Македонија
Избрани 15 заменици министри, опозицијата не гласаше
Со 62 гласа „за“ Собранието го изгласа предлогот за избор на земеници министри во Владата. Гласаа вкупно 67 пратеници, од кои пет од партијата Беса беа воздржани. Во согласност со предлогот, за заменик министер за одбрана е избран Беким Максути, за внатрешни работи Агим Нухиу, во Министерството за правда оди Оливер Ристовски, во Министерството за надворешни работи Арта Точи, во Министерството за финансии Ширете Елези, а во Министерството за економија Кире Наумов. Власте Димковиќ е заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Гоце Чакаровски за здравство, Висар Гани за образование и наука, Елми Азири за труд и социјална политика, Дејан Павлески за локална самоуправа, Владимир Лазовски за култура, Александар Бајдевски за информатичко општество и администрација, Ремзи Мехмеди за транспорт и врски, а Јани Макрадули заменик министер во ресорот животна средина и просторно планирање.

„Констатирам дека Собранието со мнозинство гласови ги избра лица за заменици-министри во Владата. Со оваа одлука на претходните заменици им престанува функцијата, рече собранискиот спикер Талат Џафери по завршувањето на гласањето.
Инаку пред самото гласање во името на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и колацијата, пратеникот Илија Димовски рече дека тие ќе ја напуштат салата затоа што сметаат дека оваа е вештачки создадено мнозинство и вештачка Влада.
„Ова е вештачки наметнато, присилено мнозинство и затоа ние нема да бидеме дел од одлуката што ќе ја носи. Учествувавме во дискусијата и бевме конструктивни, но нема да гласаме. Со овој чекор сакаме да пратиме порака дека одговорноста за одлуката ја носи ова мало, кревко мнозинство,“ рече Илија Димовски и како и своите останати колеги ја напушти салата.
Инаку во Собранието цел ден траеше расправата по оваа точка при што за збор беа пријавени 14 пратеници, најголем дел од ВМРО-ДПМНЕ. Тие обвинуваа дека кадрите што се предложени се партиски послушници, без стручни биографии и дека нема да направат ништо од ветеното пред граѓаните. Премиерот Заев, одоговараше на прашањата од пратениците и тврдеше дека овие луѓе се бирани според своите портфолија и дека ќе ќе придонесат за проектите во реформската Влада.
Габирела Димковиќ- Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
