Македонија
Зибери: Во владата на ДУИ министрите ќе депонираат оставки на денот на нивниот избор

Кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери, денес на прес-конференција ги презентира принципите по кои ќе функционира новата влада. Ветувајќи цврсто почитување на овие заложби, Зибери посочи на транспарентност во управувањето, одговорноста, ефикасноста и професионалноста како клучни принципи по кои ќе се раководи во неговиот мандат како иден премиер.
„Ние мора да го напуштиме клишето на досегашното управување со Владата на затворени седници, Транспарентноста е основниот елемент и принципот на секоја демократија, затоа во новиот мандат ќе се заложам седниците на владата во иднина да бидат јавно достапни, така што јавноста може директно да ги следи сесиите и случувањата на неа. Содржината на владините седници не треба да бидат предмет на разни шпекулации, толкувања и меѓусебни несогласувања. Дебатите и одлуките на владата треба да бидат достапни за јавноста за граѓаните да бидат информирани за сите круцијални теми“, истакна Зибери посочувајќи дека овој принцип ќе се имплементира на неделна основа, како што се организирани и редовните седници на владата.
„Покрај транспарентноста, на седници на владата ќе биде поканет и најистакнатиот експерт во одредени области кога темата на владата ќе бидат основните реформи за прашања од економски развој, образованието, социјална помош и други специфични сегменти од општествено значење. За нас, многу е неопходно пред донесувањето на одлуките да се слушне гласот на експертите, гласот на професорите, академиците, луѓето од науката, така што одлуките на владата ќе имаат научни поткрепувања и ќе се засноваат на идеите и предлозите од академскиот свет“, посочи Зибери како предуслов за професионализација и ефикасност на работењето на идната влада.
„Одговорноста треба да биде основен принцип на функционирање на која било влада, затоа јас ќе побарам уште на самиот ден кога ќе бидат назначени новите министри и заменик-министри, да ми достават изјава за оставка за во моментот кога премиерот ќе процени дека потребно е да се направат измени и освежувања во неговиот кабинет, тоа веднаш да се спроведе“, посочи Зибери упатувајќи на мерката со која секој министер ќе биде предмет на процес на верификација на спроведувањето на владините политики на секои два месеца, со што ќе се создаде можност за оценка на носителот на јавната фунцкија од аспект на неговата инвентивност, успешност и активност. Доколку одреден министер не ги исполни критериумите и стандардите што ќе ги поставам во тој момент, ќе ја активирам однапред доставената оставка“, истакна Зибери.
Зибери вети посебно внимание и за важните меѓународни практики и особено во насока на стекнување на меѓународно искуство во лидерство и управување, како и создавање економски политики што ќе бидат во функција на развојот на приватниот сектор. Во насока на привлекување на меѓународните искуство, Зибери најави дека при формирањето на идната влада, ќе ги замоли партнерите на коалицијата – 20 проценти од позициите што ќе ги предложат, без разлика дали се во ранг на министри, заменик-министри или директори на државни институции, да бидат од дијаспората или, пак, еминентни претставници со докажано искуство од бизнисот.
„За среќа, имаме албански, македонски и други граѓани кои се докажани на меѓународниот пазар, а на Северна Македонија ѝ е потребно ова искуство. Верувам дека владата изградена врз основа на овие темели и врз овие принципи може да биде многу поефикасна, може да биде многу поуспешна, може да биде многу потранспарентна и, пред сè, одговорна“, истакна Зибери посочувајќи дека одговорноста треба да биде основа за градење доверба меѓу владата, гласачите и парламентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски по средбата со Јанша: Економијата е девастирана, што е последица на неспособноста на Владата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски во рамките на својата регионална дипломатска иницијатива оствари средба со словенечкиот премиер Јанез Јанша.На средбата Мицкоски истакна дека Македонија се соочува со вето од Бугарија на патот кон Европската Унија, но и покрај оваа пречка како акутен проблем останува недодостигот на борба против криминалот и исклучителното високо ниво на корупција во земјава што прави државата да тоне на сите скали и рангирања коишто го мерат квалитетот на живот, соопшти партијата.
Тој на средбата размени искуства поврзани со економијата, при што Мицкоски напомена дека рецесијата во која се наоѓа македонската економија резултираше со раст на невработеноста, додека пакетите на помош за економиката не ги дадоа потребните резултати зошто тие освен за гола промоција беа наменети за приземен поткуп без ефект и помош за стопанството. „Економијата е девастирана, што е директна последица на неспособноста на владата, граѓаните немаат време за чекање“, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со Јанша зборуваше и за здравствената ковид-криза како сериозна закана за сите земји во светот, како и механизмите за нејзино надминување. Словенија има сериозен план за вакцинирање на населението од дури 70 проценти до почеток на летото, би сакал и македонската влада да ги следи ваквите позитивни примери, истакна Мицкоски. Тој на средбата побара поддршка од словенечкиот премиер на патот кон Европската Унија, особено што Словенија е државата која е идниот претседавач со Унијата. Премиерот Јанша изрази поддршка на Македонија и нејзините евроинтеграции, како и поддршка за дополнително развивање на сестринските односи со ВМРО-ДПМНЕ, како дел од семејството на Европската народна партија.
Македонија
Рестораните и угостителските објекти повторно ќе работат до 21 часот

