Македонија
Изборите во Србија ја забавија брзата пруга Ниш – Скопје, Бочварски очекува работните групи да ја продолжат работата
Парламентарните избори во Србија, кои се одржаа изминатиот викенд, ја забавија работата на брзата пруга Ниш – Скопје, но министерот за транспорт, Благој Бочварски, очекува работните групи да продолжат со работа. Тој и денес, по пуштањето на обновениот регионален пат Битола – Меџитлија, рече дека нашата страна обезбедила дополнителни средства за граничниот премин на пругата.
„Ние потпишавме меморандум за соработка, но во Република Србија претходниот викенд имаше парламентарни избори и веднаш по завршувањето на изборите, двете работни групи, кои се веќе формирани, ќе почнат со акциски план и со работа со цел заеднички да настапуваме во овој проект и во делот на финансиските средства, начинот на финансирање и во делот на инфрастурктурното поврзување. Ние дополнително обезбедивме финансиски средства за граничниот премин Табановце, кој ќе биде од наша страна на железничката пруга. Ние ќе го реализираме тој граничен премин, а ќе биде користен од страна на двете држави“, рече министерот Бочварски.
Пред повеќе од еден месец Македонија и Србија потпишаа меморандум за соработка за изградба на брза пруга Ниш – Скопје. Македонија, во согласност со мемеорандумот, е обврзана да презеде обврски за реализација на инфраструктурани проекти за изградба на железница со високи перформанси, и тоа во првата фаза на потегот од граничниот премин Табановце до Скопје и изградба на нова железничка линија до Меѓународниот аеродром „Скопје“. Тоа подразбира изградба на пруга во должина од 50-ина километри, на која патничките возови ќе може да се движат со брзина од најмалку 160 киломтери на час.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
