Македонија
ЗМСТАС: Нема никаков проблем платата на лекарите да достигне до 300 000 денари, но соодносот со медицинските сестри да биде според законската регулатива 1:2
Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „За нас“ преку отворено писмо го искажа својот став во однос на последните преписки и случувања околу зголемувањето на платите.
„Медицинските сестри во колективните договори се опфатени во малку групи, и на тој начин не се платени по одговорностите како што и заслужуваат! Последните парцијални покачувања на платите по основ на коефициенти, и по основ на додатоци ги остави медицинските сестри на сооднос 1:3 наспроти личните доходи на лекарите по коефициент, односно 1:5 по основ на додатоци на плата“, се наведува во отвореното писмо.
Оттаму бараат да се следи законската рамка која укажува на тоа соодносот да биде 1:2, особено кај сестрите со ССС.
– Покачувањето на платите не го решава и регулирањето на соодносот, туку мора да се направи соодветна измена на коефициентите и зголемување на групите кај медицинските сестри. Нема никаков проблем платата на лекарите да достигне и до 300 000 денари, но и соодносот со медицинските сестри да биде според законската регулатива 1:2. Исто така бараме надзор за почитување на анекс договорот за колективните договори на медицинските сестри бидејќи истиот не се спроведува во голем број болници, се вели во отвореното писмо на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „За нас“.
„Конкретно анекс договорот за ВСС се уште не е спроведен во сите ЈЗУ. Во некои е делумно, во некои се спроведе, а за 120 медицински сестри во многу ЈЗУ се уште систематизацијата е параван за неспроведување на анексот договорот, не се поставени со решенија и немаат признаено образование иако земаат финансиски додаток кој патем не се пресметува во платата.
За сите други, дури и непостоечки работни места сведоци сме дека се отвораат нови советнички работни места, односно истите веднаш се реализираат и се поставуваат со решенија.
Со вакви недостатоци во групите на медицинските сестри тие немаат можност да бидат платени по вештини, знаење, искуство… едноставно немаат можност за кариерен развој.
Прашуваме кој е одговорен и зошто се уште не се поставени крајни рокови и надзор за реализација?
Проблемите на медицинските сестри се многу, но во синдикални рамки основен е проблемот со групите и коефициентите во колективните договори, особено кај медицинските сестри со ССС“, се додава во писмото на Унијата на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „За нас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата на Мицоски ја отвори вратата за 10.000 странски работници, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски донела одлука со која се отвора вратата за нови 10.000 странски работници во земјава во 2026 година, истакнуваат од СДСМ.
„Одлуката од денеска стапува на сила и се однесува на значително зголемен број во споредба со лани од дури 4.500 лица.
Доаѓаат таканаречените „економски работници“. Иако во Македонија се уште има речиси 100.000 невработени и стапката на невработеност е двоцифрена. Се беше подготвено, сега само се реализира планот. Склучија „стратешки договор“ за кој известија британските медиуми, за мигранти, потоа го сменија Законот за странци со кои ги олеснија условите за доаѓање, престој и работа“.
Ги скратија процедурите, додаваат од опозициската партија, го продолжија времетраењето на дозволите.
„Се создаде правна рамка за долгорочно задржување во државата, ако има „стратешки парнер“ секако. Донесоа резолуција – Декрет за да и забранат на опозицијата да говори за мигранти.
Тоа што се подготвуваше, почна“.
Македонија
Лекарската комора дава поддршка за новиот Закон за заштита од пушење
Лекарска комора на Република Северна Македонија изрази поддршка за новиот Предлог-закон за заштита од пушење и за мерките што со него се воведуваат, оценувајќи дека тие се во насока на унапредување на јавното здравје и заштита на населението, особено на децата, младите и ранливите групи.
Од Комората посочуваат дека лекарите секојдневно се соочуваат со последиците од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад, кои, како што наведуваат, се директно или индиректно поврзани со кардиоваскуларни заболувања, малигни болести, хронични белодробни состојби и други сериозни здравствени проблеми.
Следејќи ги добрите европски практики, Лекарската комора смета дека новите мерки за контрола на тутунските и никотинските производи, како и заштитата од пасивно пушење, ќе придонесат за намалување на бројот на нови корисници, особено кај младите, поефикасна заштита на непушачите во затворени простории и создавање поздрава животна и работна средина.
Во соопштението се нагласува дека здравјето на граѓаните мора да биде над сите други интереси и дека доследното почитување на законските ограничувања може да резултира со помал број хоспитализации и долгорочни придобивки за целото општество.
Од Лекарската комора информираат дека остануваат подготвени активно да учествуваат во подигање на јавната свест за опасностите од употребата на тутунски и никотински производи и да дадат поддршка на мерките кои водат кон поздрава и побезбедна заедница.
Македонија
Хоџа и Филипиду разговараа за прекуграничната соработка во заштитата на животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду, на која беа разгледани приоритетите на билатералната соработка во областа на животната средина.
Во фокусот на разговорите беа активностите поврзани со управувањето со Националниот парк Преспа (Prespa National Park), управувањето со водните ресурси, хидролошката состојба на Преспанското и Дојранското Езеро, како и тековните прекугранични проекти што се реализираат.
Двете страни ја потврдија заедничката заложба за натамошно унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, со посебен акцент на заштитата на животната средина и одржливиот развој на прекуграничните региони.

