Македонија
Измамници се претставуваат како банки и институции, МВР апелира граѓаните да не споделуваат лични податоци
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки за истрага и справување со телефонските измами кои се вршат преку техники на пренасочување на телефонски броеви и лажирање на Caller ID.
Овие измами, кои во последно време се сѐ почести, имаат за цел манипулирање на граѓаните и стекнување на доверливи податоци или финансиски средства. Измамниците најчесто се претставуваат како претставници на банки, јавни институции или компании со цел да ги измамат жртвите.
Секторот за компјутерски криминал изврши проверки во врска со телефонските измами и утврди дека за манипулација со повици можат да се користат повеќе алатки како што се:
1. VoIP Услуги: Услугите за глас преку интернет протокол (VoIP) овозможуваат корисниците да вршат повици преку интернет. Многу провајдери на VoIP нудат функции како пренасочување на повици, маскирање и рутирање преку виртуелни броеви.
2. Апликација за лажирање: Софтвер и апликации, како “SpoofCard” или слични алатки, овозможуваат корисниците да го изменат Caller ID што се прикажува. Овие алатки се често промовирани за приватни или деловни цели, но може да бидат злоупотребени.
3. PBX Системи (Приватни Разменувачки Мрежи): Бизнисите користат PBX системи за управување со дојдовни и излезни повици. Овие системи можат да пренасочуваат повици преку различни броеви и да го изменат Caller ID за професионални цели.
4. SIM Замена: Се однесува на измамнички техники каде што напаѓачите го пренесуваат бројот на жртвата на друга SIM картичка за да пресретнат повици и пораки.
Секторот за компјутерски криминал при МВР апелира до јавноста:
• Да бидете претпазливи при примање на телефонски повици од непознати броеви или од броеви кои се претставуваат како доверливи институции.
• Никогаш да не споделувате лични податоци, банкарски информации или лозинки преку телефон.
• Доколку се сомневате дека сте биле жртва на ваква измама, веднаш да го пријавите случајот во најблиската полициска станица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од снег низ целата држава, забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат. Врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава.
Од 05:45 часот тешките товарни возила поради врнежи од снег превентивно ќе се пренасочуваат од автопат А1 кај клучка Демир Капија до Смоквица по регионалниот патен правец (стариот пат) Р1102.
Активни забрани за тешките товарни возила:
· Гостивар – Маврово – Дебар
· Гостивар – Стража – Кичево
· Пресека
· Плетвар
· Ѓавато
· Струга – г.п. Ќафасан
· Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема)
· Струмица – Берово
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег
Времето денеска ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од -3 до 3 степени.
Во Скопје претежно облачно и студено со повремен снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе провејува слаб снег и ќе дува слаб до умерен северен ветер. Утринските температури насекаде ќе бидат негативни, а и дневните наместа ќе се задржат под нула. Потоа во следните денови ќе преовладува стабилно и натаму студено време, со ниски утринските температури кои поради разведрувањето дополнително ќе опаднат и наместа ќе се спуштат под -10 степени.
Скопје
Без вода дел од Центар
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради уличен дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-80мм на улицата Партениј Зографски бр 23, без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.