Македонија
„Знае ли општинската инспекција за масовното уништување на животната средина во Аеродром“, прашува СДСМ
„Застрашувачки се информациите за масовното уништување на животната средина на територија на Општина Аеродром, откриен од инспекцијата на Град Скопје. Додека општинските инспектори за заштита на животната средина спијат, градоначалничката од ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовка како во некое нискобуиџетно реално шоу објавува снимки од нелегална сепарација за ископ на песок кај мостот на Вардар во Долно Лисиче“, велат од СДСМ.

„Општинската инспекција повеќе работи на личниот пи-ар и дигитален маркетинг на Дејан Митески, отколку на заштитата на животната средина.
Општината е во целосен распад, диви депонии на секој чекор, неискосени тревници, распадната урбана опрема и преполни контејнери и корпи за отпад се дел од секојдневието на жителите на Аеродром, како никогаш до сега. Енормно загадување на воздухот во зимскиот период. И сега дополнително загрозен водниот тек на реката Вардар и целиот негов екосистем.
Дејан Митески на сограѓаните од Аеродром им должи одговори: Работи ли нешто општинскиот инспектор за заштита на животната средина?

Дали Општина Аеродром има било каква информација или пријава дека на својата територија има сепарација за ископ на песок која работи без потребните лиценци, елаборати и дозволи? Доколку има дали тоа е проследено до Државниот инспекторат и инспекцијата на Град Скопје и зошто за тоа благовремено не е информирана јавноста?
Кога последен пат општинскиот инспектор за животна средина го посетил Долно Лисиче? Дали во последните 4 години општинскиот инспектор за заштита на животната средина има констатирано било какви прекршувања на законите за животна средина на територија на Аеродром?

Зошто раководителката на општинската администрација во работно време поминува повеќе време на расправање со граѓаните на Фејсбук отколку на терен? Ова ли е скандинавското управување со општините за кое говореше Мицкоски?
За катастрофите во Аеродром време е некој да понесе одговорност. Време е Митески и ВМРО-ДПМНЕ да заминат во опозиција“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ спроведе засилени контоли кај операторите со храна во близина на училиштата
Во рамки на 445 инспекциски контроли спроведени во последните десетина дена, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење на дејност на оператори со храна, додека 696 килограми небезбедна храна од непознати добавувачи беа запленети и уништени, соопшти АХВ.
Контролите биле насочени особено кон објектите во непосредна близина на основни и средни училишта, од каде учениците најчесто купуваат храна.
Инспекциските проверки откриле дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдиле незадоволителни хигиенски услови, а од вкупно контролираните, 26 оператори не биле регистрирани во АХВ.
„16 оператри немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а дури 32 немале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед на вработените лица. Тројца оператори немале спроведено задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите, а 7 од контролираните објекти не ги задоволувале техничките услови за вршење на дејноста. Несоодветно означена храна со контролите била затекната кај седуммина оператори со храна“, стои во соопштението на АХВ.
За утврдените неправилности, АХВ изрече парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Издадени се 103 решенија за отстранување на недоследностите и 23 опомени.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.

