Македонија
Изготвил лажни одобренија за градење, трошел повеќе од дозволеното за репрезентација и ненаменски трошел пари предвидени за гориво, кривична за градоначалникот на Росоман

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против С.Н во својство на Градоначалник на Општина Росоман.
Пријавениот С. Н во својство на Градоначалник на Општина Росоман, во текот на 2022 и 2023 година постапил спротивно на Закон за градење чл. 58 став 2 (Службен весник на РМ бр. 130/09, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12, 144/12, 25/13, 79/13, 138/13, 163/13, 27/14. 28/14, 42/14, 154/14, 194/14, 187/14, 44/15, 129/15, 217/15, 226/15, 30/16, 31/16, 39/16, 71/16, 132/16 и 35/18), а во врска со член 205 став 1 и чл. 209 од Закон за општа управна постапка (Службен весник на РМ бр. 38/05, 110/08, 124/15 и 65/18) на начин што изготвил 6 лажни јавни исправи, од кои 4 одобренија за градење и 2 одобренија за реконструкција на улици, истите во текот на 2022 и 2023 година ги употребил како вистински во правниот промет, а при тоа иако бил должен не ги водел во јавната евиденција, односно, во информацискиот систем „е-Одобрение за градење“, на кој начин за период од 2022 до 2024 година искористени се парични средства во износ од 14.023.318 денари обезбедени од страна на Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој, парични средства во износ од 6.740.517 денари обезбедени од страна на општина Росоман и парични средства во износ од 15.134.066 денари обезбедени од страна на Министерство за транспорт, на кој начин спротивно на законските прописи за период од 2022 до 2024 година со изготвување на 6 лажни јавни исправи, одобренија за градење и реконструкции на штета на буџетот на општина Росоман, Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој и Министерство за транспорт противзаконски искористени се парични средства во вкупен износ од 35.897.901 денари со што пријавениот го сторил кривичното дело фалсификување на исправа чл. 378 став 1 и 3, а во врска со член 45 од КЗ на РСМ.
Исто така, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист пријавениот С. Н. во својство на градоначалник на општина Росоман од 08.11.2021 година, ги надминал предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за репрезентација донесени од страна на Совет на општина Росоман во текот на 2021 година за износ од 184.744 денари, за 2022 година за износ од 800.348 денари, за 2023 година за износ од 821.821 денари и за 2024 година за износ од 310.662 денари, ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за горива и масла (моторни возила) донесени од страна на Совет на општина Росоман во текот на 2022 година за износ од 159.351 денари, за 2023 година за износ од 44.102 денари потпишувајќи и овозможувајќи од сметката на општина Росоман да се исплатат парични средства за нафтени деривати за возила кои не се во сопственост на општината, ги надминал и ненаменски искористил дел од предвидените износи во Буџетот на општина за трошоци за прехранбени производи и пијалаци донесени од страна на Совет на општина Росоман во текот на 2021 година за износ од 40.188 денари, за 2022 година за износ од 135.440 денари и за 2023 година за износ од 66.920 денари набавувајќи производи кои не се за потребите на општината, односно, купени биле повеќе видови на млечни и сувомеснати производи, поголеми количини на алкохолни пијалаци, и друг вид на производи кои по својата природа се наменети за домашна потрошувачка кошничка, неосновано склучил договори за вршење на определени работи од областа на управување со градежно земјиште во сопственост на РСМ со лица вработени во Општина Кавадарци за 2023 година на износ од 242.000 денари, на кој начин пријавениот злоупотребувајќи ја службената положба и овластување пријавениот причинил штета на буџетот на општина Росоман за 2021 година износ од 226.811 денари, за 2022 година износ од 1.081.059 денари, за 2023 година износ од 1.183.597 денари и за 2024 година износ од 384.862 денари, односно, за период од месец ноември 2021 година до месец септември 2024 година пријавениот причинил штета на буџетот на општина Росоман вкупен износ од 2.876.329 денари, со што пријавениот го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и став 4 од КЗ на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани од Словенија стигна донација од 4.070 лепенки за третман на изгореници

