот план. Се работи за реконструкција улицата „Христо Татарчев“ со вкупна површина од 3500 метри квадратни, односно краците 1, 7, 9 и 11 кои со децении биле заборавени од минатите локални власти.
Реконструкцијата на целата патна инфраструктура во Кисела Вода беше голем предизвик. И денес, со гордост можам да кажам дека направивме повеќе од предвиденото, си поставивме цел и докажавме дека со многу труд, посветеност и желба за работа се стигнува до целта.
Нашата цел е населбите во општината да бидат модерни и да ги нудат сите потребни услови за живеење“, истакна Ѓорѓиевски.
Македонија
Муцунски – Лосон: Потпишан меморандум за реализација на втората фаза од проектот за активностите што произлегуваат од членството во НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на втората фаза на проектот за ефикасна меѓуресорска координација на активностите кои произлегуваат од членството во НАТО.
“Со денешното потпишување на меморандумот ја продолжуваме значајната соработка со Обединетото Кралство, со цел дополнително зајакнување на нашето сојузништво. Исто така, имплементацијата на втората фаза од проектот ќе овозможи дополнително зајакнување на нашите капацитети и ќе придонесе за натамошното утврдување на земјава како кредибилна НАТО членка” истакна министерот Муцунски.
Воедно, министерот нагласи дека ваквиот чекор претставува уште една потврда на заложбите на двете земји за зајакнување на колективната одбрана и гарантирање на целокупната безбедност на НАТО Алијансата.
Лосон посочи дека двете земји се силни НАТО сојузници и партнери, а притоа изрази задоволство од реализацијата на проектот кој ги зајакнува меѓусебните односи.
„Ми претставува задоволство што овој проект дополнително ги зајакнува овие односи. Нашиот претходен ангажман се фокусираше на изградбата на Директорат за НАТО во рамките на Министерството за надворешни работи како и на формирањето на Национален координативен совет за НАТО. Сега ќе работиме заедно на развивањето на силни меѓувладини НАТО структури кои ќе подготвуваат и споделуваат анализи и ќе обезбедуваат поддршка на носителите на одлуки на највисоките позиции за прашања кои се од исклучителна важност за безбедноста на нашите две земји. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме работата која што придонесува за пошироката безбедност и стабилност на Северна Македонија и Обединетото Кралство како и на нашите НАТО сојузници”, потенцираше тој по потпишувањето на меморандумот.
Инаку, проектот е предвидено да трае до март 2025 година и преку упатување на резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, тој треба да ја унапреди целокупната подготвеност на нашите институции за обезбедување ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.