Владата на 40. седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе измени на одлуката за работното време на рестораните и другите угостителски објекти согласно која од 21 јануари се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18 часот.
Согласно овие измени, рестораните и угостителските објекти од 21 јануари ќе работат до 21 часот, после што ќе бидат затворени за посетители сите угостителски објекти и ресторани, како и угостителските објекти или делови за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објект за сместување, како и објектите со угостителска дејност на бензинските станици.
Исклучок од оваа одлука се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и рестораните или деловите за исхрана во угостителските објекти за сместување во хотелите, мотелите, хостелите, пансионите и други објекти за сместување за лицата сместени во овие објекти.
Угостителските објекти кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин со онлајн или телефонски нарачки и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект преку штанд или пулт со почитување на основните мерки за дезинфекција, носење маски и одржување дистанца.
Македонија
Маричиќ: Судовите сè помалку изрекуваат заводски воспитни мерки за децата во судир со законот

Министерот за правда Бојан Маричиќ се обрати на панел-дискусија на која се одбележа отпочнувањето на проектот финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ со наслов: „Прав(да) за деца – ЕУ за малолетничка правда и правда по мерка на децата”.
Како доказ за посветеноста на Министерството за правда за подобрување на правната рамка за правата на детето, Маричиќ го цитираше Извештајот на Европската комисија за 2020 година, каде се потврдува дека истата е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди и дека она на што треба да се работи е нејзино спроведување во практика.
„Гледајќи на децата како ‘производ’ на околностите во кои тие растеле и се развивале, наша мисија како претставници на институциите од кои доаѓаме е да им подадеме рака на оние деца кои се во судир со законот и да им помогнеме да изградат култура на ненасилство, здрави врски и навики, да им ја вратиме самодовербата и емотивната стабилност, да им обезбедиме соодветно образование и да ги вратиме на вистинскиот пат во животот. Должни сме да го унапредуваме системот за правда за децата кој ќе им подава рака на децата и систем кој ќе гарантира правда по мерка на детето“, потенцираше Маричиќ.
Отворањето на новиот Воспитно-поправен дом – Тетово е токму таков чекор со кој се овозможуваат топли и грижливи услови за рехабилитација и ресоцијализација на децата кои се во судир со законот, смета Маричиќ, кој додаде дека се запазени сите стандарди за тоа како треба да изгледа ваков дом во кој децата имаат навистина одлични услови за учење, спортување и здравствена заштита.
Маричиќ истакна дека институциите мора да бидат подготвени да превенираат секундарна виктимизација на децата во судир со законот, имајќи ги предвид нивните минати искуства и предизвици со кои се соочувале во текот на животот. Во иднина, посебен фокус ќе се стави на континуираната едукација и јакнење на специјализацијата на субјектите во системот на правда за децата и јакнење на нивната меѓуинституционална соработка. Од досегашната примена на законот, министерот за правда истакна дека можеме да заклучиме дека во најголем број случаи, субјектите во системот на правда за децата применуваат мерки, односно санкции кои не вклучуваат лишување од слобода на децата што кореспондира со Законот за правда за деца и меѓународните стандарди.
Добра вест е и тоа што изминатите години забележан е тренд на значително намалување на изречените заводски воспитни мерки од страна на судовите, што е за поздравување и што покажува дека системот функционира во интерес на детето и дека не се применуваат најрестриктивните мерки. Статистичките податоци говорат дека во 2018 година се забележува значително намалување на изречените заводски воспитни мерки од страна на судовите, односно тие биле изречени спрема вкупно 12 деца, за разлика од 2017 година кога заводски мерки упатување во воспитна установа или во воспитно-поправен дом биле изречени спрема 53 деца.Натамошно надоградување на системот за правда за децата е дел од Акцискиот План на Министерството за правда за спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за 2017-2022, а во тек на подготовка се измени на Законот за правда за децата.Законот треба да овозможи зајакнување на заштитата на децата жртви на кривичните дела, вклучувајќи мерки за рехабилитација, реинтеграција во општеството и интензивирана едукација на децата, како и усогласување со новодонесените директиви на ЕУ кои се однесуваат на процедуралните гаранции за заштита на децата кои се осомничени или обвинети.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот