Македонија
Избори во мај, во редовниот термин, со ДУИ имаме јасен коалициски договор, истакна Ковачевски
Според премиерот Димитар Ковачевски постои доволно простор во мај да се организираат изборите.
„Сметам дека постои доволно простор во месец мај да може да се организираат избори во нивниот редовен термин. Во однос на финалните ставови на политичките партии ќе ве информираме тогаш кога ќе се постигне еден поширок консензус во рамките на парламентот“, рече Ковачевски.
Според него, сите кадровски решенија ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните партиски тела.
Во моментов, информира Ковачевски, течат разговорите за финализирање на Изборниот законик и вклучувањето во него на сите забелешки од страна на ОБСЕ/ОДИХР.
Тоа е веќе финализирано во најголема мера и многу скоро, рече, ќе се најде на владина седница, како и на седница во Парламетот при што ќе се добие целосно усогласено законско решение.
„Во овој период и во периодот пред нас, се до официјализирањето на периодот кога ќе бидат изборите, ќе има многу информации интересни и за граѓаните и за медиумите.
Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година, секако дека за модалитетите со нив се разговара, но целта за остварување европска коалиција која ќе предводи широк фронт е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори.
Сите детали и кадровски решенија кои ќе следуваат, ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните органи на партиите“, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп.
Кога се прават коалиции, кажа тој, клучно е да се споделуваат заеднички вредности кои се однесуваат, пред се, на визијата за модерно општество и модерна држава.
„Не се работи за убедување, туку кога се прават коалиции, клучно е да се споделуваат заеднички вредности, кои се однесуваат пред се на визијата за модерно општество и модерна држава со економски просперитет, социјална правда и демократија на врвно ниво, слобода на медиумите, владеење на правото унапредено многу повеќе од тоа денес и на тие основи ќе се градат коалициите.
Сметам дека Алијанса го има тој капацитет, да разговара на такви теми и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите, но да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки во тој дел, подвлече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Вал: заедничка цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска беше домаќин на работна средба со амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, Килиан Вал.
Меџити и Вал разговараа за можностите за соработка во континуирано партнерство со цел унапредување на приоритетните реформи во согласност со заложбите на ОБСЕ.
Двајцата соговорници се согласија дека имаат за цел зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата, родовата еднаквост и зајакнувањето на младите, додека промовирањето на транспарентноста, човековите права и одржливиот развој за доброто на сите граѓани остануваат заедничка цел.
Меџити повтори дека е максимално посветен на напредокот на интеграциската агенда на земјата кон зачленување во Европската унија, како единствено решение и со масовна поддршка од граѓаните.
Македонија
(Видео) Во Прилеп утре Ден на жалост, по трагичната несреќа во која загинаа три медицински лица
Во Прилеп, утрешниот ден се прогласува за Ден на жалост поради трагично загинатите медицински лица, кои утрово ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп-Битола.
Одлуката беше донесена од страна на Советот на Општина Прилеп на вонредна седница.
Прилепскиот градоначалник Борче Јовчевски во своето обраќање рече: „Како градоначалник, како лекар, но пред се како човек утрово со тага ја примив веста за прераната смрт на нашите сограѓани, на еден прекрасен тим на специјалисти и медицински кадар. Еден тим кој животот го посвети во давање на помош и спасување на животи. Дури и на тој пат одеа да спасат животи. Прилеп и Македонија губат врвни луѓе, посветени на својата професија“, нагласи тој.
Несреќата се случила утрово при судир на автомобил во кое биле медицинските лица и товарен камион.
Македонија
Ковачки: Работите во судството се катастрофално лоши, потребни се оставки во судски совет, генерален ремонт и реизбор
„Работите во судството ни се лоши, катастрофално лоши и тоа е оценка на сите од надвор и од внатре“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека поради нула ажурност на судовите резултатите се катастрофални.
„Резултатите се катастрофални со ажурност нула на судовите. Од одредени судови се праќаат по други, од едни апелациони подрачја во други се праќаат на испомош затоа што нема судии“, вели Ковачки.
Правдата генерално во Република Македонија, според него ја нема, судство, обвинителство, како што вели, „таа спрега е скапана и тука ние не може да направиме исчекор без генерален ремонт. Мора да имаме генерален ремонт и реизбор“, потенцираше Ковачки.
Тој е дециден дека сите во судскиот совет треба да си дадат оставки.
„Судски совет како што сега е поставен треба да си дадат оставки затоа што доведоа до тие 2% доверба“, укажа Ковачки.