Македонија
Иванов прогласен за почесен член на Советот за светски прашања во Јордан

Претседателот Ѓорге Иванов вечерва во Аман беше прогласен за почесен член на Советот за светски прашања, независна научна институција која се занимава со прашања од интернационален карактер. Пред членовите на Советот македонскиот претседател одржа предавање на тема: „Балканот, Кавказот и Блискиот Исток: Бермудскиот триаголник на Европа“.
Во своето предавање, Иванов порача дека многу иницијативи, проекти и преговори што биле наменети за регионите на Балканот, Кавказот и Блискиот Исток пропаднале, нагласувајќи дека во овие региони живеат многу етнички, јазични и религиски групи. Според македонскиот претседател, овие се места каде што се испреплетуваат и каде што се допираат поранешните империи, со што настанувале и конфликти.
„Но каде што биле империите, таму се создавал и отворен простор. Луѓето немале граници и затоа најчесто тие го користиле целиот простор. Балканот е врската меѓу Европа и Блискиот Исток“, рече претседателот Иванов.
Историјата, според него, покажала дека овие регионите живееле во релативен мир и благосостојба, во време кога се дел од отворен простор и затоа е потребна интеграцијата.
„Кој комуницира тој се интегрира, кој не комуницира тој се гетоизира и му требаат непријатели. Меѓу Балканот, Кавказот и Блискиот Исток за време на империите немало граници. Луѓето слободно можеле да комуницираат да се запознаваат и меѓу себе да тргуваат“, рече македонскиот претседател.
Иванов во своето предавање потсети дека и Македонија е домаќин на Светските конференции за дијалог меѓу религиите и цивилизациите и порача дека нашата држава е голем поддржувач и активен учесник во Алијансата на цивилизациите, чија мисија е да промовира дијалог.
Претходно, Иванов го посети Бирото за дизајн и развој на кралот Абдула Втори.
Со предавањето во Советот за светски прашања во Аман, претседателот Иванов ја заврши официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, за време на која со највисоки државни и воени почести беше примен од кралот Абдула Втори Ибн Ал Хусеин, а се сретна и со јорданскиот премиер, Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез, и со спикерот на Претставничкиот дом, Атеф Таравнех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град. Само на југоистокот ќе се задржи постабилно со изолирана појава на пороен дожд со грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14, а максималната ќе достигне од 23 до 29 степени.
Во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе има услови за краткотарен пороен дожд во делови од котлината, ретки грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Ќе продолжи периодот во кој во претпладневните часови ќе биде претежно сончево со мала до умерена облачност, а во попладневните променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме со интензивен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град.
Македонија
Неделен возен ред поради Духовден, жичницата ќе работи вообичаено

Поради верскиот празник Духовден, денес (2.6.2023) и в сабота (3.6.2023), јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен, со исклучок на линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 51, 55, 55Б, 56, 56А, 70, 74, 81, 118, 160, 164 и 180, кои ќе сообраќаат по саботен возен ред.
В недела (4.6.2023) сите возила од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред.
В петок (2.6.2023), в сабота (3.6.2023) и в недела (4.6.2023) на линиите 59 (Карпош 3 – Кучевишка Бара – гробишта „Бутел“), 59А (Ново Лисиче – гробишта „Бутел“) и 59Б (Кисела Вода – гробишта „Бутел“) ќе сообраќаат дополнителен број автобуси.
Денес (2.6.2023), билетарниците и центрите за персонализација нема да работат, а в сабота (3.6.2023) ќе имаат редовно работно време.
Жичницата денес (2.6.2023) ќе работи вообичаено, од 10 до 20 часот.
Македонија
Меџити побара од хирурзите да оперираат за викендите без надомест за да се намали листата на чекање

Министерот за здравство Фатми Меџити ги повика хирурзите од сите специјалности доброволно да оперираат за викендите за да ги намалат листите на чекање.
Тој ги повика неговите колеги, без надомест да покажат хуманост, исто како што беше примерот на кардиохирурзите од Ниш, кои од почетокот на годината во саботите и неделите оперираа пациенти.
„Дајте тоа што беше позитивна приказна во Ниш да ја повториме тука. Да ја ревидираме таа листа на чекање, на операции. Да направиме и ние такво хумано дело со цел да не чекаат толку долго пациентите. Да покажеме дека еве, сакаме да направиме нешто повеќе за општеството, како општествена одговорност. Пред сѐ, ние сме хумани лица“ изјави Меџити.