Средбата на ДУИ се уште не е завршена, додека пак членовите на „Огнената група“ ја напуштија седницата на Централното претседателство на ДУИ.
Македонија
Извесно е дека Македонија годинава нема да ги почне преговорите со ЕУ

На Советот за општи работи, што се одржа денеска во Брисел, Бугарија ја потврди блокадата за почеток на преговорите на Македонија во Европската Унија.
На денешниот состанок земјите членки разговараа за прашањето за проширувањето на ЕУ, како и за подготовките за Европскиот совет на 16 декември.
Како што јавуваат бугарските медиуми, Бугарија потврдила дека не може да ја одобри нацрт-преговарачката рамка и да постави рок за свикување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија бидејќи барањата од националниот рамковен став, поддржан со декларација на Националното собрание, не се исполнети.
Постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ, амбасадорот Румен Александров, кој ја предводи бугарската делегација за учество на редовниот состанок на Советот за општи работи, ја изрази подготвеноста на Бугарија да продолжи со директниот дијалог со Скопје, со цел да се решат прашањата за неусогласеност, односно договорот и заштитата на правата на граѓаните со бугарски идентитет, пишува бугарската новинска агенција, „Бгнес“.
Нема формулација „меѓувладина конференција оваа година“ во заклучоците
Државната новинска агенција МИА јави дека иако словенечкото претседателство јавно настапи со надеж дека преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе почнат до крајот на оваа година и тоа беше експлицитно наведено во нацрт-заклучоците, по денешните преговори меѓу министрите за европски прашања, временската одредница не беше задржана, односно повеќе ја нема формулацијата „меѓувладина конференција оваа година“.
МИА побара и објаснување зашто Северна Македонија е третирана поинаку од сите други држави во овој текст преку употребата на долгото име Република Северна Македонија секаде, а другите се именуваат со нивното кратко име и дали ова претставува нов спор со името на земјата овој пат наметнат од Бугарија.
„Ова е одвоено прашање, за почетокот на преговорите потребна ни е преговарачка рамка, тоа е друг процес, кој ќе биде почнат бидејќи имаме нова влада во Бугарија и многу сме оптимисти дека ќе се тргне по одамна поставениот пат што е можно побргу“, изјави државниот секретар на Словенија.
Петков најави пресврт во односите со Македонија
Бугарскиот премиер, Кирил Петков, даде сигнал дека Бугарија ќе го смени ставот што ја кочи кандидатурата на Северна Македонија за Европската Унија.
Бугарскиот премиер претходно денеска за „Фајненшл тајмс“ најави нова процедура за надминување на спорот, која, како што рече, ќе биде многу брза, со многу краток рок од 6 месеци.
Тој исто така изјави дека новата влада ќе ги постави преговорите со Северна Македонија на нова основа.
„Ќе користиме работни групи за подготовка на одлуки за прашања, како што се заедничката економска активност, инфраструктурата, културата и историјата“, рече Петков.
Премиерот денеска пред новинарите изјави дека разговарал со македонскиот премиер Зоран Заев, кој му честитал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети: Согласно статутот во ДУИ не се дозволени фракции, ќе треба да се почека до следниот конгрес

Претседателот на партијата Али Ахмети на седницата на Централното претседателство на ДУИ изјави дека фракции според статутот не се дозволени, но рече дека на следниот конгрес ќе поддржи таква идеја. Eден час претходно дел од членовите од „Огнената група“ рекоа дека ќе функционираат како фракција.
-ДУИ е партија којашто почитува вредности и почитува демократија. Се разбира, го почитува и размислувањето против. Што се однесува до фракционерството, јас таков предлог имав, имам дадено на партиски конгрес, меѓутоа сум изгубил на гласање од мнозинството и јас како демократ почитувам став на мнозинството и не ги напуштам институциите. Согласно тие одлуки на конгресот и статутот на партијата, во ДУИ не се дозволува функционирање во фракции. Треба да се почека до следниот конгрес, јас ќе бидам тој што ќе поддржам еден таков став за фракционерско делување, рече Али Ахмети.
Лидерот на ДУИ рече дека не се зборувало за исклучување на членови од партијата кои се определиле да дејствуваат фракционерски. Тој информираше и дека на седницата образложил пред претседателството за развојот на настаните во земјата и во регионот.
-Со посебен акцент на постигнатиот договор меѓу Косово и Србија, наречен уште и како Охридски договор. Договор којшто е важен и за нас и за целиот регион, бидејќи регионот влегува во една состојба на мир, што е особено важно за сите. Со желба овој договор да се почитува и да се имплементира од двете страни, посочи Ахмети.
Македонија
Беџети од „Огнената група“: Од денеска ќе делуваме како фракција, ќе имаме наши ставови

Членовите на таканареченета „Огнена група“ најавија дека ќе делуваат како фракција. Градоначалникот на општина Сарај и дел од Огнената група, Блерим Беџети рече дека внатре во ДУИ немале реални можности за дебата и се исцрпени сите можности.
„Од денеска ние ќе имаме наши ставови, бидејќи ќе делуваме како фракција во рамки на ДУИ. Исцрпени се сите можности да дебатираме за реални проблеми. Ќе продолжиме со нашите активности, со партиските бази, со членството и оттука ги повикувам сите членови да не поддржат и да разговараме за разликите што ги наметна оваа власт која ги узурпира органите на одлучување кои се надлежност на партијата“, посочи Беџети.
Македонија
Ване Цветанов по кривичната побегна, се жали дека е жртва на политичка репресија

Поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата Ване Цветанов избегал од Македонија откако пред четири месеци против него беше поднесена кривична пријава за злоупотреба на над 75 000 евра. Тој бегството го пријави во телевизиско интервју вчеравечер за бугарската телевизија Нова.
„Жртва сум на политичка репресија. Сакав да го спроведам бугарскиот модел за контрола над регистрираните ревизори, но Владата не сакаше да го практикува бугарскиот модел. Без разлика што Бугарија потроши време и ресурси. Не се чувствувам виновен, но знам дека ќе ме казнат во Македонија благодарение на политичкиот дослух на мојот случај. Во обвинителството во моментов и да сакаат не можат да ми дадат помалку од 3 години“, вели Цветанов.
На прашањето на новинарот дали ќе се врати во Македонија, тој рече дека тоа што го направил е избор и нема враќање назад.
Министерството за внатрешни работи претходно поднесе кривична пријава против Цветанов за злоупотреба на службена положба и овластување, со што го оштетил државниот буџет за 75.000 евра. Цветанов се товари дека вршел незаконски јавни набавки и ја ангажирал невенчаната сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања.