Македонија
За четири дена 2.450 сообраќајни прекршоци, уапсени 15 лица
Во периодот од 24 до 27 ноември како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.450 издадени платни налози, 454 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, соопшти МВР.
Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 15 лица, од кои 13 за возење под дејство на алкохол, а две лица за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 811 прекршоци за непрописно паркирање, 265 мерки се изречени за возачи кои управувале возило без возачка дозвола, девет санкции за минување на црвено светло, изречени се 33 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 15 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 132 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, како и 89 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно Законот за возила, 65 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 44 заради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за 17 возачи на моторни возила поради затемнети стакла односно непрописно вградени фолии.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.

