Македонија
Иванов: Новата Влада што побрзо да спроведе попис

Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата Влада што побрзо да спроведе попис за да видиме колку сме, да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во четвртокот во своето годишното обраќање.
„Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање на реална статистика е пописот“, истакна претседателот Иванов.
„Им порачувам дека е неодговорно да се бараат права без да се превземаат обврски, точно онака како што е наведено во амандманот 4 од Уставот на Република Македонија“, рече македонскиот претседател.
А обврска и одговорност на секој граѓанин на Македонија, независно од етничката, верската, јазичната и идеолошката припадност е да се грижи за добробитта на оваа наша единствена заедничка татковина – Република Македонија, порача Иванов. Последниот попис во Македонија, посочи тој, беше пред цели 14 години, оценувајќи дека тоа е предолг период за која било држава. /крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ковачевски се сретна со премиерот на Молдавија: Единствено целосно обединета Европа ќе овозможи безбедна и стабилна иднина за целиот континент

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски на маргините од вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија се сретна со премиерот на Молдавија, Дорин Речан.
Во фокус на разговорот беа повеќе теми, меѓу кои билатералната соработка, евроинтеграциските цели на двете земји, како и безбедносните предизвици во Европа.
Премиерот Ковачевски потенцира дека Молдавија и Македонија делат ист стратешки надворешно-политички приоритет – членство во ЕУ. Притоа, упати честитки за стекнатиот кандидатски статус на Молдавија во ЕУ, доделен минатата година.
Двајцата премиери го истакнаа значењето на евроинтеграцискиот процес во функција на зацврстување на мирот, стабилноста и просперитетот на целиот европски континент.
Притоа, премиерот Речан истакна дека Република Северна Македонија го заслужува своето место во Европската Унија, што на земјата секако ќе и донесе подобра иднина.
Воедно тој потенцираше дека како земја користат искуство на Северна Македонија, во успешно водење политики, како за визната либерализација со ЕУ.
Македонија
Левицата: Уставните измени се правна рамка за бугаризација на Македонија

Антимакедонската власт на СДС и ДУИ заедно со нивните западни партнери продолжува да го множи македонскиот народ со нула туркајќи уставни измени за кои против се изјаснуваат над 80 % од Македонците. Со закана дека добри односи со НАТО и ЕУ Македонија може да има само со Бугари во Уставот и со манипулации дека таквите измени се „технички“, а не суштински, се релативизира уште едно национално предавство, велат од Левицата.
Левицата уште еднаш предупредува на далекосежните правни последици од уставните измени, на кои нашиот источен сосед со иредентистички и асимилаторски намери кон Македонија жестоко инсистира. „Ова е од причина што со внесувањето на ‘самоосвестените’ македонски Бугари во Уставот на Република Македонија, покрај финансирањето на великобугарската пропаганда со народни пари, Бугарија добива и правна рамка за своите понатамошни уцени и барања за законски измени со кои би се спроведувала бугаризација на Македонија.
Македонскиот народ има право да знае дека уставните измени ќе претставуваат правен основ за Бугарија во текот на преговорите за влез во Европската Унија да бара од Македонија: измена во Законот за празниците на Република Македонија, со цел прогласување празник и неработен ден за припадниците на бугарската заедница – 3 март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот договор, со кој територијата на Македонија требало да ѝ припадне на Бугарија;
Обезбедување задолжителни пратенички места за припадниците на заедниците, со што бугарски националшовинисти по автоматизам би се стекнале со пратенички имунитет и слобода од собраниска говорница да го негираат македонскиот идентитет и да шират бугарска иредентистичка пропаганда во законодавниот дом на Република Македонија;
Зголемување на квотите за вработување во државните институции за припадниците на заедниците, со што изјавувањето на бугарската етничка припадност би било услов за вработување во државни институции и извршување функции“, додаваат од оваа партија.
Ваквите намери на Бугарија, според Левицата, ги обелоденија и бугарските европратеници преку амандмани на нацрт-извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, преку кои бараат Европската Унија да ја потврди потребата не само од уставни измени туку и од законски измени за промоција на бугарската заедница во Македонија.
„Левицата останува најголем сојузник на македонскиот народ против ова национално предавство на квислиншкиот СДС и жестоко ќе се спротивстави на уставните измени наложени од Бугарија“, се истакнува во соопштението од оваа партија.
Македонија
Поради Задушница, посебен сообраќаен режим в петок и сабота во Скопје

Секторот за внатрешни работи Скопје, односно Единицата за безбедност на патниот сообраќај, утре и задутре (2/3.06, петок и сабота), а поради претстојниот верски празник Задушница, ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Имено, со почеток од 6 часот на 2.6., сообраќајот кон градски гробишта „Бутел“ ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатат по улицата Бутелска, лево по улицата Александар Урдаревски, лево по улицата Боца Иванова и десно до влезот на гробиштата „Бутел“, а за излез од гробиштата – десно по улицата Боца Иванова до кружниот тек на улицата Бутелска, па лево по улицата Бутелска и десно по улицата Кемал Сејфула.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и на улиците кај гробиштата во Камник и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.