„Супорт Кочани“ обезбеди донација од 4.070 силиконски лепенки за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Лепенките се донирани од граѓани кои живеат во Словенија, како и од словенечка фирма, додека транспортот бил овозможен со поддршка од компанијата Белдона ММС.
„Упатуваме голема благодарност до граѓаните и фирмата што беа вклучени во донацијата, до возачите на Белдона ММС и самата фирма, кои беспрекорно се погрижија за логистичкиот дел и за помалку од 24 часа овозможија донацијата да стигне до нас“, велат од „Супорт Кочани“.
Се додава дека донацијата е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме – од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови.
Македонија
ЕСМ за испадот на Блок 2: Имавме саботажа, се води истрага

ЕСМ реагира на денешните обвинувања на СДСМ за тендерот за технолошко чистење во РЕК Битола, тврдејќи дека се работи за лаги, а компанијата ги исполнила сите критериуми.
„Во врска со континуираните дрски и лажни обвинувања од СДСМ – уништувачите на македонскиот енергетски систем, ја информираме јавноста дека Техно Коп Плус ДООЕЛ Битола е избрана за компанија за технолошко чистење, откако ги исполнила сите наведени критериуми по јавниот повик. Овој понудувач, понудил за 30% пониска цена од досегашната договорна. Иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка. Договорот ќе биде склучен по истекот на овој период“, велат од ЕСМ.
Во однос на испадот на Блок 2 од мрежата, нагласија дека немало хаварија туку извесно е дека им се случила саботажа, а целиот настан во моментов е предмет на истрага од надлежните институции.
Во меѓувреме, додека технолошкото чистење од надворешни изведувачи е во прекин, се преземаат проактивни мерки за внатрешно справување со сите отворени прашања.
„Се вложуваат максимални напори за повторно ставање во функција на Блок 2 и Блок 3. И двата ќе бидат за многу кратко време спремни за синхронизација на мрежата а кој од нив ќе влезе, ќе одлучи раководството на РЕК Битола. Во овој период заради обемот на конзумот, нема потреба да “возиме” со 2 блока.
Во меѓувреме снабдувањето со електрична енергија во државата е целосно обезбедено. Ова се постигнува преку ТЕ Осломеј, зголеменото производство од хидроелектраните на АД ЕСМ, како и преку балансирана набавка и продажба на ел. енергија преку МЕМО“, се вели во реакцијата на ЕСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими Американци кои се на аџилак во земјава

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими група американски државјани предводени од Мајк Зафировски, кои од денеска престојуваат на аџилак во земјава.
Изразувајќи огромна благодарност за приемот, истакнатите и угледни членови на американското општество ја запознаа претседателката со мотивот и инспирацијата за посетата на земјава, како една од нивните три дестинации за аџилак, покрај Грција и Турција, посочувајќи дека на Македонија гледаат како на духовна и културна ризница со богата традиција и историско наследство.
Поздравувајќи го нивниот избор за аџилак, Сиљановска-Давкова им посака успех и изрази уверување дека ќе понесат незаборавни спомени и впечатоци од автентичноста на земјава и особено од Охрид, како дел од библискиот и цивилизациски мозаик. Како припадници на Епископалната црква, којашто ужива голем углед во американското општество, претседателката верува дека со нивната мисија, спознавање на различностите и промовирајќи мир и верба, ќе придонесат за зајакнување на вредностите на солидарност, толеранција и духовно единство.
Сиљановска-Давкова укажа на важната улога на македонската дијаспора во градењето на блиски врски меѓу американското и македонското општество, како додадена вредност на нашето стратешко партнерство со САД.
Таа упати благодарност до Мајк Зафировски за постојаните врски со татковината, заложбите преку „Македонија 2025“ за афирмација и промоција на земјава и посветеноста на проектите коишто го потикнуваат растот на македонската економија.
Соговорниците разменија мислења за актуелните состојби во светот и ги слушнаа ставовите на претседателката за глобалните предизвици и проблемите со кои се соочува државава во однос на надворешната политика.