Македонија
Изборот е ЕУ или неизвесност, вели премиерот Ковачевски
Секој политичар денеска треба да се запраша која е неговата улога за иднината на земјата. Која е неговата должност за продолжување на долгиот синџир на македонската државност?, рече денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во обраќање по повод Денот на независноста.
-Богатата историја, нашето минато и наследство секогаш ќе бидат столбот, темелот кој не потсетува од каде сме дошле. Но денеска, прашање над сите прашања е каква е нашата одлука за иднината, кое е тоа едно, вистинско место што го избираме за да ја однесеме нашата земја. Дали е тоа полноправно членство во ЕУ или неизвесност? Рече Ковачевски.
Одлуките што ќе ги донесеме денес ќе влијаат на иднината на нашите деца внуци и на нашата земја, додаде тој.
-Тоа ќе влијае на тоа како следната генерација ќе го слави Денот на независноста по 30 години од сега. И кога денешните деца и внуци ќе се навратат на нашето време, што ќе кажат. Дали ќе бидат горди како што сме ние денеска горди на одлуките и делото на нашите предци или ќе не осудуваат? Ова се прашањата на кои мора да има одговор секој политичар на денот на независноста, рече Ковачевски.
Јас одлуката ја имам донесено, СДСМ одлуката ја има донесено, мнозинството граѓани одлуката ја имаат донесено. Од денот кога ја вративме нашата независност пред повеќе од 30 години, огромното мнозинство на граѓаните, над 80% ја поддржуваат нашата заедничка визија –членството во ЕУ, дециден беше тој.
-Македонската иднина е европска и никако поинаку. Членство во ЕУ е нашата единствена алтернатива. Имаме поддршка од нашите стратешки партнери, време е за одлука. Не ни треба изолација. Не ни треба нова неизвесност. Не смееме да ја пропуштиме историската шанса којашто е пред нас. Едноставно тоа не смееме да им го направиме на младите, на граѓаните, на државата, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски патува во Брисел: Ќе ја пренесам фрустрацијата на народот, пречките за ЕУ се вештачки наметнати
Премиерот, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе престојува во работна посета на Брисел.
Во Брисел, Мицкоски заедно со лидерите од Западен Балкан ќе присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен.
Потоа ќе оствари средба со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Премиерот рече дека на средбата ќе ја пренесе фрустрацијата на македонскиот народ дека имаме вештачки наметнати пречки за продолжување на преговорите со Европската унија.
„Повеќе од деценија и пол не сме во можност да почнеме преговори со ЕУ оти има вештачки наметнати пречки кои ниту една друга земја ги немала“, рече Мицкоски.
Состанок е предвиден и со Генералниот директор на генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР) Герт Јан Компан.
Оваа дипломатска средба на Претседателот на Владата Мицкоски е со цел интензивирање на досегашната соработка и е важна за процесот за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.
На состаноците ќе бидат опфатени низа прашања кои се однесуваат на регионална стабилност, зголемена економска соработка, усогласување на реформите со европските стандарди, владеење на правото и бескомпромисната борба на Владата против корупцијата и криминалот.
Македонија
Меџити: Целосна поддршка за инвестиции во зелени бизниси
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска учествуваше на конференцијата: „Бизнис-ангели и претприемачки екосистем во Република Северна Македонија. Mожности и предизвици“, на која го истакна значењето што им го давааат Владата и Министерството со кое раководи на инвестициите во зелените бизниси.
Меџити, поканет на конференцијата од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање му даваат приоритет на зеленото претприемаштво и важната улога што ја имаат бизнис-ангелите во оваа насока како инвеститори на овие бизниси.
„Бизнис-ангелите не се само финансиски поддржувачи, туку тие се визионери, кои исто така обезбедуваат капитал и менторство во најранливите фази од животот на еден стартап-бизнис. Нивните инвестиции промовираат проекти што се занимаваат со итни еколошки прашања – намалување на емисиите на јаглерод, грижа за водата, управување со отпадот и создавање одржливи енергетски решенија“, рече Меџит, додавајќи дека светот се соочува со итна потреба од еколошки решенија, а токму зелените бизниси растат со иновативните идеи. Првиот вицепремиер Изет Меџити додаде дека ги поддржува бизнис-ангелите во зелените сектори бидејќи го тие го премостуваат јазот помеѓу иновативноста и реализацијата, инвестираат во високоризични сектори со зелена технологија, која традиционалните инвеститори може да ја избегнат.
„Бизнис-ангелите овозможуваат револуционерни технологии, како што се обновливи извори на енергија, еколошки материјали и иновации за заштеда на вода, и затоа сме посветени на создавање екосистем, кој не само што ги поддржува претприемачите туку исто така ги овластува бизнис-ангелите да направат влијателни инвестиции во зелени бизниси“, рече Меџити.
Денешната конференција ја организира Министерството за економија и труд, во соработка со ЕУ-делегацијата во Скопје, а на неа учествуваа владини претставници, стопански комори во земјата, академици и бизнисмени, кои беа вклучени во неколкугодишниот проект со наслов „Корпоративна општествена одговорност и бизнис-ангели – движечка сила за приватниот сектор“, која има цел да го зголеми бројот на компании со еколошки дејности.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими ученици младинци со оштетен слух и говор од ДУЦОР „Партенија Зографски“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими ученици-младинци со оштетен слух и говор од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, специјалниот едукатор и рехабилитатор Христина Божиновска Ѓикова и Викторија Волак, толкувач на знаковен јазик.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за тековните активности во овој училишен центар што се во насока на образование, воспитување, рехабилитација, професионално и работно оспособување на ученици со оштетен слух. Учениците ја запознаа Претседателката со разновидните воннаставни активности во коишто се активно вклучени преку кои ги развиваат своите вештини и таленти од областите за кои покажуваат особен интерес, како и со нивните идни планови по завршувањето на средното образование.
Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна значајноста на дејноста на ова единствено училиште за средно стручно образование во земјава за учениците со оштетен слух во коешто се оспособуваат за интегрирање во работните процеси, како и за вклучување во високото образование. Изразувајќи ја својата поддршка за нивната мисија, Претседателката порача дека наш заеднички приоритет треба да биде унапредувањето на правата на лицата со оштетен слух и говор со цел нивна поголема инклузија во македонското општество.