Македонија
Избрана новата антикорупциска комисија

Со 65 гласа „за“ и 10 „воздржани“ избрана е новата антикорупциска комисија.
Од новиот состав на комисијата се очекува вистинска борба со корупцијата независно дали доаѓа од политичките партии, бизнис-интересите или други моќници. Претседателските избори ќе бидат првиот тест, порачаа дел од пратениците пред изборот на новите членови на Државната комисија за спречување корупција.
ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ реагираа на начинот на бодување при изборот на членовите и од тие причини ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.
„Го поздравуваме заклучокот на Комисијата да бидат објавени индивиуалните бодувања за да може и јавноста да ја види дискрапанцата во одредени бодувања“, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Јован Митревски од СДСМ изрази очекување дека комисијата ќе го соопшти секое име и презиме на лице кое го прекршило законот, безразлика на политичката партија или етничката припадност.
„Требаше да создадеме регулатива со препораките на Прибе и ГРЕКО, тоа го постигнавме заедно со опозицијата, консулатциите со екпертите и граѓанскиот сектор“, додаде Митревски.
Пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми, реагира на начинот на рангирање на кандидатите за антикорупциската комисија. Тој се сомнева дека селекцијата била неправедна, но рече дека, сепак, ќе го поддржи изборот на комисијата.
„Го поддржувам изборот но ми остана горкиот вкус што универзитетски професор од факултетот од Тетово добил најмалку поени, а анонимен пензионер добил најмногу, се плашам дека има предрасуди во јавноста“, реагира Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.
Македонија
Петровска до командантот на Националната гарда на Вермонт: Македонија е ваш сојузник на кој можете да се потпрете

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Министерството го пречека командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт со кого разговараше за три-децениското партнерство помеѓу Армијата и Националната гарда и начините за нејзино уште поголемо интензивирање во иднина.
На прес-конференцијата со генералот Најт, министерката истакна дека Северна Македонија е сојузник на кој Вермонт може да се потпре и дека преку партнерството и двете вооружени сили станаа еден тим способен да одговори на сите предизвици.
„Нема посилен и појасен приказ за нашето заедништво од тоа што го покажаа нашите припадници во наменските сили Феникс во Авганистан во 2010 година, кога функционираа како едно, една Армија. Нема поголем доказ за нашата блискост од континуираните вежби и обуки од кои придобивка имаат и Армијата и Националната гарда на Вермонт. Нема поголем израз на волја за да продолжиме на овој пат кон уште поголема интероперабилност, од нашите постојани контакти и средби на највисоко ниво од кои произлегуваат одлични идеи кои ги реализираме во целост“ рече Петровска.
Министерката Петровска се осврна и на големиот број заеднички вежби чиј интензитет ќе се зголеми во иднина.
„Зад нас се неколку големи вежби кои беа навистина успешни, а веќе сме во фаза на планирање на следните заеднички вежби, кои ќе бидат уште поголеми и позначајни за нашиот заеднички развој. Северна Македонија е подготвена со задоволство позитивно да одговори на интересот за заеднички активности со партнерските земји на Вермонт, Австрија и Сенегал, со што нашето пријателство ќе се прошири и продлабочи“, подвлече министерката.